Нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2021-2023 година

Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Советот за ОВП, Мрежа на граѓански организации за ОВП а со поддршка од Секретаријатот за Отворено владино партнерство го подготви нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2020-2023 година.

Република Северна Македонија има препознаени резултатите во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во иницијативата за Отворено владино партнерство (ОВП), во 2011 година, Северна Македонија ја следеше посветено потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија за сите граѓани.

Петтиот  национален акционен план (НАП) се надоврзува на претходниот интензитет со преземање обврски за зголемување на учеството на јавноста и испорака на навистина трансформативни решенија. Исто така, ја препознава потребата јавниот сектор да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови.

Новиот план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година jа потврдува потребата од продлабочување на претходните обврски и подобрување на нивниот квалитетот. Тој е насочен кон заложби  за пристапот до правда, правното зајакнување на граѓаните и унапредување на правната заштита особено на  младите, маргинализирани групи и жени, унапредување на испораката на јавни услуги, продолжување на активностите поврзани со јавно објавување на информација за вистинските сопственици, отворањето на нови податоци како и активностите за спречување на корупцијата и заштита на животната средина и аерозагадувањето.  Се очекува дека по двегодишен период на реализација на заложбите утврдени во овој план ќе се обезбеди вистинско препознавање на резултатите а граѓаните ќе бидат во можност да ја потврдат промената.

Со цел да се обезбеди систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација, кој ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на новиот АП, во 2020 година беше утврден начинот на спроведување на процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година, како и Постапка за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот ОВП со  временска рамка, Јавен повик за пријавување на учество во процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година и Насоки за спроведување на прашалник за оценка на имплементацијата на мерките од НАП за ОВП 2018-2020 и потребата од нивно вклучување во новиот НАП.  Исто така беа подготвени и материјали кои произлегуваат од постапка за спроведување консултации: План за промовирање на јавниот повик, Едукативен материјал и Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП. Сите документи се достапни на порталот за ОВП.

Темелено на предвидлива и соодветно уредена постапка на процесот на ко-креирање во септември 2020 година во еден динамичен и инклузивен амбиент,  отпочна процесот на подготовка на петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година.

Во рамки на процесот на ко-креација, беа одржани 3 онлајн информативни – едукативни средби, 12 он-лајн средби за идентификување на потреби и проблеми, анализа на активностите што моментално се преземаат за решавање на проблемите, вклучени институции, приоретизирање на мерките, работилници за идентификување и развој на заложби како и над 60  индивидуални состаноци за утврдување и усогласување на предлог заложбите,  министерски состанокот за ОВП и две  е-работилници на тема Транспарентност и отчетност во јавниот сектор и Управување темелено на интересите и  потребите на граѓаните, кои обезбедија  финализирање на заложбите кои се дел од новиот акциски план.

МИОА ги повикува сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Националниот Акциски план за отворено владино партнерство. Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 16.08.2021 година на следниов e-mail: ovp@mioa.gov.mk.

МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК ОТВОРЕНО ВЛАДИНО ПАРТНЕРСТВО

Во рамки на редовната седница на Владата на Република Северна Македонија, којашто се одржа на 13ти април 2021 година, посебна точка беше посветена на концептот на Отворено владино партнерство (ОВП). Со таа цел на седницата се приклучи и генералниот директор на ОВП, од канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан.

Во своето воведно обраќање, премиерот Зоран Заев зборуваше за посветеноста на Владата во следење на принципите кои се темел на Отвореното владино партнерство. Тој се осврна на проширувањето на опфатот на ОВП во нашата земја, односно успехот да се  вметне и локалниот елемент, Собранието како законодавна институција (познат по иницијативата Отворен парламент) и судската власт (Отворено судство). Северна Македонија е меѓу првите држави кои го проширија опфатот со заложби наменети скоро кон сите институции. Со ова само покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада и за тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови. Премиерот Заев ја истакна и важноста од вклучување на сите засегнати страни во овој процес, особено граѓанскиот сектор кои се активни чинители како во создавањето така и во мониторингот на активностите. Преку оваа соработка со граѓанското општество, координирана од Фондацијата отворено општество Македонија, беше воспоставен Советот за координација и следење на процесот на ОВП, што претставува прв модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава.

Во своето обраќање, директорот на ОВП Санџај Прадхан, се осврна на главните цели кои треба да се постигнат со новиот петти Национален акциски план за ОВП во Северна Македонија за периодот од 2021 до 2023 година. Директорот Прадхан, го поздрави пристапувањето на Северна Македонија во Коалицијата за слобода на медиумите, каде членуваат 35 земји членки. Дополнително, тој ги поздрави заложбите за следење на ОВП и во реформите во правосудството.
„Вие во Северна Македонија бевте инспиративни лидери како прва земја од Западен Балкан што го искористи својот Акционен план за ОВП за унапредување на пристапот до реформите во правосудството. Би било важно да се спроведе вашата претходна заложба за подобрување на пристапот до правда за маргинализираните групи, особено за ромската заедница. Целосно спроведено, ова може да се сфати како примерна на глобалната практика. Исто така, ги поздравувам вашите нацрт заложби на ОВП за подобрување на пристапот до правда за социјално загрозените граѓани и жртвите на семејно насилство, како и за отворање на судските податоци и институциите пред граѓаните“, рече Прадхан.

По завршувањето на официјалниот дел, беше отворена дискусија каде останатите членови на Владата имаа можност да претстават дел од активностите кои произлегуваат од концептот на ОВП.

Во своето обраќање, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири зборуваше за соработката помеѓу МИОА и граѓанскиот сектор. Министерот Шаќири истакна дека во срцето на овој процес е партнерството, кое е неопходно во процесот на ко-креирање но, и во самата имплементација, следење и известување, за што е пуштен е во употреба порталот за Отворено владино партнерство.

Во дискусијата се вклучи и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој напомена дека со промената на законската рамка, ефективниот пристап до правдата е знaчително подобрен со тоа што механизмот за бесплатна правна помош стана подостапен за различни категории на граѓани, особено за ранливите групи.

Министерката Радмила Шекеринска рече дека иако на агендата на Министерството на одбрана приоритет беше влезот во НАТО и политичка и оперативна подготовка за пристапување кон Алијансата, второто прашање на кое се посвети внимание беа транспарентноста и интегритетот.

Министерката Шахпаска, во својата презентација го истакна Проектот за подобрување на социјалните услуги, што претставува значаен чекор напред во приближување на социјалните услуги во местото на живеење на оние на кои помошта им е неопходна.

Заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, се осврна на новиот Национален регистар на вистински сопственици, подготвен во соработка со Централниот регистар.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање истакна дека фискалната транспарентност е највисоко ниво на фискална контрола. Тој потсети и на дел од алатките за транспарентност како што се: Отворени финансии, Фискален бројач, Јавен долг, Граѓански буџет и Календар на даночна регулатива.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи ја претстави единствената точка за контакт за информации за државна помош.

Министерот за здравство, Венко Филипче се осврна на неопходноста од редовно информирање и транспарентност за време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19.

Директорот на ОВП Прадхан, ги поздрави заложбите на сите институции вклучени во процесот на Отворено владино партнерство и  Владата на Северна Македонија ја посочи како пример којшто ќе го презентира и пред останатите држави кои се дел од ОВП.
„Ова е една од најинспиративните работилници на кои сум присуствувал. Особено затоа што имам можност да разговарам со сите министри на седница на Влада. Со Ваша дозвола би го споделил овој пример како мотивација за останатите влади“, заклучи Прадхан.

Одржана седма седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020

29 Декември, 2020

На 28 декември се одржа седмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 (Совет).

На седницата присуствуваа членовите: Маја Петковска Лесес – Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност; Мартин Тодевски – Центар за управување со промени; Герман Филков – Центар за граѓански комуникации; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата; Миша Поповиќ – Институт за демократија „Социетас Цивилис“; Горан Мојаноски – Министерство за финансии;  Надица Јосифовски – Министерство за информатичко општество и администрација; Благица Димитровска – Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија. На седмата седница на Советот присуствуваа и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство,  Адриан Абази, Станислав Василевски – Министерство за информатичко општество и администрација и Даниел Кипријановски – Интелигента.

Седмата седница на Советот се одржа по електронски пат преку нововостпоставената ОВП платформа https://ovp.gov.mk/ која официјално е во употреба од 9 декември 2020 година.

 

Согласно дневниот ред, покрај усвоениот записник од претходната седница на Совет одржана на 02.11.2020, беше усвоена и Информацијата за резултатите на работната група за спроведување на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година со финален извештај за самооценување.

 

Дополнително фацилитаторите на тематските работни групи информираа за досегашната работа во процесот на ко-креирање на новиот акциски план за Оворено владино партнерство 2021-2023 за секоја приоритетна област каде досега се имаат одржано по три редовни консултативни состаноци  и 20 поединечните состаноци помеѓу преставници на граѓанскиот сектор и јавниот сектор со цел подетално и посуштинско дообрајснување и формулирање на идентификуваните проблеми.