Секој има своја приказна, но заедно имаме мисија – со правно зајакнување и пристап до правда до адресирање на правните проблеми на граѓаните

Како резултат на залагањата на Фондација Отворено општество – Македонија и поддршка од Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика, Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која ја вклучи приоритетната област Пристап до правда во четвртиот Национален Акциски план за Партнерство за отворена власт 2018‒2020 преку две заложби за еднаков пристап до правда.

Вклучувањето на ​Пристап до правда, освен за сите​ граѓани е од особена важност за маргинализираните заедници.

Погледенете ја видео сторијата во продукција на Open Government Partnership за тоа како правното зајакнување и пристапот до правда на Станица ПЕТ (членка на неформалната Мрежа за правно зајакнување) овозможи системски да се адресира еден долгогодишен проблем на граѓаните од ромската заедница во Прилеп.

Прочитајте повеќе:

https://fosm.mk/current-project/sekoj-ima-svoja-prikazna-no-zaedno-imame-misija-so-pravno-zajaknuvane-i-pristap-do-pravda-do-adresirane-na-pravnite-problemi-na-graganite/

Видео сторијата погледнете ја на следниот линк:

https://www.facebook.com/watch/?v=1021176602136136

Северна Македонија се приклучува во глобалната недела на Партнерството за отворена власт

Со информативна мини-кампања на социјалните мрежи, преку „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект финансиран од Швајцарија, Северна Македонија се приклучува на глобалната недела на Партнерството за отворена власт што се одржува од 16 до 20 мај. Повеќе од 150 земји и илјадници партнери во светот се дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), а меѓу нив од самиот почеток во 2011 година е и Северна Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

Во Северна Македонија преку низа активности за зголемување на институционалната транспарентност и отчетност, граѓаните ќе добијат подобрен пристап до Собранието. Новиот портал за отворени податоци, редизајнираната собраниската интернет-страница, функционалниот ТВ-канал, како и регистарот на граѓански организации креираат широка платформа преку која граѓаните полесно ќе можат да стапат во контакт со законодавната власт. Со овој системски пристап граѓаните и граѓанските организации ќе можат да дадат поголем придонес во законодавниот процес.

 

Пристапот до информациите ќе биде олеснет со портал за отворени податоци којшто првично ќе содржи 21 сетови на отворени податоци кои што ќе бидат слободни за користење. Информациите од Собранието, како седници, говори и податоци за гласање, ќе бидат достапни во формат за машинско читање. Ќе биде овозможено и напредно пребарување, а граѓаните ќе можат да стигнат и до податоци од е-парламент системот, како и новата интернет-страница на Собранието.

Граѓаните ќе добијат побрз и поквалитетен пристап до информациите со новата интернет-страница на Собранието. Таа ќе има поедноставен изглед, а ќе содржи опции за напредно пребарување, говори, податоци за гласања и други збогатени податоци. Законодавниот процес ќе може да се следи во реално време, а повеќе видео-стримови ќе бидат достапни истовремено. Новата интернет-страница ги следи најдобрите светски практики и има за цел да ја подобри комуникацијата со јавноста и со граѓанскиот сектор.

 

Информирањето на граѓаните ќе биде унапредено со целосно функционален Собраниски ТВ-канал. Тоа подразбира обезбедување нова опрема за студиото кое што ќе донесе дигитален и поквалитетен сигнал, онлајн-стриминг што ќе биде интегриран со новата собраниска интернет-страница, можности за видео- пребарувања и други опции. Ова ќе придонесе и до однапред дефинирана програмска шема, зајакнати капацитети за собраниска продукција, како и ангажман и обука за лица кои што ќе работат на емитувањето.

Пандемијата ја нагласи потребата за работа од далечина, а во услови кога тоа е потребно, работата на собраниските тела e олеснета преку новиот систем и опрема за видео-конференции. Овие алатки овозможуваат поефикасна и поотворена комуникација во рамки на комисиите, како и со други парламенти и со јавноста. На глобално ниво, парламентите непрекинато функционираат благодарение на техниките за онлајн-комуникација и конференции, што како можност сега е достапно и за Собранието.

 

Одржана втора седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година

Скопје, 29 април 2022

На 29 април 2022 се одржа втората видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година. На седницата беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања за функционирањето на Советот, како усвојување на Деловникот за работа на Советот и избор на ко-претседатели на Советот. Членовите на Советот беа информирани за тековните состојби за Партнерството за отворена власт (ПОВ),  за проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на НАП за ПОВ 2021-2023“ и за тековните активности поврзани со Отворен парламент и Отворено судство.

На седницата активно учество земаа 13 членови и  2 заменици членови на Советот претставници на органите на државната власт и граѓанските организации. Гордана Гапиќ Димитровска, национален координатор на Република Северна Македонија за ПОВ имаше улога на организатор и претседавач на оваа седница.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред и усвојувањето на записникот од Конститутивната седница на  Советот одржана на 11.03.2022, членовите на Советот го разгледаа и усвоија и Деловникот за работа на Советот. За усвојувањето на записникот и на Деловникот беше применето електронско гласање.

Членовите на Советот, по пат на електронско гласање ги избраа и двајцата ко-претседатели на Советот – еден од членовите кои ги претставуваат органите на државната власт и еден од членовите кои ги претставуваат граѓанските организации. Од номинираните двајца претставници од институциите и двајца претставници од граѓанските организации, Советот ги изгласа своите ко-претседатели: Гордана Гапиќ Димитровска, од  Министерство за информатичко општество и администрација и Ивона Сталевска од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

* * *

Советот за  координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023  е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16  члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена  власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација .

ОСНОВАН СОВЕТОТ ЗА ОТВОРЕНО СУДСТВО И ПОТПИШАНА ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОТВОРЕНО СУДСТВО

На 30 март, 2022 година во просториите на Врховниот суд на Република Северна Македонија беше основан Советот за отворено судство. Во рамки на настанот беше потпишана и Декларацијата за Отворено судство, од страна на членовите на Советот на отворено судство.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Советот за Отворено судство претставува тело во кое членуваат по еден претставник од сите судски инстанци и претставници на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители како и претставници од шест здруженија на граѓани.

Декларацијата за Отворено судство како дел од програмата Партнерство за отворена власт претставува заложба која има за цел да придонесе кон зголемено граѓанско учество и зголемен пристап од страна на граѓаните во однос на работата на судството во Република Северна Македонија.

 

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во своето обраќање истакна дека отвореното судство е клучно за зголемување на позитивната перцепција, а со тоа и за зголемена доверба на граѓаните во однос на работата на судовите.

„Врховниот суд на РСМ како носител на судската власт ја има и должноста да обезбеди воедначена примена на законите што е предуслов за еднаква правда за сите граѓани заснована на воспоставена судска практика со што ќе се почитува начелото на правна сигурност, но во исто време ќе се обезбеди и отвореност на податоците и работата на судовите како институции кои се надлежни за правораздавање“, нагласи Адеми.

 

На денешниот настан обраќање имаше и програмскиот раководител од Центарот за правни истражувања и анализи, г-дин Жарко Хаџи–Зафиров, кој истакна дека Советот за отворено судство има за цел ја зајакне транспарентноста и отвореноста на судството, но и да даде придонес во кохабитацијата на трите власти, законодавна, извршна и судска.

 

Исто така, на настанот се обрати и г-дин Paul Maassen, претставник од Партнерството за отворена власт, кој посочи дека основањето на Советот е во духот на партнерството за отворена власт и претставува пример за отвореноста на судскиот систем кон граѓаните и кон граѓанскиот сектор.

 

Повик до граѓански сектор за пријавување членство во Совет за ПОВ

Партнерство за отворена власт (ПОВ)[1] претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон креирање и спроведување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Граѓанскиот сектор акумулира огромна креативна енергија која треба да се користи п(р)оактивно во јавниот сектор преку подобрување и негување на културата на вклученост и почитување на правата на сите граѓани во процесот на креирање политики и носење одлуки, закони и пристап до информации.

Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт (во натамошниот текст Мрежа за ПОВ) се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ПОВ во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата за ПОВ учествува и придонесува за воспоставување структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година (во натамошнит текст: НАП за ПОВ 2021-2023 година).

 

Оттука, врз основа на член 55 став (1) од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ број 58/00, 44/02, 82/08, 167/10, 51/11 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 6/19 и 110/19), а во врска со Насоките за управување и учество во иницијативата за Партнерство за отворена власт и Стандардите за ко-креирање и дизајнирање на форум со повеќе засегнати страни, Министерот за информатичко општество и администрација донесе Упатство за начинот на формирање и работа на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт број 16-4844/1, 20.12.2021 година врз чија основа Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт објавува:

 

 

 

 

 

 

ОТВОРЕН ПОВИК

за изразување на интерес за членување на претставници од заинтересирани граѓански организации во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година

 

Отворениот повик треба да овозможи пријавување на 8 (осум)[2] претставници од заинтересирани граѓански организации кои ги споделуваат вредностите на Партнерството за отворена власт и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите и ги применуваат тие принципи во своето работење, за нивно учество во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година (во натамошнит текст: Советот за ПОВ) при процесот на спроведување и следење на НАП за ПОВ 2021-2023 година.

 

Советот за ПОВ 2021-2023 година е советодавно тело за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови. Членувањето во Советот за ПОВ е доброволно и без надомест. Советот за ПОВ има клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на ПОВ, низ циклусот на планирање, во развојот на НАП и во спроведувањето, следењето и известувањето за НАП. Совет за ПОВ се формира за да се поттикне транспарентноста и отвореноста на работата на органите на државна управа, како и други институции на државната власт и да се поттикне учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата ПОВ во Република Северна Македонија; да се обезбеди меѓусекторска соработка и да се воспостават јасни, структурирани и трајни механизми за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество; да се зголеми учеството на граѓанското општество во процесите на ПОВ и во подготовката на акциските планови за ПОВ и за поддршка, поттикнување и следење на спроведувањето на тековниот акциски план.

 

Преку членство во Советот за ПОВ пријавените учесници ќе можат да обезбедат свој придонес при спроведување и следење на заложбите во состав на петте приоритетни области од НАП за ПОВ 2021-2023: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност; Спречување на корупција и промовирање на добро владеење; Испорака на јавни услуги, Пристап до правда и Животна средина и климатски промени и да влијаат во процесот за нивна навремена, непречена и успешна реализација, како и на заложбите во состав на Акциските планови на Отворено судство и Отворен парламент 2021-2023 година.

Со овој повик се покануваат сите заинтересирани граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/10, 135/11 и 55/16) да се пријават преку доставување на приложената пријава  и потребните документи* со кои се докажува исполнувањето на критериумите.

Рокот за поднесување на пријавите е 13 јануари (четврток) 2022 година.

 

 

Пријавувањето за членство во Совет за координација и следење на НАП за ПОВ 2021-2023 година се врши по електронски пат, со доставување на пополнета пријава и потребните документи* на следната електронска адреса: POVSovet@fosm.mk

Отворениот повик се објавува на веб страницата www.ovp.gov.mk.

 

Јавниот повик се објавува најдоцна седум дена по усвојување на Упатството за начинот на формирање и работа на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт, а изборот на членовите на Советот за ПОВ кои се претставници на граѓанските организации се врши од страна на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт најдоцна 14 дена од истекувањето на рокот за поднесување на пријавите.

По разгледување на пријавите од страна на Мрежата за ПОВ, организациите кои изразиле интерес за членство во Советот за ПОВ ќе бидат информирани за процесот и избраните членови.

 

 

ПРИЈАВА

за изразување интерес за членство во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година

 

I Основни податоци за организацијата:

 

Назив на организацијата: …………………………………………………………………..

Скратен назив: ………………………………………………

Адреса/општина: ………………………………………………………………………………

Контакт информации (телефон, е-адреса): ………………………………………………………………………

Интернет страница:  …………………………………………

 

II Претставници на вашата организација во Советот за ПОВ

 

Претставник/претставничка на организацијата во Советот за ПОВ

Име и презиме: ……………………………………………………………….

Функција/позиција: ……………………………………………………………….         

Телефон: ……………………………………………………………….

Е-пошта: ……………………………………………………………….

Накратко дадете опис на Вашето искуството во областа (наведете референца или линк од некој документ или веб-страна, референца од конкретен извештај, анализа или слично)

 

Која е вашата мотивација за членство во Советот за ПОВ?

 

Што очекувате дека можете да добиете како член на Советот за ПОВ, а што можете да понудите?

(до 200 збора)

…………………………………………………………………………………….

 

Заменик претставник/претставничка на организацијата во Советот за ПОВ

Име и презиме: ……………………………………………………………….

Функција/позиција: ……………………………………………………………….        

Телефон: ……………………………………………………………….

Е-пошта: ……………………………………………………………….

Накратко дадете опис на Вашето искуството во областа (наведете референца или линк од некој документ или веб-страна, референца од конкретен извештај, анализа или слично)

 

Која е вашата мотивација за членство во Советот за ПОВ?

 

Што очекувате дека можете да добиете како член на Советот за ПОВ, а што можете да понудите?

(до 200 збора)

…………………………………………………………………………………….

 

 

III Критериуми за членство

 

Изјави за интерес и поддршка

Организацијата изразува интерес за учество во Советот за ПОВ;

Организацијата е формален субјект регистриран во земјата согласно Законот за здруженија и фондации, на …………………………………… (датум на регистрација);

Организацијата ја поддржува Декларацијата за Партнерство за отворена власт;

Организацијата ги споделува основните вредности на Партнерство за отворена власт:

  • партиципативност
  • отвореност и
  • отчетност

и истите ги применува во својата работа и се залага да бидат применети од страна на соработниците, партнерите, донаторите, грантистите и институциите на локално и централно ниво.

 

Области

Организацијата активно работи, со фокус на следните области: ……………………………………………… (области на дејствување).

Организацијата изразува интерес за вклученост во активности на Советот во следните области на ОВП, во кои има знаење и искуство:

 

граѓанско учество во креирање на јавните политики;

застапување за транспарентост на властите (на локално или централно ниво);

застапување за отчетност на властите (на локално или централно ниво).

 

 

Кандидатите за членови и заменици на Советот за ПОВ кои ги претставуваат граѓанските организации треба да:

 

се дел од организација која е регистрирана согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16) најмалку пет години, а која делувала најмалку пет години во барем една од областите кои се дел од заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт;

имаат лично искуство од најмалку пет години во барем една од областите (примарна област за кандидатот) кои се дел од заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт;

учествувале во барем еден циклус на креирање на Националниот акциски план за ПОВ преку работните групи за ПОВ;

не се членови на органи на политичка партија;

не се избрани или именувани лица, и

не се вработени во институциите на државната власт.

 

Се смета за предност доколку кандидатот има лично искуство од најмалку три години во повеќе од една од областите кои се дел од заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт за кој се формира Советот за ПОВ, односно доколку кандидатот има најмалку три години искуство во секундарна област опфатена со заложбите.

 

*Потребни документи со кои се докажува исполнувањето на критериумите и кои треба да бидат доставени заедно со пријавата за членство во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година:

  • Годишен извештај за работата на граѓанската организација од минатата година (2020г.);
  • Тековна состојба на граѓанската органзиација (не постара од 6 месеци);
  • Статут на граѓанската организација;
  • Кратка биографија на кандидатите за членови и заменици на Советот за ПОВ;
  • Изјава од кандидатите за членови и заменици на Советот за ПОВ дека не се членови на органи на политичка партија, не се избрани или именувани лица и не се вработени во институциите на државната власт.

 

За спроведениот отворен повик, Координаторот на Мрежата за ПОВ доставува информација, придружена со записник од постапката за избор и кандидирање на членови на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации до Националниот координатор за ПОВ, како и избрани членови на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации. Информација за избраните членови и заменици на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации се објавува на веб страницата www.ovp.gov.mk

Доколку по спроведување на отворениот повик не се пополнат сите 8 (осум) места за членови на Советот за ПОВ, Мрежата за ПОВ повторно распишува повик за избор на членови и за тоа го известува Националниот координатор за ПОВ.

Повторното распишување на повикот не претставува пречка за назначување членови за работа на Советот за ПОВ доколку листата на избрани членови на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации има најмалку пет избрани членови.

Фусноти

[1] Со прифаќање на НАП5 2021-2023 г. од страна на Владата на Република Северна Македонија, Отвореното владино партнерство (ОВП) се преименува во Партнерство за отворена власт (ПОВ).

 

[2] Согласно член 5 од Упатството за начинот на формирање и работа на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт број 16-4844/1 од 20.12.2021 година, Советот за ПОВ е составен од 16  члена со еднаков број членови од институциите и од граѓанското општество.

 

Нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2021-2023 година

Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Советот за ОВП, Мрежа на граѓански организации за ОВП а со поддршка од Секретаријатот за Отворено владино партнерство го подготви нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2020-2023 година.

Република Северна Македонија има препознаени резултатите во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во иницијативата за Отворено владино партнерство (ОВП), во 2011 година, Северна Македонија ја следеше посветено потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија за сите граѓани.

Петтиот  национален акционен план (НАП) се надоврзува на претходниот интензитет со преземање обврски за зголемување на учеството на јавноста и испорака на навистина трансформативни решенија. Исто така, ја препознава потребата јавниот сектор да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови.

Новиот план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година jа потврдува потребата од продлабочување на претходните обврски и подобрување на нивниот квалитетот. Тој е насочен кон заложби  за пристапот до правда, правното зајакнување на граѓаните и унапредување на правната заштита особено на  младите, маргинализирани групи и жени, унапредување на испораката на јавни услуги, продолжување на активностите поврзани со јавно објавување на информација за вистинските сопственици, отворањето на нови податоци како и активностите за спречување на корупцијата и заштита на животната средина и аерозагадувањето.  Се очекува дека по двегодишен период на реализација на заложбите утврдени во овој план ќе се обезбеди вистинско препознавање на резултатите а граѓаните ќе бидат во можност да ја потврдат промената.

Со цел да се обезбеди систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација, кој ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на новиот АП, во 2020 година беше утврден начинот на спроведување на процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година, како и Постапка за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот ОВП со  временска рамка, Јавен повик за пријавување на учество во процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година и Насоки за спроведување на прашалник за оценка на имплементацијата на мерките од НАП за ОВП 2018-2020 и потребата од нивно вклучување во новиот НАП.  Исто така беа подготвени и материјали кои произлегуваат од постапка за спроведување консултации: План за промовирање на јавниот повик, Едукативен материјал и Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП. Сите документи се достапни на порталот за ОВП.

Темелено на предвидлива и соодветно уредена постапка на процесот на ко-креирање во септември 2020 година во еден динамичен и инклузивен амбиент,  отпочна процесот на подготовка на петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година.

Во рамки на процесот на ко-креација, беа одржани 3 онлајн информативни – едукативни средби, 12 он-лајн средби за идентификување на потреби и проблеми, анализа на активностите што моментално се преземаат за решавање на проблемите, вклучени институции, приоретизирање на мерките, работилници за идентификување и развој на заложби како и над 60  индивидуални состаноци за утврдување и усогласување на предлог заложбите,  министерски состанокот за ОВП и две  е-работилници на тема Транспарентност и отчетност во јавниот сектор и Управување темелено на интересите и  потребите на граѓаните, кои обезбедија  финализирање на заложбите кои се дел од новиот акциски план.

МИОА ги повикува сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Националниот Акциски план за отворено владино партнерство. Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 16.08.2021 година на следниов e-mail: ovp@mioa.gov.mk.

МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК ОТВОРЕНО ВЛАДИНО ПАРТНЕРСТВО

Во рамки на редовната седница на Владата на Република Северна Македонија, којашто се одржа на 13ти април 2021 година, посебна точка беше посветена на концептот на Отворено владино партнерство (ОВП). Со таа цел на седницата се приклучи и генералниот директор на ОВП, од канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан.

Во своето воведно обраќање, премиерот Зоран Заев зборуваше за посветеноста на Владата во следење на принципите кои се темел на Отвореното владино партнерство. Тој се осврна на проширувањето на опфатот на ОВП во нашата земја, односно успехот да се  вметне и локалниот елемент, Собранието како законодавна институција (познат по иницијативата Отворен парламент) и судската власт (Отворено судство). Северна Македонија е меѓу првите држави кои го проширија опфатот со заложби наменети скоро кон сите институции. Со ова само покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада и за тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови. Премиерот Заев ја истакна и важноста од вклучување на сите засегнати страни во овој процес, особено граѓанскиот сектор кои се активни чинители како во создавањето така и во мониторингот на активностите. Преку оваа соработка со граѓанското општество, координирана од Фондацијата отворено општество Македонија, беше воспоставен Советот за координација и следење на процесот на ОВП, што претставува прв модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава.

Во своето обраќање, директорот на ОВП Санџај Прадхан, се осврна на главните цели кои треба да се постигнат со новиот петти Национален акциски план за ОВП во Северна Македонија за периодот од 2021 до 2023 година. Директорот Прадхан, го поздрави пристапувањето на Северна Македонија во Коалицијата за слобода на медиумите, каде членуваат 35 земји членки. Дополнително, тој ги поздрави заложбите за следење на ОВП и во реформите во правосудството.
„Вие во Северна Македонија бевте инспиративни лидери како прва земја од Западен Балкан што го искористи својот Акционен план за ОВП за унапредување на пристапот до реформите во правосудството. Би било важно да се спроведе вашата претходна заложба за подобрување на пристапот до правда за маргинализираните групи, особено за ромската заедница. Целосно спроведено, ова може да се сфати како примерна на глобалната практика. Исто така, ги поздравувам вашите нацрт заложби на ОВП за подобрување на пристапот до правда за социјално загрозените граѓани и жртвите на семејно насилство, како и за отворање на судските податоци и институциите пред граѓаните“, рече Прадхан.

По завршувањето на официјалниот дел, беше отворена дискусија каде останатите членови на Владата имаа можност да претстават дел од активностите кои произлегуваат од концептот на ОВП.

Во своето обраќање, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири зборуваше за соработката помеѓу МИОА и граѓанскиот сектор. Министерот Шаќири истакна дека во срцето на овој процес е партнерството, кое е неопходно во процесот на ко-креирање но, и во самата имплементација, следење и известување, за што е пуштен е во употреба порталот за Отворено владино партнерство.

Во дискусијата се вклучи и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој напомена дека со промената на законската рамка, ефективниот пристап до правдата е знaчително подобрен со тоа што механизмот за бесплатна правна помош стана подостапен за различни категории на граѓани, особено за ранливите групи.

Министерката Радмила Шекеринска рече дека иако на агендата на Министерството на одбрана приоритет беше влезот во НАТО и политичка и оперативна подготовка за пристапување кон Алијансата, второто прашање на кое се посвети внимание беа транспарентноста и интегритетот.

Министерката Шахпаска, во својата презентација го истакна Проектот за подобрување на социјалните услуги, што претставува значаен чекор напред во приближување на социјалните услуги во местото на живеење на оние на кои помошта им е неопходна.

Заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, се осврна на новиот Национален регистар на вистински сопственици, подготвен во соработка со Централниот регистар.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање истакна дека фискалната транспарентност е највисоко ниво на фискална контрола. Тој потсети и на дел од алатките за транспарентност како што се: Отворени финансии, Фискален бројач, Јавен долг, Граѓански буџет и Календар на даночна регулатива.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи ја претстави единствената точка за контакт за информации за државна помош.

Министерот за здравство, Венко Филипче се осврна на неопходноста од редовно информирање и транспарентност за време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19.

Директорот на ОВП Прадхан, ги поздрави заложбите на сите институции вклучени во процесот на Отворено владино партнерство и  Владата на Северна Македонија ја посочи како пример којшто ќе го презентира и пред останатите држави кои се дел од ОВП.
„Ова е една од најинспиративните работилници на кои сум присуствувал. Особено затоа што имам можност да разговарам со сите министри на седница на Влада. Со Ваша дозвола би го споделил овој пример како мотивација за останатите влади“, заклучи Прадхан.

Одржана седма седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020

29 Декември, 2020

На 28 декември се одржа седмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 (Совет).

На седницата присуствуваа членовите: Маја Петковска Лесес – Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност; Мартин Тодевски – Центар за управување со промени; Герман Филков – Центар за граѓански комуникации; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата; Миша Поповиќ – Институт за демократија „Социетас Цивилис“; Горан Мојаноски – Министерство за финансии;  Надица Јосифовски – Министерство за информатичко општество и администрација; Благица Димитровска – Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија. На седмата седница на Советот присуствуваа и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство,  Адриан Абази, Станислав Василевски – Министерство за информатичко општество и администрација и Даниел Кипријановски – Интелигента.

Седмата седница на Советот се одржа по електронски пат преку нововостпоставената ОВП платформа https://ovp.gov.mk/ која официјално е во употреба од 9 декември 2020 година.

 

Согласно дневниот ред, покрај усвоениот записник од претходната седница на Совет одржана на 02.11.2020, беше усвоена и Информацијата за резултатите на работната група за спроведување на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година со финален извештај за самооценување.

 

Дополнително фацилитаторите на тематските работни групи информираа за досегашната работа во процесот на ко-креирање на новиот акциски план за Оворено владино партнерство 2021-2023 за секоја приоритетна област каде досега се имаат одржано по три редовни консултативни состаноци  и 20 поединечните состаноци помеѓу преставници на граѓанскиот сектор и јавниот сектор со цел подетално и посуштинско дообрајснување и формулирање на идентификуваните проблеми.