Одржана осма (информативна) седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Национланиот Акциски план за ОВП 2018 – 2020

На 20 јули 2021 се одржа осмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (Совет) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020.

На седницата учествуваа 9 членови на Советот: Ели Чакар – Министерство за локална самоуправа; Миша Поповиќ – Институт за демократија „Социетас Цивилис“; Снежана Камиловска Трповска – Македонски центар за меѓународна соработка; Теодора Обрадовиќ Грнчаровска – Министерство за животна средина и просторно планирање; Горан Мојаноски – Министерство за финансии; Дарко Антиќ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените; Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата и Надица Јосифовски – Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) како и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство при МИОА, Владимир Серафимовски од МИОА и Даниел Кипријановски – Интелигента како техничка поддршка на www.ovp.gov.mk

Поради оправдани причини, на веќе закажаната седница не беше во можност да присуствува ко-претседателката на Советот, Маја Петковска Лесес – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија,  па оттука осмата седница на Советот беше одржана како седница од информативен карактер без донесување на одлуки предвидени согласно дневниот ред.

Гордана Гапиќ Димитровска ја презентираше информацијата за резултатите на работните групи за ко-креирање на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023 (НАП за  ОВП 2021-2023) по приоритетни области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност, Спречување на корупција и промовирање на добро владеење, Испорака на јавни услуги и Пристап до правда.

Во продолжение на седницата, четворицата ко-фасилитатори на работните групи за ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 по приоритетни области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност (Герман Филков, преку снимено видео обраќање), Спречување на корупција и промовирање на добро владеење (Миша Поповиќ), Испорака на јавни услуги (Дарко Антиќ) и Пристап до правда (Ивона Сталевска), пред присутните членови на Советот ги презентираа предлог-заложбите за секоја приоритетна област одделно кои претходно беа одобрени од страна на одговорните институции и подносителите на заложбите. Процесот на ко-креација започна во септември 2020 година со цел да  се обезбеди навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на петтиот НАП за ОВП 2021-2023 година.

Дополнително, Гордана Гапиќ Димитровска ги извести членовите на Советот за Насоките за оценување на релевантноста и поврзаноста на предлог заложбите од процесот на ко-креирање на петтиот НАП за ОВП со начелата на ОВП Иницијативата.

По завршување на седницата, согласно Насоките, членовите на Советот ќе бидат во можност да ги оценат предложените заложби согласно Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП и Бодовникот за заложби во состав на Критериумите.

Гласањето по точките на дневен ред предвиден за осмата седница ќе се реализира на следната видео седница на Советот закажана за 23 јули 2021, кога ќе биде усвоен и Записникот од седмата седница на Советот, одржана на 28 декември 2020 година.

Нацрт Акциски план за Отворено судство 2021- 2023 година

Почитувани,

Пред нас се наоѓа првиот нацрт на Акцискиот план за Отворено судство како дел од Националниот акциски план за Отворено Владино Партнерство на Република Северна Македонија за периодот 2021-2023 година. Акцискиот план претставува спектар на заложби и активности кои правосудниот сектор ќе ги преземе во наредните две години со цел да се зајакнат, продлабочат и прошират напорите за унапредување на транспарентноста и отвореноста на судовите и судските институции во РСМ.

Република Северна Македонија е дел од Отвореното Владино Партнерство од 2011 година и досега успешно усвои и спроведе четири акциони планови (2012, 2014, 2016 и 2018 година). Собранието на Република Северна Македонија се приклучи на Отвореното Владино Партнерство во 2018 година во рамките на Акцискиот план 2018 – 2020 година, додека почнувајќи од годинава, во петтиот Национален акциски план (2021-2023) се наоѓа и судството со свои конкретни заложби за подобрување на транспарентноста и отвореноста на судовите и враќање на довербата на јавноста во судските институции.

Првиот Акциски план за Отворено судството беше развиен во широки дискусии и тркалезни маси помеѓу претседатели на судовите, судии и претставници на судската служба од сите судови во РСМ, претставници од Судскиот совет, Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на граѓанското општество (мониторинг организации) и останати експерти во областа. Консултациите кои беа извршени во периодот јануари-март 2020 година вклучуваа и учество на Националниот координатор за ОВП, Министерството за информатичко општество и администрација како носител на оваа активност. Идеите и потребите на институциите и граѓанскиот сектор темелно дискутирани на тркалезните маси, беа трансформирани во форма на Првиот Акциски план за отворено судство.

Оттука, ги повикуваме сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Акцискиот план за Отворено судство 2021-2022 година.

Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 20.07.2021 година (понеделник) на следните e-mail адреси: contact@ssrm.mk, mja@mja.org.mk,  и contact@cpia.mk .

Е-работилница „Управување темелено на интересите и потребите на граѓаните“

На 4 јуни се одржа е-работилница „Управување темелено на интересите и потребите на граѓаните“на која учествуваа претставници од институциите, граѓанското општество и претставници на Секретаријатот за Отворено владино партнерство (ОВП).

Република Северна Македонија е дел од глобалната инцијатива Отворено владино партнерство, меѓународна платформа преку која соработуваат институциите и граѓанското општество со дел да се обезбеди транспарентност и отчетност на властите пред граѓаните. Согласно прифатените обврски, Северна Македонија има усвоено четири Акциски планови (2012, 2014, 2016 и 2018) и постојано работи на подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавните институции, зголемување на транспарентноста и пристапот до информации, унапредување на квалитетот на јавните услуги за граѓаните и деловните субјекти.

 

Во моментот активно се работи на финализирање на петтиот ОВП Акциски план 2021-2023 во рамки на приоритетните области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност; Спречување на корупција и промовирање на добро владеење; Испорака на јавни услуги и Пристап до правда.

Е-работилницата имаше за цел да обезбеди финализирање на заложбите, од приоротетните области Пристап до правда и Испорака на јавни услуги, кои ќе бидат вклучени во новиот акциски план преку соодветен преглед на веќе сработеното во тесна соработка со клучните службеници од институциите и преставници на граѓанските организации, преку:

· подобрено разбирање за ОВП неговите барања, насоки и добрите практики на Советот за ОВП и Мрежата на граѓански организации за ОВП;

· запознавање со статусот и резултатите од процесот на ко-креација на Националниот акциски план;

· утврдување на важноста и придобивките од дијалогот при финализирање на заложбите што треба да бидат вклучени во Националниот акциски план на ОВП;

· обврзување за понатамошна вклученост и учество во процесите на финализирање на НАП 2021-2023.

Стратешкиот дел од е-работилницата на која учествуваа 50 учесници, го отвори ГОРДАНА ГАПИЌ ДИМИТРОВСКА, Национална координаторка за ОВП во РСМ, која даде осврт во целите на работилницата и истакна дека овој настан претставува продолжение на Министерскиот состанок чиј домаќин беше Премиерот на Владата на РСМ каде беше потврдена заложбата на Владата да ги продолжи своите напори за подобрување на ефикасноста и ефективноста во јавните институции преку употреба на технологии и иновативни решенија за пресретнување на интересите и потребите на граѓаните бидејќи оваа работилница е плод на досегашната соработката помеѓу јавните службеници и граѓанскиот сектор.

Беше потенцирано дека по е-работилницата ќе претстојат дополнителни куси состаноци помеѓу подносителите на заложбите и надлежните институции со цел финализирање на содржината и комплетирање на петтиот Национален акциски план кој наредниот месец треба да влезе во владина процедура за негово усвојување.

ПОЛ МАСЕН, Генерален секретар, ОВП, го истакна значењето за РСМ на ОВП иницијативата осврнувајќи се на стратешката поддршка од ОВП на национално и локално ниво. Истакна дека особено ги цени сите достигнувања направени до сега од вклучувањето на земјата во ОВП иницијативата во 2011 и политичката волја, силната посветеност и колективното разбирање на Владата во реформската агенда за што сведочеше и Министерската средба на високо ниво одржана во април 2021 година. Оттука, нагласи дека РСМ е една од приоритетните земји на ОВП кои ја уживаат поддршката од Секретаријатот за ОВП и дека служи како пример за добри практики и успешни реформи.

Посочи дека се видливи првите напредоци во областа Пристап до правда и Испорака на јавни услуги, темите кои беа предмет на работа особено во вториот дел од средбата со цел да се прифатат заложби, процеси и идеи кои ќе обезбедат нов, ефикасен и ефективен начин на кој властите ќе им служат на граѓаните и ќе одговорат на нивните потреби.

Истакна дека радува вклучувањето на заложби во областа Пристап до правда и во следниот АП кои се однесуваат на маргинализираните групи граѓани, особено што претставува продолжување на успешната имплементација на заложбите од циклусот 2018-2020, преку кои РСМ е единствената земја од Западен Балкан која областа Пристап до правда ја предвиде како составен дел од ОВП АП 2018-2020 и служи како инспирација и пример за останати земји ширум светот да ја сторат истата добра и успешна практика.

Во делот Испорака на јавни услуги се осврна на нивното значење како платформа за дијалог за најразлични прашања и важноста од обезбедување на инклузија за сите граѓани и одговор од Владата. Она што е особено важно, додаде Пол Масен е да се обезбеди имплементација на предложените заложби, односно реѕлтати кои ќе доведат до подобрување на животите на сите граѓани.

Во продолжение, челновите на Советот за ОВП, ИВОНА СТАЛЕВСКА, Фондација Отворено општество – Македонија и ДАРКО АНТИЌ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, го презентираа статусот на предлог-заложбите во приоритетните области Пристап до правда и Испорака на јавни услуги.

Сталевска и Антиќ хронолошки го презентираа консултативниот процес на ко-креација во двете области,  започнувајќи од изработката на документите кои го регулираат процесот, одржаните 3 онлајн информативни средби за едукација, 12 онлјан средби за идентификување на проблеми, одговорни институции и потребата од нивно можно преточување во заложби и низа индивидуални состаноци, со институции и граѓански организации во секоја област одделно. Дополнително, ги информираа присутните за идентификувани проблеми во областите од почетокот на консултативниот процес и нивното преточување во нацрт-заложби за петтиот ОВП АП 2021-2023, давајќи осврт на нивната содржина, подносителите на секоја заложба одделно и водечкитеинституции заедно со останати вклучени субјекти важни за спроведување на заложбите.

Одговор обезбедија  државните секретари на Министерството за правда, ФОРСИНА ТАСЕВСКА и Министерството за труд и социјална политика, РЕСМИ ЕЈУПИ кои ги поздравија напорите и соработката со граѓанскиот сектор и дадоа осврт кон секоја предлог-заложба одделно во наделжност на својата институција

Во нивните излагања дадоа поддршка на процесот и упатија на потребата од вклучување на предложените заложби во следниот акциски план по доуредување на содржина.

Членовите на Советот за ОВП, Ивона Сталевска и Дарко Антиќ го фасилитираат оперативниот дел од е-работилницата каде беа дискутирани нацрт-заложбите од двете области за кои беше увидено дека има потреба од дополнителна доработка и усогласување на дел од содржината. Работата беше координирана од конуслтантот Мајкл Кањарес и претставници на Секретаријатот за ОВП, каде врз основа на развиени прилози за работа во работни групи преку дискусија помеѓу подносителите на нацрт-заложбите и надлежните иснтитуции беше постигната целта на работилницата.

Со цел финализирање на заложбите од приоритетните области Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност и Спречување на корупција и промовирање на добро владеење, на 14 јуни 2021 ќе биде одржана и втората е-работилница „Транспарентност и отчетност во јавниот сектор“.

Акциски план 2021-2023 на Собранието на Република Северна Македонија: јавни консултации со граѓанското општество

21 мај,

 

На 21 мај, за време на седмицата за отворена власт (OpenGovWeek), Собранието на Република Северна Македонија ќе го вклучи граѓанското општество преку јавнa консултацija за ко-креираниот нацрт Акционен план на Собранието 2021-2023 година. Хибридниот настан е отворен за сите граѓански организации од Северна Македонија, обезбедувајќи можност да се информира и вклучи граѓанското општество во понатамошниот развој на Акцискиот план на Собранието за 2021-2023 година како и да се потврдат заложбите на Собранието.

 

Линк до хибриден настан: https://us02web.zoom.us/j/83890564358

Агенда: АГЕНДА Хибриден настан – OGP, Собрание (21 мај 2021)

Програма за парламентарна поддршка, НДИ, ИДСЦС и ЦУП

МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК ОТВОРЕНО ВЛАДИНО ПАРТНЕРСТВО

Во рамки на редовната седница на Владата на Република Северна Македонија, којашто се одржа на 13ти април 2021 година, посебна точка беше посветена на концептот на Отворено владино партнерство (ОВП). Со таа цел на седницата се приклучи и генералниот директор на ОВП, од канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан.

Во своето воведно обраќање, премиерот Зоран Заев зборуваше за посветеноста на Владата во следење на принципите кои се темел на Отвореното владино партнерство. Тој се осврна на проширувањето на опфатот на ОВП во нашата земја, односно успехот да се  вметне и локалниот елемент, Собранието како законодавна институција (познат по иницијативата Отворен парламент) и судската власт (Отворено судство). Северна Македонија е меѓу првите држави кои го проширија опфатот со заложби наменети скоро кон сите институции. Со ова само покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада и за тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови. Премиерот Заев ја истакна и важноста од вклучување на сите засегнати страни во овој процес, особено граѓанскиот сектор кои се активни чинители како во создавањето така и во мониторингот на активностите. Преку оваа соработка со граѓанското општество, координирана од Фондацијата отворено општество Македонија, беше воспоставен Советот за координација и следење на процесот на ОВП, што претставува прв модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава.

Во своето обраќање, директорот на ОВП Санџај Прадхан, се осврна на главните цели кои треба да се постигнат со новиот петти Национален акциски план за ОВП во Северна Македонија за периодот од 2021 до 2023 година. Директорот Прадхан, го поздрави пристапувањето на Северна Македонија во Коалицијата за слобода на медиумите, каде членуваат 35 земји членки. Дополнително, тој ги поздрави заложбите за следење на ОВП и во реформите во правосудството.
„Вие во Северна Македонија бевте инспиративни лидери како прва земја од Западен Балкан што го искористи својот Акционен план за ОВП за унапредување на пристапот до реформите во правосудството. Би било важно да се спроведе вашата претходна заложба за подобрување на пристапот до правда за маргинализираните групи, особено за ромската заедница. Целосно спроведено, ова може да се сфати како примерна на глобалната практика. Исто така, ги поздравувам вашите нацрт заложби на ОВП за подобрување на пристапот до правда за социјално загрозените граѓани и жртвите на семејно насилство, како и за отворање на судските податоци и институциите пред граѓаните“, рече Прадхан.

По завршувањето на официјалниот дел, беше отворена дискусија каде останатите членови на Владата имаа можност да претстават дел од активностите кои произлегуваат од концептот на ОВП.

Во своето обраќање, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири зборуваше за соработката помеѓу МИОА и граѓанскиот сектор. Министерот Шаќири истакна дека во срцето на овој процес е партнерството, кое е неопходно во процесот на ко-креирање но, и во самата имплементација, следење и известување, за што е пуштен е во употреба порталот за Отворено владино партнерство.

Во дискусијата се вклучи и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој напомена дека со промената на законската рамка, ефективниот пристап до правдата е знaчително подобрен со тоа што механизмот за бесплатна правна помош стана подостапен за различни категории на граѓани, особено за ранливите групи.

Министерката Радмила Шекеринска рече дека иако на агендата на Министерството на одбрана приоритет беше влезот во НАТО и политичка и оперативна подготовка за пристапување кон Алијансата, второто прашање на кое се посвети внимание беа транспарентноста и интегритетот.

Министерката Шахпаска, во својата презентација го истакна Проектот за подобрување на социјалните услуги, што претставува значаен чекор напред во приближување на социјалните услуги во местото на живеење на оние на кои помошта им е неопходна.

Заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, се осврна на новиот Национален регистар на вистински сопственици, подготвен во соработка со Централниот регистар.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање истакна дека фискалната транспарентност е највисоко ниво на фискална контрола. Тој потсети и на дел од алатките за транспарентност како што се: Отворени финансии, Фискален бројач, Јавен долг, Граѓански буџет и Календар на даночна регулатива.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи ја претстави единствената точка за контакт за информации за државна помош.

Министерот за здравство, Венко Филипче се осврна на неопходноста од редовно информирање и транспарентност за време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19.

Директорот на ОВП Прадхан, ги поздрави заложбите на сите институции вклучени во процесот на Отворено владино партнерство и  Владата на Северна Македонија ја посочи како пример којшто ќе го презентира и пред останатите држави кои се дел од ОВП.
„Ова е една од најинспиративните работилници на кои сум присуствувал. Особено затоа што имам можност да разговарам со сите министри на седница на Влада. Со Ваша дозвола би го споделил овој пример како мотивација за останатите влади“, заклучи Прадхан.

Одржана седма седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020

29 Декември, 2020

На 28 декември се одржа седмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 (Совет).

На седницата присуствуваа членовите: Маја Петковска Лесес – Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност; Мартин Тодевски – Центар за управување со промени; Герман Филков – Центар за граѓански комуникации; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата; Миша Поповиќ – Институт за демократија „Социетас Цивилис“; Горан Мојаноски – Министерство за финансии;  Надица Јосифовски – Министерство за информатичко општество и администрација; Благица Димитровска – Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија. На седмата седница на Советот присуствуваа и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство,  Адриан Абази, Станислав Василевски – Министерство за информатичко општество и администрација и Даниел Кипријановски – Интелигента.

Седмата седница на Советот се одржа по електронски пат преку нововостпоставената ОВП платформа https://ovp.gov.mk/ која официјално е во употреба од 9 декември 2020 година.

 

Согласно дневниот ред, покрај усвоениот записник од претходната седница на Совет одржана на 02.11.2020, беше усвоена и Информацијата за резултатите на работната група за спроведување на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година со финален извештај за самооценување.

 

Дополнително фацилитаторите на тематските работни групи информираа за досегашната работа во процесот на ко-креирање на новиот акциски план за Оворено владино партнерство 2021-2023 за секоја приоритетна област каде досега се имаат одржано по три редовни консултативни состаноци  и 20 поединечните состаноци помеѓу преставници на граѓанскиот сектор и јавниот сектор со цел подетално и посуштинско дообрајснување и формулирање на идентификуваните проблеми.

Одржана е-конференцијата „Отворено владино партнерство – дијалог за Националниот акциски план 2021-2023“

Скопје, 30 септември 2020

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се обрати на е-конференцијата „Отворено владино партнерство – дијалог за Националниот акциски план 2021-2023“. Целта на настанот беше да се промовира иницијативата ОВП меѓу граѓанските организации, подетално да ги информира за придобивките и остварениот прогрес и да создаде простор за дискусија за следните чекори во ко-креирањето на новиот акциски план.

„Во изминатите неколку години Република Северна Македонија постигна напредок во областите кои придонесуваат кон остварување на основните принципи на Отвореното владино партнерство. Преземени беа голем број активности за градење на партнерски однос со граѓаните и компаниите во обликување на националните политики и креирање на националното законодавство, стратегии и инцијативи. Ваквиот пристап секогаш придонесува за постигнување на добри резултати и поквалитетно законодавство, а висок приоритет останува подобрување на сите механизми кои ја гарантираат вклученоста и партнерскиот однос помеѓу институциите и граѓанскиот сектор како основа за градење на демократско општество“, рече министерот Шаќири.

Министерот истакна дека во изминатиот период е постигнат успех за проширување на оваа иницијатива и во рамките на Собранието. Овој успех е очекувано да биде надополнет во текот на следниот период со приклучување на судството, со новиот Акциски план за следните две години.

На  е-конференцијата се разговараше за темите: Кои се придобивките од процесот на ОВП и зошто е важна вклученоста во овој процес, кои се чекорите за подготовка на АП за ОВП 2021 – 2023 и на кои приоритетни области ќе се работи?.

Свои излагања имаа учесниците: Мики Милковски- Заменик на Генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија, Paul Maassen- Генерален секретар Отворено владино партнерство, Гордана Гапиќ Димитровска Национална координаторка за ОВП-МИОА, Мартин Тодевски Ко-претседател на Советот за координација и следење на процесот на ОВП и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 година, Ивона Сталевска,  Фондација Отворено Општество-Македонија, Мрежа на граѓански организации за ОВП, Златко Атанасов, Парламентарен институт Собрание на РСМ-Отворен парламент, Жарко Хаџи-Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализа-Oтворено судство, Даниела Арсенова Лазарова- координатор во ЛЕР во општина Св. Николе- ОВП на Локално ниво, Герман Филков,  член на Советот за координација и следење на процесот на ОВП и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 година, како и Сандра Пернар, регионална координаторка за Европа од ОВП и Марија Николовска Арсовска од фондацијата Метаморфозис.

Инаку, нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и досега има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за ОВП е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Одржана петта седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020

Скопје, 22 септември 2020

На 21 септември се одржа петтата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020.

Седницата ја организираше и претседаваше г-дин Мартин Тодевскико-претседател на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (Совет) и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 годин (НАП).

На седницата учествуваа 9 членови на Советот, како и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство при Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), Адриан Абази и Станислав Василковски – МИОА.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред, членовите на Советот ги разгледаа, дискутираа и усвоија следните предлог-документи: Нацрт-Записник од четвртата седница на Советот за координација и следење на процесот на ОВП одржана на 29.07.2020 година, Едукативен материјал за Отворено владино партнерство и Нацрт-Приоротетните области и работни групи за ко-креирање согласно доставените пријави за учество во процесот на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2021-2023.

Ивона Сталевска, во име на Работната група (формирана од Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година во состав: Дарко Антиќ од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Надица Јософовски од МИОА, Ели Чакар од Министерство за локална самоуправа и Ивона Сталевска од Фондација Отворено општество – Македонија), задолжена за подготовка на Едукативниот материјал, ја презентираше динамиката на работа на Групата и содржината на подготвениот материјал.

Гордана Гапиќ Димитровска даде осврт на Нацрт-Приоротетните области и работни групи за ко-креирање согласно доставените пријави за учество во процесот на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2021-2023, чија содржина беше креирана врз основа на Постапката за спроведување на консултации со јавноста за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот „Отворено владино партнерство” со цел да  се обезбеди навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година.

Гласањето по точките на дневен ред се одвиваше електронски од страна на секој присутен член на Советот.

Двајца претставници од стручно-административната служба на МИОА и Ивона Сталевска (членка на Советот и координаторка на Мрежата на граѓански организации за ОВП) обезбедија административна и логистичка поддршка за подготовка и организација на седницата.

Спроведени он лајн обуки за отворени податоци

Скопје, 11 септември 2020

Министерството за информатичко општество и администрација и Фондацијата Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество спроведоа две дводневни онлајн обуки за отворени податоци.

На обуките, кои се одржаа во периодот од 31 август до 03 септември 2020 година, учествуваа офицерите за отворени податоци и лица кои работат во областа на отворени податоци од 22 државни институции.

Обуките за отворени податоци имаат за цел да го унапредат знаењето и вештините на лицата кои работат на отворање на податоците во државните институции.

Во рамките на дводневните обуки, учесниците имаа можност да се стекнат со познавања за концептот и придобивките на отворени податоци и за техничките аспекти, вклучувајќи формати на отворени податоци, платформи за отворени податоци, структура на податочни сетови, димензии на квалитет на податоци и техники за филтрирање и анонимизација на податочни сетови.

Учесниците се здобија со напредни познавања за процесот на идентификација, каталогизација и приоритизација на податочни сетови, како и практично знаење за процесот на објавување на податочни сетови на порталот data.gov.mk

Во рамките на овој проект, до сега се спроведени вкупно три обуки за отворени податоци од овој вид на кои присуствуваа 63 учесници од 28 државни институции.

Министерство за информатичко општество и администрација

Јавен повик за пријавување учество во процесот на ко-креирање на Акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година

Скопје, 04 август 2020

Врз основа на член 3  став (2) алинеја (5) и (6) од решението за формирање на Совет за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година бр. 03-1550/1 од 14.04.2020, Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, на седницата одржана на 29.07.2020 година објавува

Јавен повик

за пријавување учество во процесот на ко-креирање на Акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година

 

Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, на седницата одржана на 29.07.2020 година утврди Постапка за спроведување на консултации со јавноста за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот „Отворено владино партнерство”  со цел да се обезбеди навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година.

Јавниот повик треба да овозможи консултации со јавноста и пријавување на засегнати страни за учество во процесот на консултација и креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година и вклучување во работни средби за една или повеќе приоритетни области од тековниот Акциски план 2018-2020 (Пристап до информации, Интегритет и добро управување, Фискална транспарентност, Отворени податоци, Транспарентност на локално ниво, Пристап до правда и Климатски промени), во периодот на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2021 – 2023.

Во процесот на консултации и ко-креирање на новиот акциски план, пријавените учесници ќе можат да дадат свој придонес во идентификување и приоретизирање на клучните проблеми во горенаведените приоритетни области и предлагање на решенија за нивно надминување.

Учесниците, својот придонес можат да го дадат преку учество во работни групи за консултација, по претходно утврден начин и динамика на работа. Учесниците ќе учествуваат на сите пет состаноци Временската рамка и активностите се достапни на следниот ЛИНК и ќе имаат можност подобро да се едуцираат и информираат за Отворено владино партнерство во земјата и светот.

Учесниците потребно е да осигураат дека ставовите и потребите на локално ниво ќе бидат соодветно презентирани и застапени.

Со цел поттикнување на консултации со засегнати страни, во услови кога физичкото присуство на состаноци за консултации е ограничено поради КОВИД-19, ќе се користат електронски платформи за консултација со засегнати страни. На таков начин ќе се овозможи двонасочна консултација и интеракција со засегнатите страни за резултатите добиени од работата на групите за консултација преку предлагање и приоретизирање на проблеми и решенија.

Пријавувањето за учество во процесот на консултација и ко-креирање на Акцискиот  план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година се врши по електронски пат, преку следниот ЛИНК или со доставување на пополнет ОБРАЗЕЦ на следната електронска адреса: ovp@mioa.gov.mk

Рокот за поднесување на пријавите е 31.08.2020 година.

 

Министерство за информатичко општество и администрација