Иновативните алатки за потранспарентни општини во земјава меѓу глобалните победници за Партнерство за отворена власт

Сеул, 16 декември, 2021

Иновативните алатки кои овозможија поголема транспарентност и отчетност на општините во земјава се прогласени за едни од глобалните победници на Самитот за Партнерство за отворена власт кој од 15 до 17 декември се одржува во Сеул, Република Кореја.

Во конкуренција на повеќе од 100 апликации, заложбата за потранспарентни општини во Северна Македонија ја освои третата награда на европско ниво за влијание во подобрувањето на животот на луѓето и квалитетот на демократијата. Станува збор за група алатки кои беа креирани и ставени во функција во изминатите три години. Придонесоа за подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво, овозможија следење во живо на седниците на 18 општини, како и директно вклучување на граѓаните во процесот на носење одлуки во 24 општини. Активностите беа спроведени во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“, чиј носител е Министерството за локална самоуправа.

Национален координатор на иницијативата Партнерство за отворена власт, која се спроведува од 2011 година, е Министерството за информатичко општество и администрација.

„Би сакал да споделам дека Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада а добиената награда на Глобалниот самит е вистинска и искрена потврда дека заедничкиот труд и партнерскиот однос на Владата, граѓанскиот сектор и донаторската заедница обезбедува функционални и долгорочни решенија за предизвиците пред кои сме исправени како општество. Од приклучувањето во оваа иницијативата во 2011 година преку пет акциски планови посветено се следи потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија. Со новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2021-2023 година потврдена е заложбата дека и во наредниот период ќе се продолжи со посветена работа на  јавниот сектор, од кој се очекува во партнерски однос со засегнатите страни да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови“,  истакна министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски од своја страна изјави:

„Ова глобално признание е плод на повеќегодишни напори и активности, кои ги спроведовме заедно со нашите партнери, во насока на поголема отвореност на локалните самоуправи, но и подиректна вклученост на граѓаните во процесот на работење и одлучување во општините во кои живеат. Во пракса, активностите придонесоа за брз и лесен пристап до податоците за реализација на општинските буџети, носење одлуки врз основа на релевантни и достапни податоци, како и реализација на проекти од јавен интерес предложени директно од граѓаните“, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Заложбата за транспарентни општини се спроведе во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, а чии главни имплементатори се Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

„Остварувањето на оваа заложба покажа дека кога граѓаните се присутни во процесот на донесување одлуки и финансиско планирање, ефективноста и ефикасноста на јавните услуги се подобрува. Вклученоста на граѓаните во овој процес исто така придонесува за отчетноста и транспарентноста на властите, како и довербата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Честитки за Северна Македонија за ова признание, имено се надевам дека истото ќе поттикне одржлив раст на овие алатки, а со тоа и поголема вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки во иднина“, изјави Вероник Улман Марти, амабасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија

„УНДП посветено работи на развивање на локалната демократија и надградување на капацитетите на општините, бидејќи веруваме дека токму тоа е клучен предуслов за одржлив развој и подобри услови за живот за сите граѓани. Ова признание е „ветер во грб“ да опстоиме на нашата  цел постоечките алатки да бидат прифатени од сите локални самоуправи во државата, но и да креираме нови иновативни решенија за поголема отвореност на општините кон граѓаните“, изјави Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Шаќири: Длабоко убеден сум во трансформативната моќ на Партнерството за отворена власт

Сеул, 14 декември 2021

 

Денес, виртуелно, како говорник, Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, беше дел од Глобалниот самит за Партнерство за отворена власт што се одржува во Република Кореја.

Самитот ќе обезбеди платформа и моментум за размислување за напредокот на ПОВ во првата деценија и претставување на визијата за иднината.

Во однос на достигнувањата на полето на интегритетот и иновативноста кои се резултат од Партнерството за отворена власт, Шаќири рече: “Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во оваа иницијатива во 2011 година преку пет акциски планови,  посветено се следеше потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологијата.

Преку отворање и ставање на нашите ресурси на јавноста, успеавме да го унапредиме дијалогот, иновациите и употребата на технологијата што го прават животот на граѓаните подобар и полесен.

Еден значаен пример кој преставува активен одговор на барањата за интегритет во јавниот и приватниот сектор,  би ја издвоил заложбата за „ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ (BENEFICIAL OWNERSHIP)“, со која се овозможи рамноправен пристап до основните податоци за регистрираните субјекти во Централниот регистар на Република Северна Македонија.”

Гледајќи кон иднината, Шаќири додаде: “Оттука би сакал да споделам дека со новиот петти по ред Акциски план за ПОВ, Владата на Република Северна Македонија  се обврза дека во наредниот период активно ќе работи на јавно објавување на вистинските сопственици на фирмите што склучиле договори за јавни набавки со институциите од јавниот сектор.

Имајќи во предвид дека транспарентноста во јавните набавки се смета за главна алатка за намалување на корупцијата и за овозможување на фер и конкурентен натпревар, јавно достапните информации за целиот циклус на јавните набавки може да обезбедат  одговорни јавни набавки.

Успешната реализација на оваа амбициозна заложба очекувано е позитивно да влијае и врз зголемување на конкуренцијата, квалитетот на набавките и подобрување на јавните услуги”, го заврши својот говор, министерот Шаќири.

Награда за отворена влада

Гласајте за заложбата од Северна Македонија на глобалниот натпревар за

Отворено владино партнерство

Гласањето е отворено од 18 до 22 октомври 2021 година

Глобалната иницијатива Отворено владино партнерство, во пресрет на одбележувањето на својата 10-годишнина, ја воведува Наградата за Отворена влада, со цел да ги препознае највлијателните заложби од ова партнерство, кои значително и во пракса го подобрија животот на луѓето или квалитетот на демократијата.

Во рамките на овој глобален натпревар, Република Северна Македонија учествува со следната заложба:

„Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“

North Macedonia | Transparent & Accountable Local Government

Најдобрите заложби ќе бидат избрани директно од страна на граѓаните, со непосредно гласање, достапно на следниот линк https://www.opengovpartnership.org/open-government-awards/ogp-impact-awards-europe-region/

Се гласа за најдобрата заложба во секој од четирите региони на ОВП – Европа, Америка, Азија Пацифик и Африка и Среден Исток. Гласањето за оваа награда ќе биде отворено во периодот 18 – 22 октомври 2021 година. Ве повикуваме да се вклучите и да го дадете вашиот глас! Да ја подржиме нашата ОВП заедница!

Повеќе за заложбата

 

Заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“ беше избрана врз основа на препораките на Независниот механизам за известување и изборот на нашата ОВП заедница – Советот за ОВП, Мрежата на граѓански организации за ОВП и чинителите директно вклучени во креирањето и спроведување на заложбите. Со спроведувањето на заложбата беа воведени иновативни алатки за зголемување на транспаретноста на општините во Северна Македонија. Најобемната активност резултираше со креирање електронска алатка која на општините им овозможува да им ги прикажат на граѓаните финансиското работење и реализацијата на буџетот на разбирлив начин. Досега, вкупно 39 општини ја препознаа ефикасноста и практичноста на оваа алатка и ја користат за споделување финансиски податоци, на тој начин придонесувајќи кон подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво и кон информирано креирање на општинските политики. Преку втората активност, насочена кон подобрување на транспарентноста на општинските совети и отчетноста пред граѓаните, во вкупно 18 општински совети беа воведени дигитални технологии кои овозможија седниците на Советите да се пренесуваат во живо на социјалните медиуми. Третата активност пак, насочена кон вклучување на граѓаните во процесот на одлучување на локално ниво, им овозможи на граѓаните од 24 општини заеднички да ги креираат локалните приоритети што резултираше со реализација на 33 проекти кои ги подобрија јавните услуги во областа на образованието, спортот и социјалната заштита со фокус на ранливите категории граѓани.

Одржано продожение на осмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за ОВП 2018 – 2020

На 23 јули 2021 се одржа продолжение на осмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (Совет) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020.

На седницата присуствуваа 7  членови на Советот: ко-претседателката Маја Петковска Лесес – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија; Ели Чакар – Министерство за локална самоуправа; Миша Поповиќ – Институт за демократија Социетас Цивилис; Горан Мојаноски – Министерство за финансии; Дарко Антиќ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените; Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата како и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство при Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), Адриан Абази и Владимир Серафимовски од МИОА.

На денешното продолжение на седницата, беа донесени следните заклучоци:

  1. Усвоен Записникот од седмата седница на Советот, одржана на 28 декември 2020 година, со 7 гласови ЗА;
  2. Советот ги разгледа предложените заложби и констатира дека се усогласени и прифатени од страна на надлежните институции, а притоа критериумите за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП се запазени уште во раната фаза на подготовка на Акцискиот план за 2021-2023 година;
  3. Нацрт-текстот со предложените заложби да се стави на јавна консултација и да се достави на мислење до органите на државната управа. По усогласување на текстот, Нацрт – Акцискиот план за ОВП да се достави на разгледување до членовите на Советот во првата половина од септември 2021 година.

Одржана осма (информативна) седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Национланиот Акциски план за ОВП 2018 – 2020

На 20 јули 2021 се одржа осмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (Совет) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020.

На седницата учествуваа 9 членови на Советот: Ели Чакар – Министерство за локална самоуправа; Миша Поповиќ – Институт за демократија „Социетас Цивилис“; Снежана Камиловска Трповска – Македонски центар за меѓународна соработка; Теодора Обрадовиќ Грнчаровска – Министерство за животна средина и просторно планирање; Горан Мојаноски – Министерство за финансии; Дарко Антиќ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените; Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата и Надица Јосифовски – Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) како и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство при МИОА, Владимир Серафимовски од МИОА и Даниел Кипријановски – Интелигента како техничка поддршка на www.ovp.gov.mk

Поради оправдани причини, на веќе закажаната седница не беше во можност да присуствува ко-претседателката на Советот, Маја Петковска Лесес – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија,  па оттука осмата седница на Советот беше одржана како седница од информативен карактер без донесување на одлуки предвидени согласно дневниот ред.

Гордана Гапиќ Димитровска ја презентираше информацијата за резултатите на работните групи за ко-креирање на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023 (НАП за  ОВП 2021-2023) по приоритетни области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност, Спречување на корупција и промовирање на добро владеење, Испорака на јавни услуги и Пристап до правда.

Во продолжение на седницата, четворицата ко-фасилитатори на работните групи за ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 по приоритетни области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност (Герман Филков, преку снимено видео обраќање), Спречување на корупција и промовирање на добро владеење (Миша Поповиќ), Испорака на јавни услуги (Дарко Антиќ) и Пристап до правда (Ивона Сталевска), пред присутните членови на Советот ги презентираа предлог-заложбите за секоја приоритетна област одделно кои претходно беа одобрени од страна на одговорните институции и подносителите на заложбите. Процесот на ко-креација започна во септември 2020 година со цел да  се обезбеди навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на петтиот НАП за ОВП 2021-2023 година.

Дополнително, Гордана Гапиќ Димитровска ги извести членовите на Советот за Насоките за оценување на релевантноста и поврзаноста на предлог заложбите од процесот на ко-креирање на петтиот НАП за ОВП со начелата на ОВП Иницијативата.

По завршување на седницата, согласно Насоките, членовите на Советот ќе бидат во можност да ги оценат предложените заложби согласно Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП и Бодовникот за заложби во состав на Критериумите.

Гласањето по точките на дневен ред предвиден за осмата седница ќе се реализира на следната видео седница на Советот закажана за 23 јули 2021, кога ќе биде усвоен и Записникот од седмата седница на Советот, одржана на 28 декември 2020 година.

Нацрт Акциски план за Отворено судство 2021- 2023 година

Почитувани,

Пред нас се наоѓа првиот нацрт на Акцискиот план за Отворено судство како дел од Националниот акциски план за Отворено Владино Партнерство на Република Северна Македонија за периодот 2021-2023 година. Акцискиот план претставува спектар на заложби и активности кои правосудниот сектор ќе ги преземе во наредните две години со цел да се зајакнат, продлабочат и прошират напорите за унапредување на транспарентноста и отвореноста на судовите и судските институции во РСМ.

Република Северна Македонија е дел од Отвореното Владино Партнерство од 2011 година и досега успешно усвои и спроведе четири акциони планови (2012, 2014, 2016 и 2018 година). Собранието на Република Северна Македонија се приклучи на Отвореното Владино Партнерство во 2018 година во рамките на Акцискиот план 2018 – 2020 година, додека почнувајќи од годинава, во петтиот Национален акциски план (2021-2023) се наоѓа и судството со свои конкретни заложби за подобрување на транспарентноста и отвореноста на судовите и враќање на довербата на јавноста во судските институции.

Првиот Акциски план за Отворено судството беше развиен во широки дискусии и тркалезни маси помеѓу претседатели на судовите, судии и претставници на судската служба од сите судови во РСМ, претставници од Судскиот совет, Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на граѓанското општество (мониторинг организации) и останати експерти во областа. Консултациите кои беа извршени во периодот јануари-март 2020 година вклучуваа и учество на Националниот координатор за ОВП, Министерството за информатичко општество и администрација како носител на оваа активност. Идеите и потребите на институциите и граѓанскиот сектор темелно дискутирани на тркалезните маси, беа трансформирани во форма на Првиот Акциски план за отворено судство.

Оттука, ги повикуваме сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Акцискиот план за Отворено судство 2021-2022 година.

Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 20.07.2021 година (понеделник) на следните e-mail адреси: contact@ssrm.mk, mja@mja.org.mk,  и contact@cpia.mk .

Е-работилница „Управување темелено на интересите и потребите на граѓаните“

На 4 јуни се одржа е-работилница „Управување темелено на интересите и потребите на граѓаните“на која учествуваа претставници од институциите, граѓанското општество и претставници на Секретаријатот за Отворено владино партнерство (ОВП).

Република Северна Македонија е дел од глобалната инцијатива Отворено владино партнерство, меѓународна платформа преку која соработуваат институциите и граѓанското општество со дел да се обезбеди транспарентност и отчетност на властите пред граѓаните. Согласно прифатените обврски, Северна Македонија има усвоено четири Акциски планови (2012, 2014, 2016 и 2018) и постојано работи на подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавните институции, зголемување на транспарентноста и пристапот до информации, унапредување на квалитетот на јавните услуги за граѓаните и деловните субјекти.

 

Во моментот активно се работи на финализирање на петтиот ОВП Акциски план 2021-2023 во рамки на приоритетните области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност; Спречување на корупција и промовирање на добро владеење; Испорака на јавни услуги и Пристап до правда.

Е-работилницата имаше за цел да обезбеди финализирање на заложбите, од приоротетните области Пристап до правда и Испорака на јавни услуги, кои ќе бидат вклучени во новиот акциски план преку соодветен преглед на веќе сработеното во тесна соработка со клучните службеници од институциите и преставници на граѓанските организации, преку:

· подобрено разбирање за ОВП неговите барања, насоки и добрите практики на Советот за ОВП и Мрежата на граѓански организации за ОВП;

· запознавање со статусот и резултатите од процесот на ко-креација на Националниот акциски план;

· утврдување на важноста и придобивките од дијалогот при финализирање на заложбите што треба да бидат вклучени во Националниот акциски план на ОВП;

· обврзување за понатамошна вклученост и учество во процесите на финализирање на НАП 2021-2023.

Стратешкиот дел од е-работилницата на која учествуваа 50 учесници, го отвори ГОРДАНА ГАПИЌ ДИМИТРОВСКА, Национална координаторка за ОВП во РСМ, која даде осврт во целите на работилницата и истакна дека овој настан претставува продолжение на Министерскиот состанок чиј домаќин беше Премиерот на Владата на РСМ каде беше потврдена заложбата на Владата да ги продолжи своите напори за подобрување на ефикасноста и ефективноста во јавните институции преку употреба на технологии и иновативни решенија за пресретнување на интересите и потребите на граѓаните бидејќи оваа работилница е плод на досегашната соработката помеѓу јавните службеници и граѓанскиот сектор.

Беше потенцирано дека по е-работилницата ќе претстојат дополнителни куси состаноци помеѓу подносителите на заложбите и надлежните институции со цел финализирање на содржината и комплетирање на петтиот Национален акциски план кој наредниот месец треба да влезе во владина процедура за негово усвојување.

ПОЛ МАСЕН, Генерален секретар, ОВП, го истакна значењето за РСМ на ОВП иницијативата осврнувајќи се на стратешката поддршка од ОВП на национално и локално ниво. Истакна дека особено ги цени сите достигнувања направени до сега од вклучувањето на земјата во ОВП иницијативата во 2011 и политичката волја, силната посветеност и колективното разбирање на Владата во реформската агенда за што сведочеше и Министерската средба на високо ниво одржана во април 2021 година. Оттука, нагласи дека РСМ е една од приоритетните земји на ОВП кои ја уживаат поддршката од Секретаријатот за ОВП и дека служи како пример за добри практики и успешни реформи.

Посочи дека се видливи првите напредоци во областа Пристап до правда и Испорака на јавни услуги, темите кои беа предмет на работа особено во вториот дел од средбата со цел да се прифатат заложби, процеси и идеи кои ќе обезбедат нов, ефикасен и ефективен начин на кој властите ќе им служат на граѓаните и ќе одговорат на нивните потреби.

Истакна дека радува вклучувањето на заложби во областа Пристап до правда и во следниот АП кои се однесуваат на маргинализираните групи граѓани, особено што претставува продолжување на успешната имплементација на заложбите од циклусот 2018-2020, преку кои РСМ е единствената земја од Западен Балкан која областа Пристап до правда ја предвиде како составен дел од ОВП АП 2018-2020 и служи како инспирација и пример за останати земји ширум светот да ја сторат истата добра и успешна практика.

Во делот Испорака на јавни услуги се осврна на нивното значење како платформа за дијалог за најразлични прашања и важноста од обезбедување на инклузија за сите граѓани и одговор од Владата. Она што е особено важно, додаде Пол Масен е да се обезбеди имплементација на предложените заложби, односно реѕлтати кои ќе доведат до подобрување на животите на сите граѓани.

Во продолжение, челновите на Советот за ОВП, ИВОНА СТАЛЕВСКА, Фондација Отворено општество – Македонија и ДАРКО АНТИЌ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, го презентираа статусот на предлог-заложбите во приоритетните области Пристап до правда и Испорака на јавни услуги.

Сталевска и Антиќ хронолошки го презентираа консултативниот процес на ко-креација во двете области,  започнувајќи од изработката на документите кои го регулираат процесот, одржаните 3 онлајн информативни средби за едукација, 12 онлјан средби за идентификување на проблеми, одговорни институции и потребата од нивно можно преточување во заложби и низа индивидуални состаноци, со институции и граѓански организации во секоја област одделно. Дополнително, ги информираа присутните за идентификувани проблеми во областите од почетокот на консултативниот процес и нивното преточување во нацрт-заложби за петтиот ОВП АП 2021-2023, давајќи осврт на нивната содржина, подносителите на секоја заложба одделно и водечкитеинституции заедно со останати вклучени субјекти важни за спроведување на заложбите.

Одговор обезбедија  државните секретари на Министерството за правда, ФОРСИНА ТАСЕВСКА и Министерството за труд и социјална политика, РЕСМИ ЕЈУПИ кои ги поздравија напорите и соработката со граѓанскиот сектор и дадоа осврт кон секоја предлог-заложба одделно во наделжност на својата институција

Во нивните излагања дадоа поддршка на процесот и упатија на потребата од вклучување на предложените заложби во следниот акциски план по доуредување на содржина.

Членовите на Советот за ОВП, Ивона Сталевска и Дарко Антиќ го фасилитираат оперативниот дел од е-работилницата каде беа дискутирани нацрт-заложбите од двете области за кои беше увидено дека има потреба од дополнителна доработка и усогласување на дел од содржината. Работата беше координирана од конуслтантот Мајкл Кањарес и претставници на Секретаријатот за ОВП, каде врз основа на развиени прилози за работа во работни групи преку дискусија помеѓу подносителите на нацрт-заложбите и надлежните иснтитуции беше постигната целта на работилницата.

Со цел финализирање на заложбите од приоритетните области Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност и Спречување на корупција и промовирање на добро владеење, на 14 јуни 2021 ќе биде одржана и втората е-работилница „Транспарентност и отчетност во јавниот сектор“.

Акциски план 2021-2023 на Собранието на Република Северна Македонија: јавни консултации со граѓанското општество

21 мај,

 

На 21 мај, за време на седмицата за отворена власт (OpenGovWeek), Собранието на Република Северна Македонија ќе го вклучи граѓанското општество преку јавнa консултацija за ко-креираниот нацрт Акционен план на Собранието 2021-2023 година. Хибридниот настан е отворен за сите граѓански организации од Северна Македонија, обезбедувајќи можност да се информира и вклучи граѓанското општество во понатамошниот развој на Акцискиот план на Собранието за 2021-2023 година како и да се потврдат заложбите на Собранието.

 

Линк до хибриден настан: https://us02web.zoom.us/j/83890564358

Агенда: АГЕНДА Хибриден настан – OGP, Собрание (21 мај 2021)

Програма за парламентарна поддршка, НДИ, ИДСЦС и ЦУП