Соопштение за одржана Конференција за отпочнување на процесот на ко-креирање на НАП за ПОВ 2026–2028

Публикувано на

Отпочна процесот на ко-креирање на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028
На 2 април 2026 година, во Скопје се одржа Конференцијата за отпочнување на процесот на ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 (НАП7), во организација на Министерството за јавна администрација во соработка со Фондацијата „Метаморфозис” и Центарот за граѓански комуникации. На настанот учествуваа претставници на институциите и граѓанските организации, обединети од заедничката цел — да изградат поотворена, потранспарентна и поодговорна јавна администрација во служба на граѓаните. Конференцијата го означи формалниот почеток на новиот циклус на ко-креација и отвори простор за широк, инклузивен дијалог за реформските приоритети во периодот што следи.
Гордана Гапиќ-Димитровска, национална координаторка за Партнерство за отворена власт, го означи почетокот на новиот циклус нагласувајќи дека процесот претставува уникатна можност за заедничко утврдување на приоритетите. „Партнерството за отворена власт е повеќе од иницијатива, тоа е платформа каде институциите и граѓанското општество заеднички ги дефинираат реформите. Работевме на отворените податоци, зголемување на процесот на консултации, пристапот до правда, транспарентноста на локално ниво и имаме примери дека процесот прави промени во нашето општество”, рече Гапиќ-Димитровска, нагласувајќи дека резултатите од претходните акциски планови јасно покажуваат дека партнерскиот пристап носи конкретни придобивки за граѓаните.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека Партнерството за отворена власт е важен инструмент за унапредување на транспарентноста, отчетноста и учеството на јавноста во креирањето политики. „Отворената власт не е цел сама по себе. Таа е средство за подобро управување, за поквалитетни политики и за институции кои работат во интерес на граѓаните. Нашата заедничка цел е да изградиме систем во кој транспарентноста, отчетноста и учеството ќе бидат стандард во работењето на институциите, а не исклучок”, рече Минчев. Тој дополнително информираше дека е подготвен нов, унапреден дизајн на онлајн платформата за Партнерство за отворена власт, преку која ќе се овозможи континуиран онлајн придонес, доставување предлози и активно вклучување на сите засегнати страни во текот на целиот процес на ко-креација.
Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, ја нагласи посебната одговорност на Собранието во овој процес. „Нашата улога не е само да донесуваме закони, туку и да обезбедиме ефективен надзор, транспарентност во работењето и вистинско учество на јавноста. Наша должност е информациите кои произлегуваат од работата на Собранието да ги обезбедиме на проактивен, транспарентен и дигитално достапен начин за граѓаните”, истакна Димовска. Таа нагласи дека Собранието е активен партнер во овој процес уште од 2017 година a концептот на отворен парламент останува дел од стратешките приоритети за периодот 2026–2030 година, заедно со дигитализацијата, ефикасноста и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Данче Даниловска-Бајдевска, координаторка на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт при Фондацијата Метаморфозис, ја нагласи суштинската вредност на партнерскиот модел. „Партнерството за отворена власт не е само процес, тоа е модел на работа кој покажува дека кога институциите и граѓанското општество работат заедно, резултатите се подобри, поконкретни и покорисни за граѓаните”, рече Даниловска-Бајдевска. Таа ги посочи конкретните достигнувања — воспоставувањето на Отворен трезор, Регистарот на вистински сопственици и дигитализирањето на финансиското известување на политичките партии — но и примерот со отворените податоци каде поставената цел од 30 општини со минимум пет збирки податоци беше надмината со вклучување на 61 општина и над 300 збирки.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации ги потенцираше конкретните резултати остварени преку соработката во рамки на претходните акциски планови — од платформата data.gov.mk и алатките за консултации при донесување прописи, до Законот за укажувачи, системот за интегритет на институциите, електронското доставување на изјави за имотна состојба и јавното објавување на имињата на вистинските сопственици кои склучуваат договори преку Бирото за јавни набавки.
Процесот на ко-креација продолжува инклузивно, со активно учество на институциите, граѓанските организации и сите засегнати страни. Во текот на наредните месеци ќе се одржуваат тематски консултации, работилници и јавни дебати, а првиот нацрт на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 се очекува во четвртиот квартал од 2026 година.

 

Јавен повик за пријавување учество во процесот на ко-креирање на Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година

Публикувано на

Скопје, 4 март 2026 година

Врз основа на член 3 став (2) алинеја (5) и (6) од Решението за формирање на Совет за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година бр. 16-1662/1 од 02.05.2024 година и Решението за измена на решението за формирање на Совет за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година 13-3697/2 од 29.09.2025 и 13-3697/3 од 3.12.2025 година, Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година, согласно одлука на седницата одржана на 26.02.2026 година објавува

Јавен повик

за пријавување учество во процесот на ко-креирање на Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година

 

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година, на седницата одржана на 26.02.2026 година утврди Постапка за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот „Партнерство за отворена власт” со цел да се обезбеди навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година.

Јавниот повик треба да овозможи консултации со јавноста и пријавување на засегнати страни за учество во процесот на консултација и креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година и вклучување во работни средби за една или повеќе приоритетни области (антикорупција, граѓански простор, клима и животна средина, дигитално управување, фискална отвореност, инклузија, пристап до правда, јавно учество, право на информации, отворено судство и отворен парламент), во периодот на ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година.

Во процесот на консултации и ко-креирање на новиот акциски план, пријавените учесници ќе можат да дадат свој придонес во идентификување и приоретизирање на клучните проблеми во горенаведените приоритетни области и предлагање на решенија за нивно надминување.

Учесниците својот придонес можат да го дадат преку учество во работни групи за консултација, по претходно утврден начин и динамика на работа.

Временската рамка и активностите се достапни на следниот линк (2. Vremenska_ramka_za_podgotovka_NAP_2026-2028)

Учесниците потребно е да осигураат дека ставовите и потребите на локално ниво ќе бидат соодветно презентирани и застапени.

Пријавувањето за учество во процесот на консултација и ко-креирање на Националниот акциски  план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година се врши по електронски пат, преку следниот линк.

Рокот за поднесување на пријавите е 20.03.2026 година.

 

 

 

 

 

Министерство за јавна администрација

Одржана седма седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година

Публикувано на

Скопје, 26.02 2026 година

 

На 26 февруари 2026 година се одржа седмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026 на која беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања од интерес за Советот и Партнерството.

На седницата активно учествуваа 12 членови и 4 заменик-членови на Светот.

Министертвото за јавана администрација обезбеди стручно-административна поддршка за подготовка, организација и спроведување на видео седницата преку порталот www.ovp.gov.mk.

Во пресрет на отпочнување на процесот на ко-креирање на седмиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година, Советот на оваа седница ги усвои следните документи:  Постапка за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот „ПАРТНЕРТСТВО ЗА ОТВОРЕНА ВЛАСТ” со  временска рамка, Јавен повик за пријавување на учество во процесот на ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026-2028година со Пријава, Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста на заложбите од процесот на  ко-креирање на акциски план за Партнерство за отворена власт со начелата на Партнерството за отворена власт и Едукативен материјал за Партнерство за отворена власт.

Со ваков пристап е очекувано е да се обезбеди систематизиран начин на планирање и спроведување  на процесот на консултација, кој ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-реирање на новиот Национален акцискиот план за Партнерство за отворена власт 2026-2028 година.

***

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за јавна администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за јавна администрација.

 

Одржани работни средби со работните подгрупи од Националниот Акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година

Министерството за јавна администрација, во рамки на редовните активности во процесот на координација на иницијативата за Партнерство за отворена власт (ПОВ) и посветената поддршка на институциите и организациите вклучени во овој процес, во периодот 14-15.10.2025 година одржа работни средби по приоритетни области од Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година.

 

На работните средби активно учество земаа претставниците на институциите и граѓанските организации во петте приоритетни области: борба против корупцијата, партиципативно донесување одлуки и граѓанско учество, правно зајакнување и пристап до правда, развој и користење на дигитални технологии и унапредување на активностите за климатски промени.

 

Целта на работните средби беше разгледување на тековната состојба со имплементацијата на заложбите, унапредување на координацијата и динамиката на спроведување на достигнувањата и планирање на наредните активности. Во текот на состаноците се оствари дискусија по поединечните заложби од акцискиот план и степенот на нивната реализација, се идентификуваа предизвиците и се дефинираа конкретни чекори за засилување на активностите во наредниот период.

 

 

 

 

Посета на високи претставници на Меѓународната иницијатива Партнерство за отворена власт

Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија Африм Фидани на ден 03.09.2025 година, оствари средба со високи претставници на Меѓународната иницијатива Партнерство за отворена власт г-динот Аидан Ејакуза, извршен директор на Партнерство за отворена власт, Сандра Пернар, Виш регионален координатор за Европа и Гордана Гапиќ Димитровска, национален координатор, Министерство за јавна администрација. На средбата присуствуваше и Жарко Хаџи Зафиров – Ко-претседател на Советот за отворено судство.

На почеток на средбата Претседателот на Врховен суд на Република Северна Македонија Африм Фидани, ги запозна присутните со досега преземените активности од страна на Советот за отворено судство, по чие конституирање и потпишување на Декларацијата за Отворено судство, станавме една од првите држави во која концептот на глобалната иницијатива на партнерството за отворена власт, ја инкорпорира и судската власт.

За време на средбата, се разговараше за состојбата со исполнување на заложбите од Акцискиот план за отворено судство 2024-2026 година кој е подготвен во инклузивен процес со вклученост на претставници од судските институции но и пртставници на невладиниот сектор, за следните чекори и за напорите кои се прават во изнаоѓање и обезбедување на финансиска помош и поддршка за нивна реализација. Претседателот Фидани потенцираше дека активностите на Советот за отворено судство како дел од Партнерството за отворена власт се значајни за подобрување на услугите кон граѓаните чии глас е индикатор за довербата во судството.

 На крајот на средбата, присутните заклучија дека ваквата посета претставува значаен чекор во зајакнување на соработката во насока на унапредување на принципите на Партнерството за отворена власт, врз кои принципи треба да функционира секоја власт.

Одржан состанок на претставници од институциите и граѓанскиот сектор со извршниот директор на Партнерството за отворена власт г-дин Аидан Ејакуза

Скопје, 2 септември 2025 година

Во рамките на тридневната посета на извршниот директор на Партнерството за отворена власт г-дин Аидан Ејакуза на Република Северна Македонија, во просториите на Министерството за јавна администрација се одржа состанок со претставници на институциите и граѓанскиот сектор вклучени во овој процес. На состанокот беа споделени досегашните активности, тековните предизвици како и можностите за понатамошен напредок во областа на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество како темелни принципи на Партнерството за отворена власт.

Националната координаторка за Партнерството за отворена власт во Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Гапиќ Димитровска, истакна дека во срцето на Партнерството за отворена власт не е само ко-креацијата туку тоа е и процес на заедничко одлучување и претставува уникатен пристап што се издвојува од начинот на креирање на останатите владини документи.

„Оваа иницијатива не учи како работите да се прават поразлично од традиционалниот начин на работа во институциите – не само да ги препознаеме предизвиците туку и да најдеме взаемно решение за истите“ – нагласи г-ѓа Димитровска.

Извршниот директор на Партнерството за отворена власт, г-дин Аидан Ејакуза, се осврна на потенцијалот што го нуди оваа иницијатива, нагласувајќи ја важноста на заедничката соработка и споделената одговорност за ко-имплементација на заложбите, со цел да се исполнат очекувањата и потребите на граѓаните. Тој посочи дека сите чинители вклучени во оваа иницијатива го претставуваат тимот кој треба да ја смени културата на работење на Владата совладувајќи ги сите препреки на патот кон отворена власт.

Г-ѓа Сандра Пернар,  виш регионален координатор за Европа за Партнерството за отворена власт, истакна дека Република Северна Македонија е една од ретките земји што процесот на Партнерство за отворена власт го спроведува паралелно во извршната, законодавната, судската и локалната власт, со што се позиционира како лидер не само во регионот туку и во Европа. Таа најави дека токму затоа нашата земја ќе биде домаќин на регионалниот состанок на Западен Балкан во 2026 година, на кој ќе се претстави Република Северна Македонија како позитивен пример што може да ги мотивира другите држави да го следат истиот модел.

Г-ѓа Данче Даниловска Бајдевска од Фондацијата „Метаморфозис“, се осврна на улогата на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, формирана со цел да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество во овој процес. Таа нагласи дека преку Мрежата која брои повеќе од 70 организации членки, се врши транспарентен избор на претставници на невладините организации во Советот за Партнерство за отворена власт, со што се обезбедува независност и заштита од политички влијанија.

Г-дин Стојан Мишев од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените нагласи дека Партнерството за отворена власт обезбедува суштинско учество на сите засегнати страни. Истовремено посочи дека, и покрај постигнатите резултати, процесот се соочува со предизвици, како што се ограничените финансиски ресурси и потребата од понатамошно институционално зајакнување кои се дел  од пошироките системски слабости во државата, за чие надминување е неопходен посилен политички ангажман.

Г-дин Герман Филков од Центар за граѓански комуникации, истакна дека во изминатите години преку Партнерството за отворена власт се реализирани значајни заложби во областа на јавните набавки, пристапот до информации и антикорупцијата. Тој додаде дека токму преку оваа иницијатива беше воведена активната транспарентност, која денес претставува клучен механизам за мерење на отвореноста и отчетноста на институциите.

 

Заменик претседателот на Владата Фетаи оствари средба со Аидан Ејакуза, извршен директор на Партнерството за отворено власт

Заменик престедателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, оствари средба со г. Аидан Ејакуза, Извршен директор на Партнерството за отворено власт (ПОВ), на која присуствуваа и г-ѓа Сандра Парнар, регионална координаторка на ПОВ, и г-ѓа Гордана Гапиќ Димитровска, национална координаторка на ПОВ. Средбата се фокусираше на приоритетите на иницијативата „Отворена Северна Македонија“, со посебен акцент на борбата против корупцијата, дигиталната трансформација, соработката со граѓанското општество и судските реформи, кои ќе бидат вклучени во Акцискиот план на ПОВ за 2026 година.

Во основата на разговорот беа реформите поврзани со членството во Европската Унија, особено транспарентноста на крајната сопственост и отвореното правосудство, како клучни обврски за исполнување на стандардите од Поглавјата 23 и 24 на ЕУ. Исто така, беше нагласена улогата на Северна Македонија како регионален пионер во отвореното владеење, како и можноста за организирање на Регионалната средба на Западен Балкан 2026 во Скопје.

Посебен акцент беше ставен на дијалогот со граѓанското општество, што е приоритет на кабинетот на вицепремиерот. Кабинетот ја обнови соработката преку три сесии на Советот за соработка со граѓанското општество, каде во јуни беше усвоена предложената владина стратегија. Во јули 2025, Владата ја усвои Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество (2025–2028). За да се обезбеди континуитет, ќе се организираат редовни месечни средби со Платформата на НВО против корупција и ќе се создаде механизам за јавни консултации, за да се промовира транспарентност и одржлива соработка.

Оваа средба претставува важен чекор кон зајакнување на отвореното и одговорно владеење, одразувајќи го ангажманот на Владата за градење на потранспарентна и праведна иднина за сите граѓани на Северна Македонија.

Преземено од : https://vlada.mk

 

Средба Минчев–Ејакуза: Отворена власт и квалитетна администрација за подобри услуги кон граѓаните

 

Скопје, 1 септември 2025 година 

Преземено од: https://mja.gov.mk/

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Аидан Ејакуза, во пресрет на тематскиот регионален состанок посветен на иницијативата Партнерство за отворена власт.

На средбата се разговараше за тековната имплементација на Националниот акциски план 2024–2026, како и за стратешките активности кои Министерството за јавна администрација ги презема во насока на унапредување на транспарентноста, отчетноста, дигитализацијата и граѓанското учество во институциите.

Министерот Минчев истакна дека Македонија останува целосно посветена на принципите на отворено владеење и дека ПОВ е клучна рамка за подобрување на квалитетот на јавните услуги и довербата на граѓаните во институциите.

„Нашата крајна цел е да изградиме јавна администрација која е професионална, отворена, достапна и во служба на граѓаните. Партнерството за отворена власт ни овозможува да ги зајакнеме механизмите за транспарентност и отчетност, но и да создадеме услови за поефикасни, квалитетни и правични јавни услуги. За нас, ова не е само меѓународна обврска, туку реална можност за подобрување на секојдневието на граѓаните“, изјави министерот Минчев.

Директорот Ејакуза го поздрави напредокот на државата и ја потенцираше важноста на активната вклученост на граѓанското општество и користењето на дигитални алатки како клучни двигатели на промените во рамките на иницијативата ПОВ. Тој ја охрабри земјата да продолжи со амбициозниот пристап и да ја зајакне улогата на Советот за ПОВ како форум за конструктивен дијалог и следење на имплементацијата.

Министерството за јавна администрација ќе продолжи со проактивен пристап и партнерска соработка со домашни и меѓународни учесници, со цел натамошно унапредување на транспарентноста, интегритетот и ефикасноста на јавните институции во Република Македонија.

Средба Минчев–Ејакуза: Отворена власт и квалитетна администрација за подобри услуги кон граѓаните

Потранспарентно Собрание преку Партнерството за отворена власт

Претседателот на Собранието, Африм Гаши и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, остварија средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Ајдан Ејакузе.

На средбата учествуваа и Сандра Пернар, виша регионална директорка за ПОВ за Европа; Гордана Гапиќ-Димитровска, национална координаторка за ПОВ од Министерството за јавна администрација и Златко Атанасов, државен советник и раководител на Парламентарниот институт на Собранието.

Претседателот Гаши ги истакна силните напори и максималната натпартиска посветеност на Собранието на Партнерството за отворена власт. Како претседател, тој стави акцент на два елемента: отворено собрание и дигитализација. Во овој контекст го нагласи ангажманот во подобрувањето на отвореноста на законодавниот дом, преку носењето стратешки и акциски планови, инсталирањето Е-регистар, воспоставувањето пракса на неделни брифинзи со новинарите, давање извештаи за сработеното. Максималната отвореност и транспарентност, како што рече Гаши, донесе и резултати во подобрувањето на перцепцијата на граѓаните за Собранието.

Генералната Димовска истакна дека за Собранието, кое е срцето на демократијата и Собраниската служба, која е институционалната меморија на Собранието, важно е да бидат дел од ваква иницијатива. Таа ги наведе спроведените конкретни активности, како Регистарот, Отворените податоци, Собранискиот канал, Парламентарниот караван и претстојната надзорна расправа за Акцискиот план. Собранието и понатаму останува посветено на транспарентноста, отчетноста и вклученоста на граѓанското општество – рече Димовска.

Атанасов, пак, потсети на самите почетоци на пристапување кон ПОВ од 2017 година, со реформски напредок низ годините до ден денеска.

Извршниот директор на ПОВ изрази пофални зборови за работата и амбициозноста на Собранието, како пример за други земји. Тој даде охрабрување за следни активности за уште попристапно Собрание до граѓаните и остави отворена врата за помош во оставрување на новите амбиции.

Вишата регионална директорка за ПОВ за Европа ја оцени како одличен чекор седницата за дебата за Акцискиот план, додека координаторката за ПОВ изрази задоволство од работата на Собранието од почетоците до денеска кога ќе бидеме сведоци на надзорна расправа за еден Акциски план кој прави резултати.

Претстојниот Шпански самит на ПОВ ќе биде можност за реализирање на нови идеи за зајакнување на јавната вклученост во Собранието, за меѓународно искуство и размена на позитивни практики.

ПРОДОЛЖЕН РОК: ОТВОРЕН ПОВИК за изразување на интерес за членување на еден претставник од заинтересирани граѓански организации во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година

Публикувано на

04.06.2025

Отворениот повик треба да овозможи пријавување на 1 (еден) претставник од заинтересирани граѓански организации кои ги споделуваат вредностите на Партнерството за отворена власт и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите и ги применуваат тие принципи во своето работење, за нивно учество во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година при процесот на спроведување и следење на НАП за ПОВ 2024-2026 година

Продолжениот рок за поднесување на пријавите е 13 јуни 2025 година.

Пријавувањето за членство во Совет за координација и следење на НАП за ПОВ 2024-2026 година се врши по електронски пат, со доставување на пополнета пријава и потребните документи на следната електронска адреса: danche@metamorphosis.org.mk

Погледнете го целиот повик, образецот за пријавување и потребните документи на следниот линк.