Спроведена онлајн обука за отворени податоци

Скопје, 06 јули 2020

Во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Фондацијата Метаморфозис во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, спроведе дводневна онлајн обука за отворени податоци. Обуката се одржа на 29 и 30 јуни 2020 година.

На обуката учествуваа членовите на тимовите за отворање на податоците од Министерството за локална самоуправа, Државната комисија за спречување на корупција, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности и Државниот пазарен инспекторат.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Обуката за отворени податоци имаше за цел да го унапреди знаењето и вештините на лицата кои ќе работат на отворање на податоците во нивните институции.

Во рамките на дводневната обука учесниците имаа можност да се стекнат со напредни познавања за концептот и придобивките на отворени податоци и за техничките аспекти за отворени податоци, вклучувајќи формати на отворени податоци, платформи за отворени податоци, структура на податочни сетови, димензии на квалитет на податоци и техники за филтрирање и анонимизација на податочни сетови. Во текот на обуката членовите на тимовите за отворање на податоците од државните институции се здобија со напредни познавања за процесот на идентификација, каталогизација и приорeтизација на податочни сетови, како и практично знаење за процесот на објавување на податочни сетови на порталот data.gov.mk.

Обуката за отворени податоци е дел од активностите кои се спроведуваат за обезбедување на техничка поддршка на определени институции во процесот на отворање на нивните податоци.

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петгодишна иницијатива, со буџет од 9.4 милиони долари, и претставува водечка програма на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија за зајакнување на дијалогот помеѓу граѓаните и власта во однос на значајни прашања од јавен интерес.

Министерство за информатичко општество и адмиистрација

Одржана втора седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство-ОВП и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020

Скопје, 11 јуни 2020

На 9 јуни се одржа втората видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 (Совет). На седницата беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања за функционирањето на Советот, како усвојување на Деловникот за работа на Советот и избор на ко-претседатели на Советот, и за состојбата, предизвиците и можностите за процесот на ОВП во земјата, како статусот на реализација на Националниот акциски план за ОВП 2018-2020 година,  подготовка на предлог временска рамка и начин на спроведување на процесот на ко-креирање на Акцискиот план за ОВП 2020-2022 година и можностите за поддршка на процесот од страна на Секретаријатот за ОВП.

На седницата беа поканети и учествуваа сите 14 членови на Советот. Гордана Гапиќ Димитровска, национална координаторка на Република Северна Македонија за ОВП во Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) имаше улога на организатор и претседавач на оваа седница. На покана од МИОА на седницата учествуваше и Сандра Пернар, регионална координаторка на ОВП за Европа, која ги претстави можностите за поддршка на процесот на ко-креирање на  Акцискиот план за ОВП 2020-2022 година од страна на Секретаријатот за Отворено владино партнерство.

Двајца претставници од стручно-административната служба на МИОА и Сунчица Костовска-Петровска од Фондацијата Отворено општество – Македонија (координатор на мрежата на граѓански организации за ОВП) обезбедија административна и логистичка поддршка за подготовка и организација на седницата.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред и усвојувањето на записникот од Конститутивната седница на  Советот, одржана на 6.05.2020, членовите на Советот го разгледаа и усвоија и Деловникот за работа на Советот. За усвојувањето на записникот и на Деловникот беше применето електронско гласање.

Членовите на Советот, по пат на електронско гласање ги избраа и двајцата ко-претседатели на Советот – еден од членовите кои ги претставуваат органите на државната управа и еден од членовите кои ги претставуваат граѓанските организации. Од номинираните двајца претставници од институциите и четворица претставници од граѓанските организации, Советот ги изгласа своите ко-претседатели: Маја Петковска Лесес од Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност и Мартин Тодевски од Центарот за управување со промени.

На оваа седница Советот ја усвои и Предлог-Информацијата за статусот на реализација на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година (полугодишен извештај за периодот септември 2019 – март 2020 година). Целта на извештајот е да даде пресек за преземените активности од страна на носителите на заложбите од акцискиот план (институциите).

Со цел подготовка на предлог временска рамка и начин на спроведување на процесот на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2020-2022 година, Советот формираше работна група која до следната седница на Советот ќе подготви предлог динамика и постапка на спроведување на процесот на ко-креирање на новиот акциски план. Во работната група ќе учествуваат Дарко Антиќ од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Ивона Сталевска од ФООМ, Ели Чакар од Министерство за локална самоуправа, Гордана Г. Димитровска од МИОА, Сунчица Костовска-Петровска од ФООМ и претставник од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, која во својата програма има предвидено активности и обезбедено средства од проектот на УСАИД за граѓанско учество за поддршка на процесот на ко-креирање на планот.

Сандра Пернар од Секретаријатот на меѓународната иницијатива за ОВП, во улога на регионална координаторка за Европа, пред членовите на Советот ги презентираше можностите за поддршка на процесот на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2020-2022 година од страна на Секретаријатот за Отворено владино партнерство. Воедно, таа укажа на фактот дека Република Северна Македонија е фокус земја во новата тригодишна стратегија на ОВП. По обезбедената поддршка минатата година за воспоставување на Советот која е успешно реализирана, Секретаријатот на ОВП оваа година ќе го поддржи ко-креирањето на новиот двегодишен акцискиот план, како и процесот на неговото спроведување во наредниот период. Поддршката ќе биде овозможена од тимот на независниот механизам за известување и други партнери и тимови на Секретаријатот за Отворено владино партнерство со цел да помогнат во прогресот и фокусот на новиот акциски план, да им помогнат на работните групи и на Советот во поставувањето на приоритетите и подготовката на заложбите во новиот акциски план за наредниот двегодишен период. Поддршката ќе се состои во менторство, работилници и експертска помош. Г-ѓа Пернар истакна дека Република Северна Македонија веќе има високи оценки за процесот, а поддршката ќе овозможи да постигне уште понапредно ниво.

* * *

Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година е советодавно тело за Отворено владино партнерство на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Отворено владино партнерство, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Отворено владино партнерство претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за ОВП е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

За да станат дел од иницијативата за ОВП земјите-членки подготвуваат двегодишни национални акциски планови развиени со јавни консултации, редовно известуваат за напредокот, работат со граѓанското општество за постигнување на договорените заложби и се обврзуваат на независни извештаи за нивниот напредок. Подготвувањето на Акцискиот план за ОВП е инклузивно, што значи дека свој придонес во процесот даваат различни засегнати страни, вклучително и јавната администрација, граѓанското општество, локалните власти, бизнис секторот и академската заедница.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

ОВП ги одложува сите планирани настани за престојниот период

Скопје, 20 март 2020

Придобивките од процесот на Отворено владино партнерство подразбира преку здруженост и взаемен дијалог да се работи на ко-создавање и спроведување на реформите што ги доближуваат владите до своите луѓе во процесот на транспарентност, отчетност и одговорност. За жал, во тековниот контекст и ширењето на Корона вирусот во повеќе од 100 држави во светот, не е можно да се одржат редовни консултации во трациционална форма како работни состаноци, фокус групи и работилници.

Со оглед на ширењето на пандемијата, а поврзано со известувањето за почеток на процесот за подготовка на петтиот национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2020-2022 година, потребно е да ги следиме упатствата за јавно здравје и да се одложат планираните настани за ОВП до подоцна во годината или, ако е можно, да преминат на дигитални состаноци.

Свесни сме дека дигиталните настани не се секогаш достапни и затоа се надеваме дека ќе идентификуваме време за одржување на настани подоцна во текот на годината, доколку дозволи ситуацијата.

Во наредните месеци, ќе биде предизвик за многу членови на ОВП како и  на нашата земја со цел да се исполнат стандардите за соработка и учество на ОВП , вклучително и организирање на консултативни настани и состаноци за ко-креирање и спроведување на акциони планови и обврски.

Активно ке работиме со нашата заедница која е дел од ОВП во идентификување и утврдување на следни чекори на делување за што навремено ќе информираме.

Министерство за информатичко општество и администрација

Известување за почеток на процесот за подготовка на петтиот национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2020-2022

Скопје, 05 март 2020

Почитувани претставници на организации на граѓанското општество,

Ве известуваме дека започнува процесот на подготовка на петтиот национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2020-2022 (НАП 5).

 

Со цел навремено информирање подготвена е Временска рамка на активности за подготовка на НАП 5 2020-2022 во која се дадени првично утврдени датуми и истата може да се надополнува со настани и состаноци во организација на сите чинители во Отвореното владино партнерство. Временска рамка може да ја најдете тука.

Во рамките на активностите за подготовка на Акцискиот план,  Ве покануваме да пополните краток прашалник кој има за цел да ги утврди потребите за подготовка на новиот Акциски план за Отворено владино партнерство  2020-2022 година (НАП5) односно да ја испита запознаеноста на граѓанските организации со глобалната иницијатива Отворено владино партнерство, да го утврди  интересот за учество во процесот на подготовка на новиот акциски план за ОВП 2020-2022, да собере првични препораки за процесот на консултација како и предлози за мерки кои потенцијално можат да се вклучат во акцискиот план.

Би Ви биле исклучително благодарни доколку одвоите време да одговорите на прашалникот најдоцна до 16-ти март. Прашалникот можете да го најдете на следниот линк.

Благодариме за соработката,

Министерството за информатичко општество и  администрација.

Јавен повик до граѓански организации за членство во мрежата за отворено владино партнерство

Скопје, 18 декември 2019

На иницијатива на десет граѓански организации се основа мрежа на граѓански организации за отворено владино партнерство (ОВП).

Основна цел на мрежата е да го координира и зајакне гласот на граѓанските организации кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите.

Мрежата ќе се залага за иницирање, поттикнување, поддршка, спроведување и мониторинг на процесот на ОВП и за поттикнување на властите и другите институции за зголемување на нивната транспарентност, отчетност и отвореност за учество (партиципативност).

Отворено владино партнерство претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

За да станат дел од иницијативата за ОВП земјите кандидати треба да ја поддржат Декларацијата за отворено владино партнерство, да подготвуваат двегодишни национални акциски планови развиени со јавни консултации, редовно да известуваат за прогресот, да работат со граѓанското општество за постигнување на договорените заложби и да се обврзат на независни извештаи за нивниот напредок преку механизмот за независно известување. Подготвувањето на Акцискиот план за ОВП треба да биде инклузивно, што значи дека свој придонес во процесот треба да дадат различни засегнати страни, вклучително и државната администрација, граѓанското општество, локалните власти, бизнис секторот и академската заедница.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за ОВП е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Граѓанските организации се вклучени во креирање на Националните акциски планови (НАП), како и во нивното спроведување. Граѓанските организации кои ја иницираат мрежата се вклучени во работните групи за спроведување на НАП 2018-2020.

Мрежата на граѓански организации за отворено владино партнерство се формира во пресрет на подготовката на новиот (петти) национален акциски план, со цел за поорганизирано делување и влијание на граѓанските организации на неговото креирање, како и поттикнување и мониторинг на имплементацијата на постојниот и идните акциски планови.

Улогата на мрежата е да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ОВП.

Мрежата ќе се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ОВП во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата ќе учествува и придонесе за воспоставување нова структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на НАП.

Со овој повик се покануваат  сите заинтересирани граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации да учествуваат во работата на мрежата.

Зачленувањето во мрежата се врши со пополнување и доставување на приложениот образец за членство до 30 декември 2019 година.

По разгледување на формуларот од страна на Иницијативниот одбор организациите ќе бидат повратно информирани.

Ве молиме да го проширите овој повик до сите потенцијално заинтересирани граѓански организации, ваши партнери и соработници, кои ги споделуваат вредностите за отворено владино партнерство и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите, како на локално, така и на централно ниво, и воедно ги применуваат тие принципи во своето работење.

Декларација за отворено владино партнерство, принципите и структурата на мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство како и образецот за членство, можете да ги најдете прикачени подолу:

Декларација за отворено владино партнерство

Принципи и структура на мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство

Образец за членство

Министерство за информатичко општество и администрација

Министерот Манчевски на панел дискусија на високо ниво во Будва, посветена на Отворено владино партнерство

Будва, 3 октомври 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на панел дискусија на високо ниво што се одржува во Будва, Црна Гора. Целта на настанот е размена на искуства и практични решенија во однос на спроведувањето на процесот на ОВП во земјите во регионот, запознавање со новите трендови преку презентации на регионални иницијативи, како и дефинирање на  областите во кои ќе се преземат заеднички мерки во иднина.

 

 

 

 

 

 

 

Во своето обраќање, министерот Манчевски потенцираше дека, преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност, Владата на Северна Македонија успеа да ги доближи институциите до граѓаните, така што тие се вклучени во процесите на креирање на сите владини политики.

„Основен предуслов за овој процес да биде успешен е довербата на граѓаните во институциите. Тоа го правиме преку активна транспарентност и отворање на податоците. Со таа цел го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 215 од повеќе од 48 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Преку порталот сакаме да ја подобриме  испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси“, рече министерот Манчевски.

Во контекст на отворање на податоците, министерот Дамјан Манчевски додаде дека Владата воведе политики преку софтвер да ги објавува сите трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари. На овој начин граѓаните имаат јасна слика за тоа како се трошат нивните пари.

Дводневниот настан во Будва е организиран во соработка меѓу иницијативата ОВП, РеСПА (Регионалната школа за јавна администрација), Владата на Црна Гора и Владата на Северна Македонија.

На панелот, обраќање имаа и министерката за јавна администрација на Црна Гора Сузана Прибиловиќ, министерот за правда на Босна и Херцеговина Јосип Грубеша,  Пол Масен, раководител на програмата за поддршка на земјите за Отворено владино партнерство, како и Горан Пастровиќ, програмски менаџер од РеСпа.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Северна Македонија издвоена како позитивен пример на Глобалниот самит за отворено владино партнерство во Отава, Канада

Отава, 30 мај 2019 година

На отворањето на шестиот Глобален самит за отворено владино партнерство, присуствуваа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Самитот оваа година се одржува во Отава, Канада, а во следните два дена се очекува присуство на високи претставници од влади и граѓански организации од целиот свет.

Северна Македонија беше посочена како позитивен пример со реформите во пристапот до правда. Потврдата за тоа беше истакната на настанот и од Канцеларијата за отворено владино партнерство, но и од директорот на Фондацијата отворено општество, Патрик Гаспард.

“10% од акциските планови за Отворено владино партнерство сега го поврзуваат пристапот до правда со отворена влада. Во Северна Македонија, Владата поддржува четири независни центри за пристап до правда кои се фокусираат на маргинализираните групи и обезбедуваат обуки за правно зајакнување за владините службеници”, потенцираше Гаспард.

Линк до видеото:

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Министерството за информатичко општество и администрација, организираше работна средба со офицерите за отворени податоци од органите и институциите од јавниот сектор

Скопје, 23 мај 2019

Министерството за информатичко општество и администрација, денес организираше работна средба со офицерите за отворени податоци од органите и институциите од јавниот сектор.

Средбата се одржа во рамки на редовните активности на процесот за отворени податоци, со цел координација и непречена реализација на мерките и активностите од Стратегијата за отворени податоци со Акциски план 2018-2020 година, како и соодветно почитување и постапување по одребите од Законот за користење на податоците од јавниот сектор.

На средбата беше презентиран порталот за отворени податоци, по што учесниците меѓу другото дискутираа за теми поврзани со техничките аспекти и начините на објавување на информации, регистрација, како и можни пречки при објавувањето.

Со цел поддршка на институциите вклучени во овој процес, МИОА на работната средба даде и дополнителни насоки за отворање на податоци и унапредување на квалитетот на отворените податоци.  

Министерство за информатичко општество и администрација

МИОА ја одбележува глобалната недела на Отворено владино партнерство

Скопје, 12 март 2019 година

Министерството за информатичко општество и администрација ја одбележува глобалната недела на Отворено владино партнерство со јавна расправа на тема: „Каде сме и кои се следните чекори во рамки на отвореното владино партнерство“.

Настанот го отвори министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Како што истакна тој, во изминатата година Владата на Северна Македонија и МИОА, направија голем исчекор во остварување на заложбите кои се дел од ОВП.

„Кога пред една година го дефиниравме новиот Акциски план, кажав дека Владата и МИОА се залагаат за документ со конкретни мерки и активности. Мерки кои ќе придонесат за јакнење на соработката на институциите со граѓанските организации, бизнисите, медиумите, но најважно со граѓаните. Една година подоцна, со задоволство можам да кажам дека во таа намера успеавме. Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики. Тоа е единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани“, подвлече министерот Манчевски.

Основен предуслов за Отвореното владино партнерство да биде успешен процес е враќањето на довербата на граѓаните во институциите. Владата и МИОА тоа го прават преку активна транспарентност и отворање на податоците.

„На крајот на минатата година го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 190 од повеќе од 40 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Свесноста кај институциите за важноста од отворањето на податоците се зголемува. Во секоја институција имаме задолжен офицер за отворени податоци. Бизнис заедницата, медиумите, граѓанските организации и најважно граѓаните, се повеќе ги користат овие податоци, што е и основната цел на нивното објавување“, истакна министерот Манчевски.

Оваа година за првпат, во Северна Македонија имаме висок претставник од Канцеларијата за ОВП од Вашингтон, односно заменик-директорот Џо Пауел. Тој се осврна на соработката со МИОА и успехот што Северна Македонија го постигна по усвојување на новиот Акциски план за ОВП.

„Во однос на вашата земја, гледам заложби за отворен трезор, измени во Законот за спречување на корупција, со фокус на граѓаните, отворање на што поголем број на податоци… Ова е навистина амбициозен и интересен план, и е согласно вашата цел за влез во Европската Унија. ОВП е тука да ви помогне во реализирањето на сите овие цели. Во однос на предизвиците, еден од предизвиците е имплементацијата на овие планови. Тоа не е нешто што се случува во период од една година, за тоа е потребна и храброст и политичка волја. Но, верувам и гледам дека Северна Македонија има потенцијал, мислам најголем во регионот во однос на можноста за функционирање на ОВП. Тоа е место, платформа каде сите вие можете да добиете идеи, алатки и нови иновативни решенија. Ние нема да ви кажуваме што да правите, тоа го оставаме на вас, а ние само можеме да ве поддржиме“, порача Пауел.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Министрите Манчевски и Поповски на средба со Пауел, заменик директор на Отворено владино партнерство: Република Северна Македонија да биде инспирација и за другите земји од регионот

Скопје, 11 март 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска остварија средба со заменик-директорот за Отворено владино партнерство од канцеларијата во Вашингтон, САД, Џо Пауел.

На состанокот министерот Манчевски се осврна на активностите преземени во рамки на отворените податоци како основен предуслов за соработка помеѓу институциите и граѓаните.

„Во моментов имаме 190 отворени податочни сетови од повеќе од 40 институции. Ова е само почеток, и бројот на податоците постојано се зголемува. Институциите стануваат свесни за важноста од отворање на податоците, а бизнисите, граѓанските организации, медиумите се повеќе ги користат овие податоци што им се на располагање“, подвлече министерот Манчевски.

Министерот Поповски ги претстави сетот на мерки што Владата на Северна Македонија ги презема за развој на концептот “Отворена Влада”.

“Најголем предизвик беше да се отворат институциите. Не само што ги направивме достапни за граѓаните информациите за работење на владата, туку и создаваме систем на критериуми за секоја наредна власт. Претставници на граѓанските организации во Република Северна Македонија се вклучени во креирање на стратегии, измени и дополнувања на закони и мониторирање на нивната имплементација, со цел да добиеме поуспешен и посеопфатен процес. “

Како што истакна Пауел, Владата е лидер во регионот од аспект на Отвореното владино партнерство. Според него Акцискиот план усвоен минатата година, има конкретни мерки и поради тоа постои можност за зголемување на соработката и поддршката што ОВП ќе ја обезбеди за Северна Македонија.

„Ова е прва посета на високи претставници на ОВП тука, од формирањето на ОВП во 2011та година. Сакаме успехот што Северна Македонија го постигна да биде инспирација и Вие да бидете лидер за другите земји од регионот“, истакна Пауел.

Заменик-директорот Џо Пауел и неговата делегација се во посета на Северна Македонија во рамки на Глобалната недела за отворено владино партнерство. По тој повод, МИОА организира и јавен настан „Каде сме и следни чекори во рамки на отвореното владино партнерство” кој ќе се одржи на 12-ти март 2019 година во Клуб на пратеници.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација