ПРИСТАПОТ ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР КАКО ОСНОВА НА ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОТЧЕТНОСТ

Postuar më

Вовед

Правото на пристап до информации од јавен карактер претставува суштински елемент на демократското управување и клучен механизам за обезбедување транспарентност, отчетност и информирано учество на јавноста. Во институционална рамка, информацијата се развива од административен продукт во јавен ресурс кој овозможува видливост на работењето на институциите и јакнење на довербата во властите.

Во Република Северна Македонија, развојот на транспарентноста е тесно поврзан со принципите на Партнерството за отворена власт, во чија основа пристапот до информации претставува предуслов за ефективно учество, јавна отчетност и одговорно управување. Во тој контекст, пристапот до информации не се третира само како законска обврска, туку како инструмент за функционирање на институциите.

Заедничката релација помеѓу пристапот до информации и Партнерството за отворена власт

Партнерството за отворена власт ја афирмира поврзаноста помеѓу транспарентноста, јавната отчетност и граѓанското учество. Овие принципи се остварливи единствено доколку институциите обезбедуваат континуирана достапност на информациите.

Пристапот до информации создава услови граѓаните да ја разберат работата на институциите, да ги следат јавните политики и да учествуваат во процесите на донесување одлуки. На тој начин, човековото право на пристап до информации се трансформира во функционален механизам на демократско управување.

Напредокот во областа на пристапот до информации претставува директен показател за степенот на имплементација на принципите на Партнерството за отворена власт, бидејќи транспарентноста не произлегува само од правната рамка, туку од реалната достапност и употребливост на информациите.

 

Пристапот до информации како основа на транспарентното и отчетно управување

Начинот на управување со информациите претставува еден од најјасните показатели за институционалната зрелост на современата јавна администрација. Институциите кои обезбедуваат навремен, целосен и разбирлив пристап до информации воспоставуваат предвидливи процеси на одлучување, јасно дефинирана јавна одговорност и стабилна комуникација со граѓаните.

Во овој контекст, транспарентноста постепено се трансформира од реактивна административна обврска – ограничена на одговор на поединечни барања – во интегриран принцип на управување со јавните работи и услуги. Информациите престануваат да бидат административен производ кој се доставува по барање и стануваат суштинска алатка преку која институциите ја демонстрираат својата транспарентност и отчетност, со што се зајакнува нивниот легитимитет.

Клучна улога во овој процес има проактивната транспарентност, односно редовното објавување на информации од јавен карактер без претходно барање од страна на граѓаните. Објавувањето на информации на веб-страниците на институциите претставува најдобар  и најефикасен инструмент, преку кој транспарентноста станува трајна институционална пракса. Кога информациите за буџетското работење, јавните политики, стратегиите, одлуките, договорите се редовно и структуирано достапни на веб страните, пристапот до информации се реализира како постојан јавен сервис, а не како исклучок во работењето на институциите.

На тој начин, веб-страниците се трансформираат во централни точки на отчетност кон јавноста. Тие не претставуваат само комуникациски канали, туку и инфраструктура на транспарентното и отчетното работење, преку која граѓаните, медиумите и граѓанските организации добиваат континуиран увид во работата на институциите.

Пристапот до информации како мерка за институционална зрелост

Пристапот и отвореноста на информациите претставува индикатор за функционалност и стабилност на институционалниот систем. Институциите кои воспоставуваат јасни процедури за управување со информациите, демонстрираат способност за одговорно управување со јавните политики, јавните финансии и јавните ресурси.

Во рамките на реформските процеси поврзани со Партнерство за отворена власт, пристапот до информации има суштинска улога бидејќи овозможува мерење на реалниот напредок на реформите. Преку достапноста на информациите се обезбедува следење на имплементацијата на владините политики, јавен надзор над институционалното работење и континуирана евалуација на резултатите од јавните политики.

Проактивната транспарентност во овој процес создава нов институционален стандард. Наместо јавноста да бара информации за да разбере како функционира системот, институциите самостојно обезбедуваат видливост на своите активности. Ова претставува премин од култура на административна затвореност кон култура на институционална отвореност и отчетност.

Институционалната зрелост се препознава токму во способноста информациите да бидат управувани: преку јасни регистри на документи, редовно ажурирани веб-содржини, отворени бази на податоци и достапни објаснувања на јавните политики. Кога овие елементи функционираат координирано, транспарентноста станува структурна карактеристика на управувањето и работењето на институциите.

Влијание врз јавните политики и јавните услуги

Достапноста на информациите директно влијае врз начинот на креирање и спроведување на јавните политики. Политиките кои се развиваат во услови на транспарентност, се засноваат на докази, јавна дебата и информирано учество на засегнатите страни. Информациите кои се проактивно објавени овозможуваат рана идентификација на предизвиците, подобра меѓуинституционална координација и поефикасно користење на јавните ресурси.

Истовремено, пристапот до информации има значајно влијание врз квалитетот на јавните услуги. Кога процедурите, надлежностите и услугите се јавно објавени и лесно достапни, административните процеси стануваат поедноставни и предвидливи. Граѓаните полесно ги разбираат своите права и обврски, а институциите воспоставуваат администрација ориентирана кон корисниците.

Довербата во институциите не се гради преку поединечни активности, туку преку континуирана видливост на институционалното работење. Кога информациите се на лесен и брз начин достапни за граѓаните, на тој начин ќе можат да ги разберат јавните политики, да ја следат нивната имплементација и да ја оценуваат ефикасноста на институциите.

Проактивното објавување на информации ја намалува потребата од поднесување на барања за пристап до истите, го намалува административниот товар и овозможува јавните услуги да се развиваат во насока на дигитализација и ефикасност. Објавувањето на информации на веб-страниците на институциите ја намалува дистанцата помеѓу администрацијата и граѓаните, овозможува конструктивен јавен дијалог и ја зајакнува отчетноста во нивното работење. На тој начин, транспарентноста престанува да биде само демократска вредност и туку станува ефикасен инструмент за подобро управување.

Во таков систем, пристапот до информации не претставува само индивидуално човеково право, туку механизам преку кој се одржува рамнотежата помеѓу институционалната моќ и јавниот интерес.

Заклучок

Развојот на транспарентното и отчетното работење е директно поврзано со начинот на кој институциите управуваат со информациите од јавен карактер. Пристапот до информации претставува заедничка основа која ги поврзува транспарентноста, учеството на јавноста, интегритетот на институциите и квалитетот на јавните услуги.

Кога информациите се системски објавени, јасно структурирани и лесно достапни преку веб-страниците, транспарентноста станува трајна карактеристика на управувањето, а не реформска обврска со ограничено времетраење. На тој начин се воспоставува функционирање засновано на доверба, отчетност и информирано учество на јавноста.

Во рамките на реформските процеси поврзани со Партнерството за отворена власт, пристапот до информации се потврдува како еден од темелните постулати врз кои се гради модерната јавна администрација. Тој претставува предуслов за ефективни политики, квалитетни јавни услуги и одржлива доверба во институциите.

 

Подготвил:

Оливер Серафимовски

Leave a Reply