Советот за Отворено судство денеска во Врховниот суд на Република Северна Македонија ја одржа третата седница.
На денешната седница беа назначени членови на Секретаријатот на Советот за Отворено судство и беше презентирана новата динамика за спроведување на Акцискиот план за Отворено судство 2021-2023 година.
На почетокот на седницата беа поздравени позитивните оценки на Европската унија за работата на Советот и неговите заложби за унапредување на транспарентноста на судството.
Претседателката Беса Адеми истакна дека ваквите оценки на Европската комисија се големо охрабрување за работата на Советот и претставува дополнителен мотив за остварување на неговите цели.
Жарко Хаџи Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи како копретседател на Советот, говореше за начинот и интензитетот на спроведувањето на Акцискиот план и за активностите на Советот кои треба да ги реализира во следниот период.
Во таа насока, на денешната седница се разменија повеќе мислења и предлози за спроведувањето на Акцискиот план во контекст на презентираната динамика и усогласеноста со Акцискиот план за Отворено владино партнерство.