Соопштение за одржана 9та седница на Совет за ПОВ

 

На 26 август 2026 година се одржа деветтата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026, на која беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање резултатите од оценувањето на предлог-заложбите од страна на членовите на Советот.

На седницата активно учествуваа дванаесет членови и еден заменик-член на Советот. Седницата се одржа во просториите на Клубот на органите на државната управа.

Согласно усвоениот дневен ред, Советот го усвои Записникот од осмата седница, одржана на 19 јуни 2026 година.

Во текот на седницата беа разгледани резултатите од оценувањето на 23 предлог-заложби, развиени во рамки на четирите приоритетни области утврдени во процесот на ко-креирање на новиот Акциски план: 8 заложби во областа „Антикорупција, интегритет, одговорност и отчетност“, 4 во областа „Граѓанско учество и партиципативно донесување одлуки“, 6 во областа „Дигитално управување“ и 5 во областа „Клима и животна средина“.

Членовите на Советот ги разгледаа просечните оценки добиени врз основа на индивидуалното оценување, исполнетоста на утврдените критериуми, како и прашањата и забелешките идентификувани во процесот на оценување. Посебно внимание беше посветено на усогласеноста на предложените заложби со принципите и вредностите на Партнерството за отворена власт, нивната поврзаност со постојните институционални обврски и други стратешки документи, како и можноста за нивна реализација во периодот на спроведување на Акцискиот план.

По разгледувањето на резултатите, спроведената дискусија и гласањето, Советот одлучи 20 од вкупно 23 предлог-заложби да бидат вклучени во првиот нацрт на Националниот акциски план за Партнерството за отворена власт 2026–2028 година.

Со ова се заокружува една од клучните фази во процесот на ко-креирање на новиот Национален акциски план. Во наредниот период следува финализирање на текстот на првиот нацрт на Националниот акциски план за Партнерството за отворена власт 2026–2028 година, кој е предвидено да биде објавен за јавна консултација во текот на септември 2026 година. Во рамки на консултативниот процес, заинтересираните страни ќе имаат можност да достават коментари, предлози и препораки за дополнително унапредување на предложените заложби и текстот на Акцискиот план.

 

***

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за јавна администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за јавна администрација.

 

 

 

Leave a Reply