Советот за Отворено судство денеска во Врховниот суд на Република Северна Македонија ја одржа својата втора седница на која беше усвоен Деловникот за работа на Советот за Отворено судство.
На денешната седница за ко-претседатели на Советот за Отворено судство беа избрани Беса Адеми, претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија и Жарко Хаџи – Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи.
Во своето обраќање претседателката на Врховниот суд истакна дека Отвореното судство има за цел да ја унапреди транспарентноста на судовите и да ја зголеми довербата кај граѓаните, но и да послужи како механизам за подобрување на статусот на судството преку целосно почитување на начелото на независност во сите облици – институционална, функционална и финансиска.
На денешната седница беше нагласено дека преку Советот за Отворено судство ќе се поттикне отвореноста на работата на судовите и правосудните институции и ќе се поттикне учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата Отворено судство во Република Северна Македонија.
Советот за Отворено судство е тело во кое членуваат претставници од сите судски инстанци и претставници на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на судии, Здружението на судска администрација, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Коалицијата „Сите за правично судење“.