Одржана третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година

Скопје, 23 декември 2024

 

На 23 декември 2024 година се одржа третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година.

На самиот почеток на седницата, министерот за јавна администрација, Горан Минчев во своето поздравно обраќање, ја потврди важноста на Партнерството за отворена власт како стратешка иницијатива за модернизација на јавната администрација и за обезбедување поефикасна, транспарентна и отчетна влада, која е во служба на граѓаните и истакна дека Министерството за јавна администрација, како водечка институција во оваа иницијатива, ќе продолжи да ги обезбедува сите потребни ресурси и координација за успешна имплементација на заложбите од Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година.

 

Согласно дневниот ред за работа, на седницата беа разгледани и дискутирани имплементацијата на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 и членовите на Советот беа информирани за тековните состојби за Партнерството за отворена власт (ПОВ) на национално и глобално ниво.

На седницата активно учество земаа 12 членови/заменици членови на Советот,  претставници на органите на државната власт и граѓанските организации. Гордана Гапиќ Димитровска од Министерството за јавна администрација, Национален координатор за ПОВ и ко-претседател на Советот за ПОВ имаше улога на претседавач на оваа седница.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред и усвојувањето на записникот од втората седница на  Советот одржана на 5.06.2024, членовите на Советот беа детално информирани во однос на активностите и предизвиците во текот на имплементацијата на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 со поединечен осврт на Отворена влада, Отворен парламент и Отворено судство како и за процесот на подготовка на Извештајот за само-оценка со статусот на имплементација на Национален акциски план ПОВ (2024-2026 година), за периодот февруари 2024 – декември 2024 година. Дополнително со членовите на Советот се споделија главните информации произлезени од регионалниот состанокот за ПОВ- Западен Балкан 2024, одржан во Тирана, ноември 2024 година од страна на Aња Босилкова-Антовска од Балканската мрежа за развој на граѓанско општество, член на Советот за ПОВ и Герман Филков од Центар за граѓански комуникации, ко-претседател на Советот за ПОВ.

Во текот на дискусијата а согласно динамиката утврдена од Секретаријатот за ПОВ, се утврди  дека во првата половина од 2025 година ќе отпочне новиот процес на ко- креирање на седмиот по ред акциски план за Партнерство за отворена власт со што членовите на Советот ја изразија својата подготвеност на инклузивен и иновативен начин да се посветат во новиот циклус на подготовка. Беше заклучено дека следната седница ќе биде тематски посветена на утврдување на начинот и динамиката на подготовка на новиот двогодишен акциски план за ПОВ.

 

* * *

 

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

 

 

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

 

 

 

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени шест национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.

 

 

Leave a Reply