Азир Алиу: Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, денеска говори на конференцијата „ Партнерство за отворена власт – дијалог за Националниот акциски план  2024-2026“, која што се одржа во свечена сала на Влада на Република Северна Македонија.

Министерот Алиу посочи дека Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада.

“ Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во оваа иницијативата во 2011 година досега, преку пет акциски планови, посветено се следеше потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија.

Отворените финансии и достапноста на информациите за плаќањата на државните институции кон фирми, други институции и физички лица; Граѓанскиот буџет; зголемувањето на рокот за консултација на предлог законите на ЕНЕР; достапноста на повеќе од 300 податочни сетови на порталот за отворени податоци; пристапот до правда, воспоставувањето на регистарот за вистински сопственици, се само дел од постигнатите резултати. Со отворањето и ставање на располагање на нашите ресурси на јавноста, успеавме да го унапредиме дијалогот, иновациите и употребата на технологијата што го прават животот на нашите граѓани подобар и полесен.” , посочи министерот Алиу.

Министерот Алиу додаде дека МИОА е надлежно министерство за ова иницијатива и дека во месец јули отпочнаа активностите за подготовка за шестиот Акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година

“ Министерството за информатичко општество и администрација е надлежно министерство за координација на оваа иницијатива, која во срцето на своето делување ја промовира и поттикнува идејата за транспарентност на Владата, учество на јавноста во процесите на креирање на јавните политики и отчетност на Владата за испорачаните услуги.

Оваа година е особено значајна за нас.  Во јули месец во слична атмосфера официјално отпочнаа активностите за подготовка за шестиот Акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година. Во изминатите месеци во веќе препознатливиот динамичен и инклузивен процес се подготвуваа придонесите за  шестиот акциски план  и тоа со вклученост на околу стотина претставници од граѓанскиот и јавниот сектор, Советот и Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт.”, заклучи министерот Азир Алиу.

Акциски план 2021-2023 на Собранието на Република Северна Македонија: јавни консултации со граѓанското општество

21 мај,

 

На 21 мај, за време на седмицата за отворена власт (OpenGovWeek), Собранието на Република Северна Македонија ќе го вклучи граѓанското општество преку јавнa консултацija за ко-креираниот нацрт Акционен план на Собранието 2021-2023 година. Хибридниот настан е отворен за сите граѓански организации од Северна Македонија, обезбедувајќи можност да се информира и вклучи граѓанското општество во понатамошниот развој на Акцискиот план на Собранието за 2021-2023 година како и да се потврдат заложбите на Собранието.

 

Линк до хибриден настан: https://us02web.zoom.us/j/83890564358

Агенда: АГЕНДА Хибриден настан – OGP, Собрание (21 мај 2021)

Програма за парламентарна поддршка, НДИ, ИДСЦС и ЦУП

Е-работилница „Управување темелено на интересите и потребите на граѓаните“

На 4 јуни се одржа е-работилница „Управување темелено на интересите и потребите на граѓаните“на која учествуваа претставници од институциите, граѓанското општество и претставници на Секретаријатот за Отворено владино партнерство (ОВП).

Република Северна Македонија е дел од глобалната инцијатива Отворено владино партнерство, меѓународна платформа преку која соработуваат институциите и граѓанското општество со дел да се обезбеди транспарентност и отчетност на властите пред граѓаните. Согласно прифатените обврски, Северна Македонија има усвоено четири Акциски планови (2012, 2014, 2016 и 2018) и постојано работи на подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавните институции, зголемување на транспарентноста и пристапот до информации, унапредување на квалитетот на јавните услуги за граѓаните и деловните субјекти.

 

Во моментот активно се работи на финализирање на петтиот ОВП Акциски план 2021-2023 во рамки на приоритетните области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност; Спречување на корупција и промовирање на добро владеење; Испорака на јавни услуги и Пристап до правда.

Е-работилницата имаше за цел да обезбеди финализирање на заложбите, од приоротетните области Пристап до правда и Испорака на јавни услуги, кои ќе бидат вклучени во новиот акциски план преку соодветен преглед на веќе сработеното во тесна соработка со клучните службеници од институциите и преставници на граѓанските организации, преку:

· подобрено разбирање за ОВП неговите барања, насоки и добрите практики на Советот за ОВП и Мрежата на граѓански организации за ОВП;

· запознавање со статусот и резултатите од процесот на ко-креација на Националниот акциски план;

· утврдување на важноста и придобивките од дијалогот при финализирање на заложбите што треба да бидат вклучени во Националниот акциски план на ОВП;

· обврзување за понатамошна вклученост и учество во процесите на финализирање на НАП 2021-2023.

Стратешкиот дел од е-работилницата на која учествуваа 50 учесници, го отвори ГОРДАНА ГАПИЌ ДИМИТРОВСКА, Национална координаторка за ОВП во РСМ, која даде осврт во целите на работилницата и истакна дека овој настан претставува продолжение на Министерскиот состанок чиј домаќин беше Премиерот на Владата на РСМ каде беше потврдена заложбата на Владата да ги продолжи своите напори за подобрување на ефикасноста и ефективноста во јавните институции преку употреба на технологии и иновативни решенија за пресретнување на интересите и потребите на граѓаните бидејќи оваа работилница е плод на досегашната соработката помеѓу јавните службеници и граѓанскиот сектор.

Беше потенцирано дека по е-работилницата ќе претстојат дополнителни куси состаноци помеѓу подносителите на заложбите и надлежните институции со цел финализирање на содржината и комплетирање на петтиот Национален акциски план кој наредниот месец треба да влезе во владина процедура за негово усвојување.

ПОЛ МАСЕН, Генерален секретар, ОВП, го истакна значењето за РСМ на ОВП иницијативата осврнувајќи се на стратешката поддршка од ОВП на национално и локално ниво. Истакна дека особено ги цени сите достигнувања направени до сега од вклучувањето на земјата во ОВП иницијативата во 2011 и политичката волја, силната посветеност и колективното разбирање на Владата во реформската агенда за што сведочеше и Министерската средба на високо ниво одржана во април 2021 година. Оттука, нагласи дека РСМ е една од приоритетните земји на ОВП кои ја уживаат поддршката од Секретаријатот за ОВП и дека служи како пример за добри практики и успешни реформи.

Посочи дека се видливи првите напредоци во областа Пристап до правда и Испорака на јавни услуги, темите кои беа предмет на работа особено во вториот дел од средбата со цел да се прифатат заложби, процеси и идеи кои ќе обезбедат нов, ефикасен и ефективен начин на кој властите ќе им служат на граѓаните и ќе одговорат на нивните потреби.

Истакна дека радува вклучувањето на заложби во областа Пристап до правда и во следниот АП кои се однесуваат на маргинализираните групи граѓани, особено што претставува продолжување на успешната имплементација на заложбите од циклусот 2018-2020, преку кои РСМ е единствената земја од Западен Балкан која областа Пристап до правда ја предвиде како составен дел од ОВП АП 2018-2020 и служи како инспирација и пример за останати земји ширум светот да ја сторат истата добра и успешна практика.

Во делот Испорака на јавни услуги се осврна на нивното значење како платформа за дијалог за најразлични прашања и важноста од обезбедување на инклузија за сите граѓани и одговор од Владата. Она што е особено важно, додаде Пол Масен е да се обезбеди имплементација на предложените заложби, односно реѕлтати кои ќе доведат до подобрување на животите на сите граѓани.

Во продолжение, челновите на Советот за ОВП, ИВОНА СТАЛЕВСКА, Фондација Отворено општество – Македонија и ДАРКО АНТИЌ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, го презентираа статусот на предлог-заложбите во приоритетните области Пристап до правда и Испорака на јавни услуги.

Сталевска и Антиќ хронолошки го презентираа консултативниот процес на ко-креација во двете области,  започнувајќи од изработката на документите кои го регулираат процесот, одржаните 3 онлајн информативни средби за едукација, 12 онлјан средби за идентификување на проблеми, одговорни институции и потребата од нивно можно преточување во заложби и низа индивидуални состаноци, со институции и граѓански организации во секоја област одделно. Дополнително, ги информираа присутните за идентификувани проблеми во областите од почетокот на консултативниот процес и нивното преточување во нацрт-заложби за петтиот ОВП АП 2021-2023, давајќи осврт на нивната содржина, подносителите на секоја заложба одделно и водечкитеинституции заедно со останати вклучени субјекти важни за спроведување на заложбите.

Одговор обезбедија  државните секретари на Министерството за правда, ФОРСИНА ТАСЕВСКА и Министерството за труд и социјална политика, РЕСМИ ЕЈУПИ кои ги поздравија напорите и соработката со граѓанскиот сектор и дадоа осврт кон секоја предлог-заложба одделно во наделжност на својата институција

Во нивните излагања дадоа поддршка на процесот и упатија на потребата од вклучување на предложените заложби во следниот акциски план по доуредување на содржина.

Членовите на Советот за ОВП, Ивона Сталевска и Дарко Антиќ го фасилитираат оперативниот дел од е-работилницата каде беа дискутирани нацрт-заложбите од двете области за кои беше увидено дека има потреба од дополнителна доработка и усогласување на дел од содржината. Работата беше координирана од конуслтантот Мајкл Кањарес и претставници на Секретаријатот за ОВП, каде врз основа на развиени прилози за работа во работни групи преку дискусија помеѓу подносителите на нацрт-заложбите и надлежните иснтитуции беше постигната целта на работилницата.

Со цел финализирање на заложбите од приоритетните области Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност и Спречување на корупција и промовирање на добро владеење, на 14 јуни 2021 ќе биде одржана и втората е-работилница „Транспарентност и отчетност во јавниот сектор“.

Известување за почеток на процесот за подготовка на петтиот национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2020-2022

Скопје, 05 март 2020

Почитувани претставници на организации на граѓанското општество,

Ве известуваме дека започнува процесот на подготовка на петтиот национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2020-2022 (НАП 5).

 

Со цел навремено информирање подготвена е Временска рамка на активности за подготовка на НАП 5 2020-2022 во која се дадени првично утврдени датуми и истата може да се надополнува со настани и состаноци во организација на сите чинители во Отвореното владино партнерство. Временска рамка може да ја најдете тука.

Во рамките на активностите за подготовка на Акцискиот план,  Ве покануваме да пополните краток прашалник кој има за цел да ги утврди потребите за подготовка на новиот Акциски план за Отворено владино партнерство  2020-2022 година (НАП5) односно да ја испита запознаеноста на граѓанските организации со глобалната иницијатива Отворено владино партнерство, да го утврди  интересот за учество во процесот на подготовка на новиот акциски план за ОВП 2020-2022, да собере првични препораки за процесот на консултација како и предлози за мерки кои потенцијално можат да се вклучат во акцискиот план.

Би Ви биле исклучително благодарни доколку одвоите време да одговорите на прашалникот најдоцна до 16-ти март. Прашалникот можете да го најдете на следниот линк.

Благодариме за соработката,

Министерството за информатичко општество и  администрација.

Известување за почеток на процесот за подготовка на шестиот национален Акциски план за Партнерството за отворена власт 2024-2026 година

Скопје, 18 мај 2023

Почитувани претставници на организации на граѓанското општество,

Ве известуваме дека започнува процесот на подготовка на шестиот национален Акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 (НАП 6).

Со цел навремено вклучување и предвидливост на процесот на ко-креација, Советот за Партнерство за отворена власт на петтата седница одржана на 17.05.2023 година усвои Временска рамка на активности за подготовка на НАП 6 2024-2026. Временската рамка може да ја најдете тука.

Во временската рамка се дадени првично утврдени датуми и истата може да се надополнува со настани и состаноци во организација на сите чинители во Партнерството за отворена власт. Во рамките на активностите за подготовка на Акцискиот план, предвиден е начинот на вклучувањето на засегнатите страни, едукација, работни сесии за ко-креирање на заложби, консултации и утврдување на планот. Ваквиот систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација  ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-реирање на новиот акциски план за Партнерство за отворена власт.

Благодариме за соработката,

 

Министерство за информатичко општество и администрација.

* * *

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.

 

Известување за почеток на процесот за подготовка на шестиот национален Акциски план за Партнерството за отворена власт 2024-2026 година

Почитувани претставници на организации на граѓанското општество,

Ве известуваме дека започнува процесот на подготовка на шестиот национален Акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 (НАП 6).
Со цел навремено вклучување и предвидливост на процесот на ко-креација, Советот за Партнерство за отворена власт на петтата седница одржана на 17.05.2023 година усвои Временска рамка на активности за подготовка на НАП 6 2024-2026.  Временската рамка може да ја најдете тука.

Во временската рамка се дадени првично утврдени датуми и истата може да се надополнува со настани и состаноци во организација на сите чинители во Партнерството за отворена власт. Во рамките на активностите за подготовка на Акцискиот план, предвиден е начинот на вклучувањето на засегнатите страни, едукација, работни сесии за ко-креирање на заложби, консултации и утврдување на планот. Ваквиот систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација  ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-реирање на новиот акциски план за Партнерство за отворена власт.
Благодариме за соработката,

Министерство за информатичко општество и администрација.
* * *
Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.
Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.

ИЗВЕШТАИ ЗА ИЗВРШЕНА ПРОВЕРКА НА ОБЈАВЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ И ИНФОРМАЦИИ КОИ ИМАТЕЛИТЕ СЕ ОБВРЗАНИ ДА ГИ ОБЈАВАТ НА СВОИТЕ ВЕБ-СТРАНИЦИ

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно своите надлежности за зголемување на активната транспарентност на имателите на информации од јавен карактер, а во насока на доследно спроведување на одредбите од Законот за СПИЈК и остварувањето на правото на граѓаните за слободен пристап до информации, спроведе четири мониторинзи на интернет страниците на јавните претпријатија и установи во надлежност на Општините, Општините и Центрите за развој на плански региони во Република Северна Македонија, на државните институции, како и на основните, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд, Врховниот суд и Судскиот совет во врска со почитување на членот 10 од Законот. Треба да напоменеме дека со Мониторинзите не се прави анализа на содржините, односно на квалитетот на објавените информации.

Мониторинзите се спроведен согласно новата методологија имплементирана во соработка со надворешни експерти, ангажирани од ИПА II Проектот „Транспарентност и 4 отчетност на јавната администрациија“, чиј корисник е Агенцијата. Изготвениот прашалник содржи вкупно 30, односно 40 прашања кои произлегуваат од членот 10 од Законот, а се во согласност со нивните надлежности. Некои од нив содржат едно или повеќе подпрашања, а максималниот број на можни бодови изнесува 50-56 бодови. Имателите за објавените податоци добиваат 0, 0.5 и 1 бод, зависно од бројот и ажурираноста на објавените документи. Прашалниците се дистрибуираат до имателите, од кои се бара сами да извршат евалуација на сопствената транспарентност.

Извештаите од мониторинзите можете да го симнете на следните линкови:

 

https://aspi.mk//wp-content/uploads/2022/07/ИЗВЕШТАЈ-ОД-МОНИТОРИНГ-НА-ЈАВНИТЕ-ПРЕТПРИЈАТИЈА-И-УСТАНОВИ-ПОД-НАДЛЕЖНОСТ-НА-ОПШТИНИТЕ.pdf

 

https://aspi.mk/wp-content/uploads/2022/07/ИЗВЕШТАЈ-ОД-МОНИТОРИНГ-НА-ОПШТИНИТЕ.pdf

 

https://aspi.mk/wp-content/uploads/2022/07/ИЗВЕШТАЈ-ОД-МОНИТОРИНГ-НА-ДРЖАВНИ-ИНСТИТУЦИИ.pdf

 

https://aspi.mk/wp-content/uploads/2022/07/ИЗВЕШТАЈ-ОД-МОНИТОРИНГ-НА-СУДСКА-ВЛАСТ-2022.pdf

 

или директно преку линкот: https://aspi.mk/брошури/

Иновативните алатки за потранспарентни општини во земјава меѓу глобалните победници за Партнерство за отворена власт

Сеул, 16 декември, 2021

Иновативните алатки кои овозможија поголема транспарентност и отчетност на општините во земјава се прогласени за едни од глобалните победници на Самитот за Партнерство за отворена власт кој од 15 до 17 декември се одржува во Сеул, Република Кореја.

Во конкуренција на повеќе од 100 апликации, заложбата за потранспарентни општини во Северна Македонија ја освои третата награда на европско ниво за влијание во подобрувањето на животот на луѓето и квалитетот на демократијата. Станува збор за група алатки кои беа креирани и ставени во функција во изминатите три години. Придонесоа за подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво, овозможија следење во живо на седниците на 18 општини, како и директно вклучување на граѓаните во процесот на носење одлуки во 24 општини. Активностите беа спроведени во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“, чиј носител е Министерството за локална самоуправа.

Национален координатор на иницијативата Партнерство за отворена власт, која се спроведува од 2011 година, е Министерството за информатичко општество и администрација.

„Би сакал да споделам дека Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада а добиената награда на Глобалниот самит е вистинска и искрена потврда дека заедничкиот труд и партнерскиот однос на Владата, граѓанскиот сектор и донаторската заедница обезбедува функционални и долгорочни решенија за предизвиците пред кои сме исправени како општество. Од приклучувањето во оваа иницијативата во 2011 година преку пет акциски планови посветено се следи потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија. Со новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2021-2023 година потврдена е заложбата дека и во наредниот период ќе се продолжи со посветена работа на  јавниот сектор, од кој се очекува во партнерски однос со засегнатите страни да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови“,  истакна министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски од своја страна изјави:

„Ова глобално признание е плод на повеќегодишни напори и активности, кои ги спроведовме заедно со нашите партнери, во насока на поголема отвореност на локалните самоуправи, но и подиректна вклученост на граѓаните во процесот на работење и одлучување во општините во кои живеат. Во пракса, активностите придонесоа за брз и лесен пристап до податоците за реализација на општинските буџети, носење одлуки врз основа на релевантни и достапни податоци, како и реализација на проекти од јавен интерес предложени директно од граѓаните“, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Заложбата за транспарентни општини се спроведе во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, а чии главни имплементатори се Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

„Остварувањето на оваа заложба покажа дека кога граѓаните се присутни во процесот на донесување одлуки и финансиско планирање, ефективноста и ефикасноста на јавните услуги се подобрува. Вклученоста на граѓаните во овој процес исто така придонесува за отчетноста и транспарентноста на властите, како и довербата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Честитки за Северна Македонија за ова признание, имено се надевам дека истото ќе поттикне одржлив раст на овие алатки, а со тоа и поголема вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки во иднина“, изјави Вероник Улман Марти, амабасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија

„УНДП посветено работи на развивање на локалната демократија и надградување на капацитетите на општините, бидејќи веруваме дека токму тоа е клучен предуслов за одржлив развој и подобри услови за живот за сите граѓани. Ова признание е „ветер во грб“ да опстоиме на нашата  цел постоечките алатки да бидат прифатени од сите локални самоуправи во државата, но и да креираме нови иновативни решенија за поголема отвореност на општините кон граѓаните“, изјави Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Конференцијата на Високо ниво за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и одбележувањето на десет години Партнерство за отворена власт во Северна Македонија

Ни претставува задоволство да Ве поканиме во име на Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), Фондацијата Отворено oпштество – Македонија (ФООМ), Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), кои партнерски го спроведуваат проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“, да присуствувате на Конференцијата на Високо ниво за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и одбележувањето на десет години Партнерство за отворена власт во Северна Македонија.

Конференцијата ќе се одржи на 23 февруари (среда) 2022 година, со почеток во 10.30 часот во х. Александар Палас – Скопје.

На Конференцијата присутните ќе се осврнат на придобивките од процесот на Партнерство за отворена власт и важноста на вклучување на сите заинтересирани страни во овој процес; ќе дадат преглед на процесот во кој беа утврдени приоритетните области при ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 (НАП за ПОВ 2021-2023); ќе ги споделат плановите за спроведување и следење на заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и секако ќе се осврнат на одбележување на десетгодишнината на процесот на Партнерство за отворена власт во Северна Македонија. Се надеваме дека на Конференцијата ќе биде поттикната и дебата и соработка меѓу сите заинтересирани страни кои се вклучени во процесот на ко-креирање, спроведување и следење на НАП за ПОВ 2021-2023.

Работен јазик на конференцијата е македонскиот јазик, а ќе биде обезбеден симултан превод на албански и англиски јазик и обратно. На конференцијата која ја организираме во живо ќе бидат запазени сите ковид протоколи. Потребно е присутните при регистрацијата да приложат сертификат за завршена вакцинација.

 

Програма за работа на конференцијата.

Ве замолуваме Вашето присуство да го регистрирате на следниов линк https://forms.office.com/r/PAQ2JasK7t

Манчевски: Обврска на институциите е да ги отворат податоците за новинарите да можат да ја исполнат својата задача и да ги информираат граѓаните

Скопје, 24 јануари 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, учествуваше во дебатата: „Перспективите на истражувачкото новинарство“.

Министерот Манчевски имаше обраќање во панел сесијата на тема: „Дали базите на отворени податоци придонесуваат кон подобрување на истражувачкото новинарство?“, осврнувајќи се на новиот портал за отворени податоци.

„Пред точно еден месец го промовиравме порталот за отворени податоци и денеска можеме да кажеме дека во контиунитет на дневна база се зголемува бројот на објавени податочни сетови и во моментов брои 148 од 42 организации. Овој број секако не е доволен за да кажеме дека сме ја завршиле работата, но тоа нема никогаш ни да се случи. Како институциите создаваат нови податоци, така тие ќе треба да се објавуваат на порталот, со што и неговата употреба ќе се зголемува“, истакна министерот Манчевски, зборувајќи за предизвиците со кои се соочува Владата при менување на културата на работа во сите јавни институции. Функционерите мора да сфатат дека тие информации и тие податоци кои ги имаат институциите им припаѓаат на граѓаните. Како што истакна тој, притисокот од новинарите во овој процес имаат поголем ефект од стратегиите или останатите документи кои ги усвојува Владата.

Во контекст на можностите што отворените податоци ги нудат за подобрување на истражувачкото новинарство, министерот рече:

„Едни од корисниците на порталот секако се и новинарите кои ќе имаат голема придобивка во работата особено во делот на истражувачкото новинарство. Улогата на новинарите во градење на демократските капацитети на една земја, преку процесот на информирање на граѓаните е од суштинско значење. Лесниот пристап до сите податоци кои институциите ги создаваат, преку порталот за отворени податоци ја олеснува нивната работа. Ова понатаму придонесува, граѓаните како крајни корисници да бидат навремено и целосно информирани за сите случувања во државата. За тоа како се трошат нивните пари, кои се цените на земјоделските производи и кои се откупувачи и извозници, увид во катастарски планови, регистри за лекови и лекари, извештаи за проток на патници, сообраќајни незгоди и фактори, самоубиства, финансиски извештаи, потпишани договори за ИПАРД, број на регистрирани возила… и уште многу податоци од кои можат понатаму да се прават дополнителни анализи“.

На национално и на локално ниво, различните државни институции обезбедуваат многу услуги, кои често се игнорирани, потценети или несоодветно претставени. Со зголемување на видливоста и транспарентноста, граѓаните подобро ќе ги разберат и препознаат вредноста и квалитетот на податоците што институциите ги произведуваат.

„Порталот за отворени податоци е жива материја и постојано ќе се зголемува бројот на институции и бројот на податоци. Во тој дел, сакам да потенцирам дека и секој од вас само со едноставна регистрација може да дава забелешки, коментари, и што е најважно може да бара да се објават податоци кои до тогаш нема да се објавени. Тоа значи дека секој граѓанин, секој новинар, може да побара определен податок да биде објавен на порталот. Оваа можност за интеракција овозможува сите да бидат дел од овој процес и заедно да го правиме овој портал алатка од која секој ќе може да има корист“, заклучи министерот Манчевски.

Дебатата е организирана од Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентар.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Mинистерство за информатичко општество и администрација