Министерот за јавна администрација: Отвореното владеење е нашата најсилна алатка за демократија и европска трансформација

Денес, по повод одржувањето на Петтата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, им се обрати на присутните членови на Советот и претставниците на меѓународниот Секретаријат на Партнерството за отворена власт, кои се во официјална посета на Република Македонија.

Во своето обраќање, министерот Минчев потенцираше дека симболиката на 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот – е силна потврда за вредностите кои ги делиме: демократија, транспарентност, човекови права и отпор кон сите форми на угнетување.

„Овие вредности се темел на нашата заложба за отворено владеење и се нераскинливо поврзани со нашата европска определба“ – изјави Минчев.

Министерот истакна дека Владата останува цврсто определена кон европскиот пат, не само како геополитичка ориентација, туку како суштинска трансформација на општеството, при што отвореното владеење е клучниот механизам за зголемување на довербата и одговорноста на институциите.

Тој ја поздрави посетата на претставниците од меѓународниот Секретаријат како значаен сигнал за довербата што Република Македонија ја ужива во рамките на глобалната иницијатива. На средбите со нив, како што посочи, се разговараше за предизвиците и идните насоки на реформскиот процес, вклучително и за иницијативата за одржување посебна владина седница посветена на Партнерството за отворена власт – јасен доказ за политичката волја за отчетност.

Во рамките на седницата се разгледуваше имплементацијата на Акцискиот план 2024–2026 и се отворија прашања за понатамошно унапредување на јавната администрација, јакнење на граѓанскиот простор и борба против корупцијата. Министерот Минчев посебно го поздрави ангажманот на работната група за транспарентност во јавните набавки и ја нагласи важноста од споделување добри практики на претстојниот Глобален самит на Партнерството.

Во тој контекст, беше истакнато и вклучувањето на пратеници од Собранието на Република Македонија во активностите за унапредување на отвореноста, преку одржувањето на парламентарниот караван во Ресен – како една од веќе реализираните активности предвидени во Акцискиот план за отворен парламент. Оваа иницијатива претставува конкретен пример за доближување на пратениците до граѓаните и зголемување на отчетноста на законодавната власт.

„Отвореното владеење не е само обврска – тоа е одлука, цел и вредност што ја споделуваме. Денешната седница ја гледам како уште една мала победа – победа на отвореноста, дијалогот и демократијата“ – заклучи министерот Минчев.

 

Leave a Reply