На 28 септември 2023 година се одржа шестата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година. На седницата беа разгледани и дискутирани пристигнатите идеи и предизвици од работните групи за креирање на предлог заложби за новиот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026.
На седницата активно учество земаа 9 членови и 2 заменици членови на Советот (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации) и преставник од Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт. Дарко Антиќ, ко–претседател на Советот од членовите кои ги претставуваат граѓанските организации имаше улога на претседавач на оваа седница.
По усвојувањето на предлог-дневниот ред, координаторите на работните групи за ко-креирање за секоја од приоритетните области ги презентираа предлог идеите и предизвиците кои произлегоа од работата на работните групи за креирање на предлог заложби за новиот акциски план по што се отвори дискусија околу релевантноста на истите согласно критериумите за креирање на заложби кон Партнерството за отворена власт. На седницата беше заклучено дека е потребно Работната група формирана од Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт да одржи состанок на кој ќе се допрецизираат предлог идеите и предизвиците пред одржување на состаноците со институциите.
* * *
Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.
Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.
Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.
Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.
Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.