Скопје, 17 мај 2023
На 17 мај 2023 година се одржа петтата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година. На седницата беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучните документи потребни за почеток на процесот на ко-креирање на шестиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт.
На седницата активно учество земаа 8 членови и 4 заменици членови на Советот (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации) и преставник од Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт. Дарко Антиќ, ко-претседател на Советот од членовите кои ги претставуваат граѓанските организации имаше улога на претседавач на оваа седница.
Пред пристапување на дневниот ред за работа, на седницата на Советот се обрати г-ѓа Сандра Пернар, Висока регионална координаторка за Европа од Партнерство за отворена власт која ја поздрави работата на Советот и отпочнувањето на процесот на ко-креација на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт. г-ѓа Пернар информираше за новините во Стандардите за учество и ко-креирање на акциските планови за ПОВ и даде насоки во однос на запазувањето на процедурата за донесување на новиот НАП.
По усвојувањето на предлог-дневниот ред, членовите на Советот ја разгледаа и усвоија Временската рамка на активности за подготовка на новиот НАП. Во однос на документите потребни за почеток на процесот на ко-креирање на новиот НАП, истите беа разгледани и дискутирани и беше заклучено да бидат усвоени на дополнителна дописна седница по внесување на соодветните измени.
* * *
Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.
Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.
Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.
Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.
Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.