Нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2021-2023 година

Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Советот за ОВП, Мрежа на граѓански организации за ОВП а со поддршка од Секретаријатот за Отворено владино партнерство го подготви нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2020-2023 година.

Република Северна Македонија има препознаени резултатите во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во иницијативата за Отворено владино партнерство (ОВП), во 2011 година, Северна Македонија ја следеше посветено потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија за сите граѓани.

Петтиот  национален акционен план (НАП) се надоврзува на претходниот интензитет со преземање обврски за зголемување на учеството на јавноста и испорака на навистина трансформативни решенија. Исто така, ја препознава потребата јавниот сектор да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови.

Новиот план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година jа потврдува потребата од продлабочување на претходните обврски и подобрување на нивниот квалитетот. Тој е насочен кон заложби  за пристапот до правда, правното зајакнување на граѓаните и унапредување на правната заштита особено на  младите, маргинализирани групи и жени, унапредување на испораката на јавни услуги, продолжување на активностите поврзани со јавно објавување на информација за вистинските сопственици, отворањето на нови податоци како и активностите за спречување на корупцијата и заштита на животната средина и аерозагадувањето.  Се очекува дека по двегодишен период на реализација на заложбите утврдени во овој план ќе се обезбеди вистинско препознавање на резултатите а граѓаните ќе бидат во можност да ја потврдат промената.

Со цел да се обезбеди систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација, кој ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на новиот АП, во 2020 година беше утврден начинот на спроведување на процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година, како и Постапка за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот ОВП со  временска рамка, Јавен повик за пријавување на учество во процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година и Насоки за спроведување на прашалник за оценка на имплементацијата на мерките од НАП за ОВП 2018-2020 и потребата од нивно вклучување во новиот НАП.  Исто така беа подготвени и материјали кои произлегуваат од постапка за спроведување консултации: План за промовирање на јавниот повик, Едукативен материјал и Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП. Сите документи се достапни на порталот за ОВП.

Темелено на предвидлива и соодветно уредена постапка на процесот на ко-креирање во септември 2020 година во еден динамичен и инклузивен амбиент,  отпочна процесот на подготовка на петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година.

Во рамки на процесот на ко-креација, беа одржани 3 онлајн информативни – едукативни средби, 12 он-лајн средби за идентификување на потреби и проблеми, анализа на активностите што моментално се преземаат за решавање на проблемите, вклучени институции, приоретизирање на мерките, работилници за идентификување и развој на заложби како и над 60  индивидуални состаноци за утврдување и усогласување на предлог заложбите,  министерски состанокот за ОВП и две  е-работилници на тема Транспарентност и отчетност во јавниот сектор и Управување темелено на интересите и  потребите на граѓаните, кои обезбедија  финализирање на заложбите кои се дел од новиот акциски план.

МИОА ги повикува сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Националниот Акциски план за отворено владино партнерство. Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 16.08.2021 година на следниов e-mail: ovp@mioa.gov.mk.

Leave a Reply