МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК ОТВОРЕНО ВЛАДИНО ПАРТНЕРСТВО

Во рамки на редовната седница на Владата на Република Северна Македонија, којашто се одржа на 13ти април 2021 година, посебна точка беше посветена на концептот на Отворено владино партнерство (ОВП). Со таа цел на седницата се приклучи и генералниот директор на ОВП, од канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан.

Во своето воведно обраќање, премиерот Зоран Заев зборуваше за посветеноста на Владата во следење на принципите кои се темел на Отвореното владино партнерство. Тој се осврна на проширувањето на опфатот на ОВП во нашата земја, односно успехот да се  вметне и локалниот елемент, Собранието како законодавна институција (познат по иницијативата Отворен парламент) и судската власт (Отворено судство). Северна Македонија е меѓу првите држави кои го проширија опфатот со заложби наменети скоро кон сите институции. Со ова само покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада и за тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови. Премиерот Заев ја истакна и важноста од вклучување на сите засегнати страни во овој процес, особено граѓанскиот сектор кои се активни чинители како во создавањето така и во мониторингот на активностите. Преку оваа соработка со граѓанското општество, координирана од Фондацијата отворено општество Македонија, беше воспоставен Советот за координација и следење на процесот на ОВП, што претставува прв модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава.

 

Во своето обраќање, директорот на ОВП Санџај Прадхан, се осврна на главните цели кои треба да се постигнат со новиот петти Национален акциски план за ОВП во Северна Македонија за периодот од 2021 до 2023 година. Директорот Прадхан, го поздрави пристапувањето на Северна Македонија во Коалицијата за слобода на медиумите, каде членуваат 35 земји членки. Дополнително, тој ги поздрави заложбите за следење на ОВП и во реформите во правосудството.
„Вие во Северна Македонија бевте инспиративни лидери како прва земја од Западен Балкан што го искористи својот Акционен план за ОВП за унапредување на пристапот до реформите во правосудството. Би било важно да се спроведе вашата претходна заложба за подобрување на пристапот до правда за маргинализираните групи, особено за ромската заедница. Целосно спроведено, ова може да се сфати како примерна на глобалната практика. Исто така, ги поздравувам вашите нацрт заложби на ОВП за подобрување на пристапот до правда за социјално загрозените граѓани и жртвите на семејно насилство, како и за отворање на судските податоци и институциите пред граѓаните“, рече Прадхан.

По завршувањето на официјалниот дел, беше отворена дискусија каде останатите членови на Владата имаа можност да претстават дел од активностите кои произлегуваат од концептот на ОВП.

Во своето обраќање, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири зборуваше за соработката помеѓу МИОА и граѓанскиот сектор. Министерот Шаќири истакна дека во срцето на овој процес е партнерството, кое е неопходно во процесот на ко-креирање но, и во самата имплементација, следење и известување, за што е пуштен е во употреба порталот за Отворено владино партнерство.

Во дискусијата се вклучи и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој напомена дека со промената на законската рамка, ефективниот пристап до правдата е знaчително подобрен со тоа што механизмот за бесплатна правна помош стана подостапен за различни категории на граѓани, особено за ранливите групи.

Министерката Радмила Шекеринска рече дека иако на агендата на Министерството на одбрана приоритет беше влезот во НАТО и политичка и оперативна подготовка за пристапување кон Алијансата, второто прашање на кое се посвети внимание беа транспарентноста и интегритетот.

Министерката Шахпаска, во својата презентација го истакна Проектот за подобрување на социјалните услуги, што претставува значаен чекор напред во приближување на социјалните услуги во местото на живеење на оние на кои помошта им е неопходна.

Заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, се осврна на новиот Национален регистар на вистински сопственици, подготвен во соработка со Централниот регистар.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање истакна дека фискалната транспарентност е највисоко ниво на фискална контрола. Тој потсети и на дел од алатките за транспарентност како што се: Отворени финансии, Фискален бројач, Јавен долг, Граѓански буџет и Календар на даночна регулатива.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи ја претстави единствената точка за контакт за информации за државна помош.

Министерот за здравство, Венко Филипче се осврна на неопходноста од редовно информирање и транспарентност за време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19.

Директорот на ОВП Прадхан, ги поздрави заложбите на сите институции вклучени во процесот на Отворено владино партнерство и  Владата на Северна Македонија ја посочи како пример којшто ќе го презентира и пред останатите држави кои се дел од ОВП.
„Ова е една од најинспиративните работилници на кои сум присуствувал. Особено затоа што имам можност да разговарам со сите министри на седница на Влада. Со Ваша дозвола би го споделил овој пример како мотивација за останатите влади“,

заклучи Прадхан.