Скопје, 28 април 2025
На 28 април 2025 година се одржа четвртата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026. На седницата беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања од интерес за Советот и Партнерството. Согласно дневниот ред, на седницата беа усвоени Нацрт-Извештајот за самооценка за статусот на имплементација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024–2026, за периодот февруари 2024 – февруари 2025 година и Предлог-Извештајот за присуството на членовите и нивните заменици на седниците на Советот.
Членовите на Советот беа информирани и за тековните состојби поврзани со Партнерството на национално и глобално ниво, како и за претстојната официјална посета на Секретаријатот за Партнерството за отворена власт на Република Северна Македонија, која ќе се реализира од 7 до 9 мај 2025 година.
На седницата активно учествуваа 13 членови и 1 заменик-член на Светот – претставник на органите на државната власт. Седницата ја организираше и со неа претседаваше Гордана Гапиќ Димитровска, национален координатор за Партнерството за отворена власт на Република Северна Македонија.
По усвојувањето на предлог-дневниот ред и записникот од третата седница (одржана на 23 декември 2024 година), членовите беа детално запознаени со наодите од Извештајот за самооценка. Според добиените податоци за областа „Отворена влада“, од вкупно 15 заложби, 12 се започнати и се со статус „ограничено“ додека 3 заложби сè уште не се започнати; за „Отворен парламент“, од 4 заложби, една е целосно реализирана, а три се со статус „ограничено“ и за „Отворено судство“, од 6 заложби, две се со статус „ограничено“, а четири не се започнати.
Советот заклучи со цел зголемување на динамиката за реализација на заложбите од Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024–2026 дека е потребна дополнителна ангажираност како на работните подгрупи, така и на врвното раководство во институциите кои се носители на поединечни заложби. Советот го усвои Нацрт-Извештајот и препорача да се достави до Владата на Република Северна Македонија за разгледување.
Во рамки на втората точка од дневниот ред, Советот го разгледа Предлог-Извештајот за присуството на членовите и нивните заменици. Согласно Деловникот за работа на Советот за ПОВ, редовното присуство и активното учество на седниците е обврска на членовите на Советот. Врз основа на наодите од извештајот Советот констатираше дека поради три последователни отсуства во текот на една календарската година, престанува мандатот на членот на Советот од Министерството за финансии. Министерството за јавна администрација е задолжено да обезбеди нова номинација за член и заменик-член , а заменик-членовите задолжително да присуствуваат на седниците во отсуство на членовите.
Во однос на најавената посета на Секретаријатот за Партнерството за отворена власт, членовите на Советот беа информирани дека на 9 мај 2025 година ќе се одржи тематска седница. На оваа седницата, членовите и нивните заменици ќе имаат можност да се информираат за најновите случувања во рамки на Партнерството, преку презентација на Сандра Пернар, Виш регионален координатор за Европа, и да учествуваат на интерактивна работилница за спроведување на Независниот механизам за известување (IRM), предводена од Метју Трамонти, службеник за истражување при IRM.
* * *
Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.
Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.
Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.
Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.
Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени шест национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.