Јавна консултација за Нацрт-националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 година

Posted on

Скопје, 2 октомври 2026 година

Министерството за јавна администрација, во соработка со Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт, во рамките на процесот на ко-креирање кој започна во април 2026 година, го подготви првиот Нацрт-национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 година.

Со цел обезбедување поширока консултација и прибирање мислења, коментари и предлози од заинтересираните страни, Нацрт-планот се става на онлајн јавна консултација во периодот од 2 до 26 октомври 2026 година.

Нацрт-планот е резултат на широк и инклузивен процес на ко-креирање, во кој учествуваа претставници на државните институции, граѓанските организации, единиците на локалната самоуправа и други релевантни чинители. Во текот на процесот беа организирани конференција, консултативни состаноци и тематски работни групи, а предложените заложби беа разгледани и приоритизирани од Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт.

Република Северна Македонија е членка на Партнерството за отворена власт од 2011 година и досега има спроведено шест циклуси на национални акциски планови. Новиот, седми акциски циклус ги поврзува компонентите Отворена влада, Отворен парламент и Отворено судство во заедничка национална рамка, со почитување на институционалните надлежности и автономијата на законодавната, извршната и судската власт.
Јавната консултација претставува продолжение на процесот на ко-креирање и дополнителна можност за граѓаните, граѓанските организации, институциите, стручната јавност, приватниот сектор и сите заинтересирани страни да придонесат кон финализирањето на Планот.

Коментарите, мислењата и предлозите може да се доставуваат преку Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР.

Министерството за јавна администрација ги повикува сите заинтересирани страни активно да се вклучат во консултативниот процес и со своите мислења, коментари и предлози да придонесат кон подготовка на квалитетен, реален и спроведлив Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 година.

По завршувањето на онлајн консултацијата, пристигнатите коментари и предлози ќе бидат разгледани во процесот на доработка и финализирање на Националниот акциски план.

Leave a Reply