Потранспарентно Собрание преку Партнерството за отворена власт

Претседателот на Собранието, Африм Гаши и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, остварија средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Ајдан Ејакузе.

На средбата учествуваа и Сандра Пернар, виша регионална директорка за ПОВ за Европа; Гордана Гапиќ-Димитровска, национална координаторка за ПОВ од Министерството за јавна администрација и Златко Атанасов, државен советник и раководител на Парламентарниот институт на Собранието.

Претседателот Гаши ги истакна силните напори и максималната натпартиска посветеност на Собранието на Партнерството за отворена власт. Како претседател, тој стави акцент на два елемента: отворено собрание и дигитализација. Во овој контекст го нагласи ангажманот во подобрувањето на отвореноста на законодавниот дом, преку носењето стратешки и акциски планови, инсталирањето Е-регистар, воспоставувањето пракса на неделни брифинзи со новинарите, давање извештаи за сработеното. Максималната отвореност и транспарентност, како што рече Гаши, донесе и резултати во подобрувањето на перцепцијата на граѓаните за Собранието.

Генералната Димовска истакна дека за Собранието, кое е срцето на демократијата и Собраниската служба, која е институционалната меморија на Собранието, важно е да бидат дел од ваква иницијатива. Таа ги наведе спроведените конкретни активности, како Регистарот, Отворените податоци, Собранискиот канал, Парламентарниот караван и претстојната надзорна расправа за Акцискиот план. Собранието и понатаму останува посветено на транспарентноста, отчетноста и вклученоста на граѓанското општество – рече Димовска.

Атанасов, пак, потсети на самите почетоци на пристапување кон ПОВ од 2017 година, со реформски напредок низ годините до ден денеска.

Извршниот директор на ПОВ изрази пофални зборови за работата и амбициозноста на Собранието, како пример за други земји. Тој даде охрабрување за следни активности за уште попристапно Собрание до граѓаните и остави отворена врата за помош во оставрување на новите амбиции.

Вишата регионална директорка за ПОВ за Европа ја оцени како одличен чекор седницата за дебата за Акцискиот план, додека координаторката за ПОВ изрази задоволство од работата на Собранието од почетоците до денеска кога ќе бидеме сведоци на надзорна расправа за еден Акциски план кој прави резултати.

Претстојниот Шпански самит на ПОВ ќе биде можност за реализирање на нови идеи за зајакнување на јавната вклученост во Собранието, за меѓународно искуство и размена на позитивни практики.

Leave a Reply