Одржана осма седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026

Скопје, 19 јуни 2026 година

На 19 јуни 2026 година се одржа осмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026, на која беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања од значење за работата на Советот и процесот на Партнерството за отворена власт.

На седницата активно учествуваа седум членови и четири заменик-членови на Советот, како и претставници на Собранието на Република Северна Македонија и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), во својство на гости. Седницата се одржа во просториите на Министерството за јавна администрација.

Согласно усвоениот дневен ред, Советот го усвои Записникот од седмата седница, одржана на 26 февруари 2026 година.

Во рамки на седницата беа разгледани и дискутирани вкупно 22 иницијални заложби подготвени од работните групи формирани за ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерството за отворена власт 2026–2028 година. Заложбите се однесуваат на четирите приоритетни тематски области утврдени во процесот на ко-креирање: Антикорупција, интегритет, одговорност и отчетност; Граѓански простор, учество и слободи; Дигитално управување; и Клима и животна средина.

Дискусијата беше насочена кон оценување на усогласеноста на иницијалните заложби со критериумите и вредностите на Партнерството за отворена власт, како основа за подготовка на новиот Национален акциски план за периодот 2026–2028 година. Во рамки на седницата беше споделена и информација за тековниот развој на заложбите во рамките на акциските планови за Отворен парламент и Отворено судство.

Советот заклучи активностите да продолжат во насока на финална разработка на иницијалните заложби, со цел подготовка на првиот нацрт на Националниот акциски план за Партнерството за отворена власт 2026–2028 година, кој е предвидено да биде ставен на јавна консултација во текот на месец јули 2026 година.

Ваквиот пристап придонесува кон воспоставување структуриран, координиран и инклузивен процес на планирање и спроведување на консултациите, обезбедувајќи навремено и транспарентно учество на сите засегнати страни во ко-креирањето на Националниот акциски план за Партнерството за отворена власт 2026–2028 година.

Советот и понатаму останува клучен механизам за обезбедување партнерски пристап и континуиран дијалог помеѓу институциите и граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување на реформите за отворено владеење.

***

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за јавна администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за јавна администрација.

Leave a Reply