Одржана конститутивна седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена Власт 2021-2023

Скопје, 11 март 2022

На 11 март се одржа конститутивната хибридна седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт 2021-2023. На седницата се официјализираше конституирањето на Советот како советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија (ПОВ), за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови.

Седницата ја отвори министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити преку видео обраќање. Тој се осврна на придобивките од процесот, важноста од вклучувањето на сите засегнати страни, како и на Националниот акциски план за ПОВ 2021-2023 кој се надоврза на претходниот интензитет на работа со преземање обврски за зголемување на учеството на јавноста и испорака на решенија кои прават разлика.

„Во новиот циклус се постигна навистина голем успех, освен заложбите за Отворена Влада и Отворен парламент се креираа и заложби за Отворено судство“, истакна министерот Алити, додавајќи дека воспоставувањето на Советот ќе обезбеди на структуриран начин да се максимизира учеството и соработката помеѓу институциите и граѓанското општество, и тоа во сите фази на процесот на ПОВ.

„Убеден сум дека овој Совет, со воспоставениот состав од 8 членови кои ја претставуваат Владата, Собранието и Врховниот суд на Република Северна Македонија и еднаков  број претставници од граѓанските организации номинирани преку Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, ќе одговори на заеднички поставените цели, рече министерот Алити.“

На седницата се обрати и Сандра Пернар, регионална координаторка на ПОВ за Европа, која потенцираше дека во последните две години е забележан вистински напредок.

,,Видовме дека се преземени дополнителни важни чекори вклучувајќи го и воспоставувањето на форумот на засегнати страни.. Северна Македонија е дефинитивно специфична во однос на регионот со фактот што сега ги има сите три гранки на власт во имплементација на заложби и локален претставник во ПОВ. Ја гледам Северна Македонија како вистински лидер во регионот на Западен Балкан кога зборуваме за отворена влада“, истакна Пернар.

Гордана Гапиќ Димитровска, која е национална координаторка на Република Северна Македонија за ПОВ, укажа дека е огромно задоволството од воспоставувањето на Советот, темелено на искуствата од претходниот циклус но и поради вклучувањето на претставници од Врховниот суд и од Парламентот со што се воспоставува функционален систем на координација и следење на процесот за ПОВ.

Ивона Сталевска, како претставник на Мрежата на граѓански организации истакна дека во овој процес на ко-креација беа активно вклучени и како членови на Советот и како фасилитатори на приоритетните области и со активна поддршка на сите членови од ад-хок работните групи.

Во расправата на седницата се вклучија  и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, Маја Петковска Лесес од Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и Лилјана Јоноски од Рурална коалиција.

На средбата учествуваа 25 претставници од институциите и граѓанските организации, членовите и замениците членови на Советот како и претставници од Националниот демократски институт и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Leave a Reply