Јавен повик до граѓански организации за членство во мрежата за отворено владино партнерство

Скопје, 18 декември 2019

На иницијатива на десет граѓански организации се основа мрежа на граѓански организации за отворено владино партнерство (ОВП).

Основна цел на мрежата е да го координира и зајакне гласот на граѓанските организации кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите.

Мрежата ќе се залага за иницирање, поттикнување, поддршка, спроведување и мониторинг на процесот на ОВП и за поттикнување на властите и другите институции за зголемување на нивната транспарентност, отчетност и отвореност за учество (партиципативност).

Отворено владино партнерство претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

За да станат дел од иницијативата за ОВП земјите кандидати треба да ја поддржат Декларацијата за отворено владино партнерство, да подготвуваат двегодишни национални акциски планови развиени со јавни консултации, редовно да известуваат за прогресот, да работат со граѓанското општество за постигнување на договорените заложби и да се обврзат на независни извештаи за нивниот напредок преку механизмот за независно известување. Подготвувањето на Акцискиот план за ОВП треба да биде инклузивно, што значи дека свој придонес во процесот треба да дадат различни засегнати страни, вклучително и државната администрација, граѓанското општество, локалните власти, бизнис секторот и академската заедница.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за ОВП е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Граѓанските организации се вклучени во креирање на Националните акциски планови (НАП), како и во нивното спроведување. Граѓанските организации кои ја иницираат мрежата се вклучени во работните групи за спроведување на НАП 2018-2020.

Мрежата на граѓански организации за отворено владино партнерство се формира во пресрет на подготовката на новиот (петти) национален акциски план, со цел за поорганизирано делување и влијание на граѓанските организации на неговото креирање, како и поттикнување и мониторинг на имплементацијата на постојниот и идните акциски планови.

Улогата на мрежата е да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ОВП.

Мрежата ќе се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ОВП во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата ќе учествува и придонесе за воспоставување нова структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на НАП.

Со овој повик се покануваат  сите заинтересирани граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации да учествуваат во работата на мрежата.

Зачленувањето во мрежата се врши со пополнување и доставување на приложениот образец за членство до 30 декември 2019 година.

По разгледување на формуларот од страна на Иницијативниот одбор организациите ќе бидат повратно информирани.

Ве молиме да го проширите овој повик до сите потенцијално заинтересирани граѓански организации, ваши партнери и соработници, кои ги споделуваат вредностите за отворено владино партнерство и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите, како на локално, така и на централно ниво, и воедно ги применуваат тие принципи во своето работење.

Декларација за отворено владино партнерство, принципите и структурата на мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство како и образецот за членство, можете да ги најдете прикачени подолу:

Декларација за отворено владино партнерство

Принципи и структура на мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство

Образец за членство

Министерство за информатичко општество и администрација

Министерот Манчевски на панел дискусија на високо ниво во Будва, посветена на Отворено владино партнерство

Будва, 3 октомври 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на панел дискусија на високо ниво што се одржува во Будва, Црна Гора. Целта на настанот е размена на искуства и практични решенија во однос на спроведувањето на процесот на ОВП во земјите во регионот, запознавање со новите трендови преку презентации на регионални иницијативи, како и дефинирање на  областите во кои ќе се преземат заеднички мерки во иднина.

 

 

 

 

 

 

 

Во своето обраќање, министерот Манчевски потенцираше дека, преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност, Владата на Северна Македонија успеа да ги доближи институциите до граѓаните, така што тие се вклучени во процесите на креирање на сите владини политики.

„Основен предуслов за овој процес да биде успешен е довербата на граѓаните во институциите. Тоа го правиме преку активна транспарентност и отворање на податоците. Со таа цел го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 215 од повеќе од 48 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Преку порталот сакаме да ја подобриме  испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси“, рече министерот Манчевски.

Во контекст на отворање на податоците, министерот Дамјан Манчевски додаде дека Владата воведе политики преку софтвер да ги објавува сите трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари. На овој начин граѓаните имаат јасна слика за тоа како се трошат нивните пари.

Дводневниот настан во Будва е организиран во соработка меѓу иницијативата ОВП, РеСПА (Регионалната школа за јавна администрација), Владата на Црна Гора и Владата на Северна Македонија.

На панелот, обраќање имаа и министерката за јавна администрација на Црна Гора Сузана Прибиловиќ, министерот за правда на Босна и Херцеговина Јосип Грубеша,  Пол Масен, раководител на програмата за поддршка на земјите за Отворено владино партнерство, како и Горан Пастровиќ, програмски менаџер од РеСпа.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Северна Македонија издвоена како позитивен пример на Глобалниот самит за отворено владино партнерство во Отава, Канада

Отава, 30 мај 2019 година

На отворањето на шестиот Глобален самит за отворено владино партнерство, присуствуваа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Самитот оваа година се одржува во Отава, Канада, а во следните два дена се очекува присуство на високи претставници од влади и граѓански организации од целиот свет.

Северна Македонија беше посочена како позитивен пример со реформите во пристапот до правда. Потврдата за тоа беше истакната на настанот и од Канцеларијата за отворено владино партнерство, но и од директорот на Фондацијата отворено општество, Патрик Гаспард.

“10% од акциските планови за Отворено владино партнерство сега го поврзуваат пристапот до правда со отворена влада. Во Северна Македонија, Владата поддржува четири независни центри за пристап до правда кои се фокусираат на маргинализираните групи и обезбедуваат обуки за правно зајакнување за владините службеници”, потенцираше Гаспард.

Линк до видеото:

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Министерството за информатичко општество и администрација, организираше работна средба со офицерите за отворени податоци од органите и институциите од јавниот сектор

Скопје, 23 мај 2019

Министерството за информатичко општество и администрација, денес организираше работна средба со офицерите за отворени податоци од органите и институциите од јавниот сектор.

Средбата се одржа во рамки на редовните активности на процесот за отворени податоци, со цел координација и непречена реализација на мерките и активностите од Стратегијата за отворени податоци со Акциски план 2018-2020 година, како и соодветно почитување и постапување по одребите од Законот за користење на податоците од јавниот сектор.

На средбата беше презентиран порталот за отворени податоци, по што учесниците меѓу другото дискутираа за теми поврзани со техничките аспекти и начините на објавување на информации, регистрација, како и можни пречки при објавувањето.

Со цел поддршка на институциите вклучени во овој процес, МИОА на работната средба даде и дополнителни насоки за отворање на податоци и унапредување на квалитетот на отворените податоци.  

Министерство за информатичко општество и администрација

МИОА ја одбележува глобалната недела на Отворено владино партнерство

Скопје, 12 март 2019 година

Министерството за информатичко општество и администрација ја одбележува глобалната недела на Отворено владино партнерство со јавна расправа на тема: „Каде сме и кои се следните чекори во рамки на отвореното владино партнерство“.

Настанот го отвори министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Како што истакна тој, во изминатата година Владата на Северна Македонија и МИОА, направија голем исчекор во остварување на заложбите кои се дел од ОВП.

„Кога пред една година го дефиниравме новиот Акциски план, кажав дека Владата и МИОА се залагаат за документ со конкретни мерки и активности. Мерки кои ќе придонесат за јакнење на соработката на институциите со граѓанските организации, бизнисите, медиумите, но најважно со граѓаните. Една година подоцна, со задоволство можам да кажам дека во таа намера успеавме. Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики. Тоа е единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани“, подвлече министерот Манчевски.

Основен предуслов за Отвореното владино партнерство да биде успешен процес е враќањето на довербата на граѓаните во институциите. Владата и МИОА тоа го прават преку активна транспарентност и отворање на податоците.

„На крајот на минатата година го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 190 од повеќе од 40 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Свесноста кај институциите за важноста од отворањето на податоците се зголемува. Во секоја институција имаме задолжен офицер за отворени податоци. Бизнис заедницата, медиумите, граѓанските организации и најважно граѓаните, се повеќе ги користат овие податоци, што е и основната цел на нивното објавување“, истакна министерот Манчевски.

Оваа година за првпат, во Северна Македонија имаме висок претставник од Канцеларијата за ОВП од Вашингтон, односно заменик-директорот Џо Пауел. Тој се осврна на соработката со МИОА и успехот што Северна Македонија го постигна по усвојување на новиот Акциски план за ОВП.

„Во однос на вашата земја, гледам заложби за отворен трезор, измени во Законот за спречување на корупција, со фокус на граѓаните, отворање на што поголем број на податоци… Ова е навистина амбициозен и интересен план, и е согласно вашата цел за влез во Европската Унија. ОВП е тука да ви помогне во реализирањето на сите овие цели. Во однос на предизвиците, еден од предизвиците е имплементацијата на овие планови. Тоа не е нешто што се случува во период од една година, за тоа е потребна и храброст и политичка волја. Но, верувам и гледам дека Северна Македонија има потенцијал, мислам најголем во регионот во однос на можноста за функционирање на ОВП. Тоа е место, платформа каде сите вие можете да добиете идеи, алатки и нови иновативни решенија. Ние нема да ви кажуваме што да правите, тоа го оставаме на вас, а ние само можеме да ве поддржиме“, порача Пауел.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација