Сеул, 16 декември, 2021
Иновативните алатки кои овозможија поголема транспарентност и отчетност на општините во земјава се прогласени за едни од глобалните победници на Самитот за Партнерство за отворена власт кој од 15 до 17 декември се одржува во Сеул, Република Кореја.
Во конкуренција на повеќе од 100 апликации, заложбата за потранспарентни општини во Северна Македонија ја освои третата награда на европско ниво за влијание во подобрувањето на животот на луѓето и квалитетот на демократијата. Станува збор за група алатки кои беа креирани и ставени во функција во изминатите три години. Придонесоа за подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво, овозможија следење во живо на седниците на 18 општини, како и директно вклучување на граѓаните во процесот на носење одлуки во 24 општини. Активностите беа спроведени во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“, чиј носител е Министерството за локална самоуправа.
Национален координатор на иницијативата Партнерство за отворена власт, која се спроведува од 2011 година, е Министерството за информатичко општество и администрација.
„Би сакал да споделам дека Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада а добиената награда на Глобалниот самит е вистинска и искрена потврда дека заедничкиот труд и партнерскиот однос на Владата, граѓанскиот сектор и донаторската заедница обезбедува функционални и долгорочни решенија за предизвиците пред кои сме исправени како општество. Од приклучувањето во оваа иницијативата во 2011 година преку пет акциски планови посветено се следи потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија. Со новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2021-2023 година потврдена е заложбата дека и во наредниот период ќе се продолжи со посветена работа на јавниот сектор, од кој се очекува во партнерски однос со засегнатите страни да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови“, истакна министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски од своја страна изјави:
„Ова глобално признание е плод на повеќегодишни напори и активности, кои ги спроведовме заедно со нашите партнери, во насока на поголема отвореност на локалните самоуправи, но и подиректна вклученост на граѓаните во процесот на работење и одлучување во општините во кои живеат. Во пракса, активностите придонесоа за брз и лесен пристап до податоците за реализација на општинските буџети, носење одлуки врз основа на релевантни и достапни податоци, како и реализација на проекти од јавен интерес предложени директно од граѓаните“, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Заложбата за транспарентни општини се спроведе во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, а чии главни имплементатори се Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
„Остварувањето на оваа заложба покажа дека кога граѓаните се присутни во процесот на донесување одлуки и финансиско планирање, ефективноста и ефикасноста на јавните услуги се подобрува. Вклученоста на граѓаните во овој процес исто така придонесува за отчетноста и транспарентноста на властите, како и довербата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Честитки за Северна Македонија за ова признание, имено се надевам дека истото ќе поттикне одржлив раст на овие алатки, а со тоа и поголема вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки во иднина“, изјави Вероник Улман Марти, амабасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија
„УНДП посветено работи на развивање на локалната демократија и надградување на капацитетите на општините, бидејќи веруваме дека токму тоа е клучен предуслов за одржлив развој и подобри услови за живот за сите граѓани. Ова признание е „ветер во грб“ да опстоиме на нашата цел постоечките алатки да бидат прифатени од сите локални самоуправи во државата, но и да креираме нови иновативни решенија за поголема отвореност на општините кон граѓаните“, изјави Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.