Одговорна институција

Датум на последното ажурирање

22 август 2024

Вкупно достигнувања кои треба да се остварат: 4

Остварени Достигнувања: 0/4

Достигнувања кои се на чекање: 0/4

Неостварени достигнувања: 4/4

Достигнувања со значителен прогрес: 0/4

Незапочнато

4.1.1Идентификувани подзаконски акти поврзани со финансирање на политичките партии коишто ги донесува министерот за финансии и законски основи за дигитализирање на постапка за електронска подготовка на извештаите

Индикатори: 1. Подготвена листа на подзаконски акти поврзани со финансирање на политичките партии коишто ги донесува министерот за финансии и законски основи за дигитализирање на постапка за електронска подготовка на извештаите 2. Дефинирана динамика за измени на подзаконски акти поврзани со финансирање на политичките партии во насока на дигитализирање на процесот на подготовка на финансиско известување поврзано со редовно и изборно работење на политичките партии (и други субјекти вклучени во изборни кампањи)
Незапочнато

4.1.2 Донесени нови подзаконски акти поврзани со финансирање на политичките партии коишто ги донесува министерот за финансии

Индикатори: 1. Формирана работна група за подготовка на нови формати за финансиско известување 2. Подготвени подзаконски акти поврзани со финансирање на политичките партии коишто ги донесува министерот за финансии
Незапочнато

4.1.3 Подготвено софтверско решение за електронско пополнување на извештаи на политичките партии поврзани со редовно и изборно финансирање на политичките партии и други субјекти вклучени во изборна кампања

Индикатори: 1. Подготвена техничка спецификација за софтверско решение 2. Изработка на софтверско решение 3. Тестирање на софтверско решение 4. Ставање во употреба на софтверско решение во
Незапочнато

4.1.4 Овозможено електронско поднесување на извештаи на политичките партии поврзани со редовно и изборно финансирање на политичките партии и други субјекти вклучени во изборна кампања до институциите согласно законите

Индикатори: 1. Донесени измени на Изборниот законик и Закон за финансирање на политичките партии со цел овозможување на електронско поднесување на извештаите со користење на дигитален сертификат за потпишување 2. Активирање на модул во рамките на изработено софтверското решение за електронско поднесување на извештаите до институциите согласно законите (ДКСК)

4.1 Дигитализација на процеси за финансиско известување на политичките партии

Кој јавен проблем се адресира со заложбата?

Целта на заложбата е овозможување на системска транспарентност на финансирањето на политичките партии затоа што идентификувано е дека во сегашните начини на финансирање на политичките партии се создава поволна околина за корупција. Имено, преку финансирањето на политичките партии се отвораат можности за создавање на јаки врски и силни позиции кои подоцна (од позиција на власт-донатор) може да се користат за корупција. Оттука, за да се зајакне надзорот од институциите, но и да се овозможи следење на финансирањето од граѓаните, се предлага воспоставување системска транспарентност на финансирањето, што значи пристап до податоците од финансирањето на политичките партии на едно место во отворен формат, но и поедноставување на формата, содржината и начинот на финансиско известување на политичките партии преку ревидирање на формата и содржина на Регистар за донации, Извештај за добиените донации, Годишен финансиски извештај и извештаи во време на изборни кампањи.

Главна цел на заложбата

1. Каков проблем адресира заложбата?

Во согласност со Законот за финансирање на политички партии во Република Северна Македонија, изворите на финансирање на политичките партии и нивните расходи се јавни и транспарентни и подлежат на контрола од државните органи. За да исполнат транспарентност при финансиското работење, партиите треба да ги објават следните документи:

  • Регистар за донации, кој ги содржи името, односно називот на секој донатор поединечно, видот и вредноста на донацијата, како и датумот на добивање на донацијата;
  • Извештај за добиените донации;
  • Годишен финансиски извештај, кој го содржи финансиското работење на сметката на политичката партија, како и потсметките на локалните ограноци и потсметката на партиско истражувачко-аналитичкиот центар;
  • Годишна сметка за финансиско работење;
  • За изборни кампањи: вкупен финансиски извештај за кампањата.

Финансирањето на политичките партии доколку не е транспарентно создава околина во која се зголемува ризик од корупцијата. Доколку законската регулатива и ревизијата од институциите потфрлат и не овозможат транспарентност на податоците за парите, кои партиите ги добиваат и трошат, тогаш веројатноста за корупција е голема. Во согласност со Законот за финансирање на политички партии во Република Северна Македонија, изворите на финансирање на политичките партии и нивните расходи се јавни и транспарентни и подлежат на контрола од државните органи.[1]

Од друга страна сегашната регулатива пропишува не-дигитално поднесување на финансиските извештаи што отежнува следење на финансирањето на политичките партии на институциите кои вршат надзор. Сегашен начин на известување вклучува скенирани извештаи поднесени на хартија, коишто не се машински читливи и не можат лесно и брзо да се внесат во базата на податоци, туку бараат трудово интензивна и долга работа што води кон не-ефикасно користење на човечките ресурси во институциите. Институциите споро реагираат поради тоа што податоците не се достапни во дигитален отворен формат во вид на податочни сетови, со што не е овозможена брза, автоматизирана анализа на податоците од извештаите. Истовремено граѓанското општество не може навремено и рано да предупредува за можните коруптивни практики кои се појавуваат преку финансирањето на политичките партии.

Надзорот над финансиско-материјалното работење на политичките партии го врши ДЗР. Документите поврзани со финансиско работење на политичките партии се поднесуваат и до ДКСК, УЈП, ДИК, МФ кои, исто така, имаат законска обврска податоците да ги објават.

[1]  ИРИ и ЗМАИ, Спасовска Н., Трајковска М. (2022) „Добри практики за презентација на финансиски податоци на партии и кандидати“

2. Кои се причините за проблемот?

Покрај законски пропишаните облици на објавување на финансиските извештаи на политичките партии на партиските веб-страници, како и  на веб-страниците на  институциите надлежни за нивната работа, во  РСМ не постои утврден формат  на претставување на финансиите на политичките партии кој би бил унифициран и поедноставен за пребарување. Според тоа, за Северна Македонија не може да се каже дека има доволно транспарентен и лесно достапен систем за известување за финансирањето на политичките партии и неопходно е да се работи на негово подобрување и унапредување.

При собирање на финансиски податоци внатре во партијата, но и при известување за нив кон институциите и јавноста неопходно е да се искористат предностите на дигитализацијата. Воведување на интегрирано софтверско решение, каде што овластено лице од партијата може да поднесува финансиски извештаи директно од нивните табеларни пресметки, значително ќе го олесни административниот товар од овој процес.

Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?

1. Што е досега направено за да се реши проблемот?

Досега не се правени напори за дигитализирање на процесот на пополнување на извештаи на политичките партии поврзани со редовно и изборно финансирање на политичките партии и други субјекти вклучени во изборна кампања, во смисла на софтверското решение. До сега пропишаните формати за подготовка на извештаи на политичките партии поврзани со редовно и изборно финансирање партии и други субјекти вклучени во изборна кампања се во „ворд“ или „ексел“ формат.

2. Какво решение предлагате?

Со оваа заложба ќе се подготви софтверско решение кое ќе се овозможи подготовка на финансиски извештаи директно на онлајн систем. На овој начин институциите ќе имаат во истиот момент сите податоци во дигитален формат во вид на податочни сетови кои лесно може да се анализираат и обработуваат за остварување на нивните законски надлежности во вршење контрола и следење на финансирање на политичките партии. Политичките партии ќе можат брзо и ефикасно да ги подготват и електронски да ги поднесат извештаите во пропишаниот формат. Јавноста ќе има пристап до податочни сетови во истиот момент кода извештаите ќе бидат поднесени до надлежните институции.

3. Какви резултати сакаме да постигнеме со спроведување на оваа заложба?

Со спроведување на заложбата ќе се овозможи системска транспарентност на финансирањето на политичките партии. Преку дигитално решение за подготовка на финансиските извештаи ќе се олесни и пристап до база на податоци потребни за анализа на финансиските податоци на политичките партии, со што ќе се зајакне надзорот од институциите, но и ќе се овозможи следење на финансирањето на политичките партии од страна на јавноста. Преко воспоставување системска транспарентност на финансирањето ќе се овозможи пристап до податоците од финансирањето на политичките партии на едно место во отворен формат, но и поедноставување на формата, содржината и начинот на финансиско известување на политичките партии преку ревидирање на формата и содржина на Регистар за донации, Извештај за добиените донации, Годишен финансиски извештај и извештаи во време на изборни кампањи.

Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации

1.Како заложбата ќе ја промовира транспарентноста?

Инвестирањето во дигитални технологии за приказ на финансиските извештаи на политичките партии е еден од начините за зголемување на транспарентноста. Во многу демократии (на пр. Обединетото Кралство, Естонија, Латвија, Финска, Норвешка, Шведска, Соединетите Американски Држави Канада, Австралија и др.) активно се користат придобивките од дигитализацијата, па така, политичките партии онлајн известуваат и испраќаат извештаи до надзорните тела, кои потоа ги прават овие извештаи јавно достапни на нивната веб-страница. Ваквиот онлајн систем на известување во многу земји е поврзан и со други системи преку споделување на податоци, како што се даночниот систем, системот за население и бизнис-регистарот, при што, дополнителното вкрстување на податоците од различни бази може да даде одредени индикации за постоење на корупција и нелегални трансфери.[1]

[1]  ИРИ и ЗМАИ, Спасовска Н., Трајковска М. (2022) „Добри практики за презентација на финансиски податоци на партии и кандидати“

2.Како заложбата ќе помогне да се поттикне одговорноста?

Целосно откривање на финансиските информации на политичките партии може да послужи и како бариера за да се намалат несаканите влијанија врз нив. Според укажувањата на ГРЕКО (Група на држави против корупција), системот кој не обезбедува правилно обелоденување на изворите на приходите и сметките на партиите, најчесто има тешкотии во надзорот на примената на законите кои го регулираат финансирањето на политичките партии и кампањите, како и во спроведувањето на неопходните санкции. Притоа, потребно е да се нагласи дека објавувањето на податоците само по себе не е доказ за финансиската транспарентност на политичките партии.

Во согласност со дефиницијата на Комисијата за хартии од вредност и берзите на САД (U.S. Securities and Exchange Commission), финансиска транспарентност подразбира навремено, значајно и сигурно објавување на финансиските перформанси.

3.Како заложбата ќе го подобри учеството на граѓаните во дефинирањето, спроведувањето и следењето на решенијата?

Финансиската транспарентност на политичките кампањи претставува една од најважните одлики на функционалните демократии. Таа е основа за обезбедување на отчетност на политичките партии и алатка за гласачите – полесно да донесат информирани одлуки, а институциите да вршат ефективен надзор врз работата на политичките партии.

Други вклучени субјекти

Институции

  • Државна комисија за спречување на корупцијата
  • Министерство за правда
  • Државен завод за ревизија
  • Управа за јавни приходи
  • Државна изборна комисија
  • Централен регистар на Република Северна Македонија
  • ГРАД СКОПЈЕ
  • Совет на општини

Организации

  • Здружение за истражување и анализи - ЗМАИ Скопје
  • Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје
  • Иницијатива за развој и инклузија на зедниците - ИРИЗ, Скопје
  • Фондација за интернет и општество Метаморфозис
  • Центар за граѓански комуникации
  • Политички партии


Напишете коментар