



На почеток на средбата Претседателот на Врховен суд на Република Северна Македонија Африм Фидани, ги запозна присутните со досега преземените активности од страна на Советот за отворено судство, по чие конституирање и потпишување на Декларацијата за Отворено судство, станавме една од првите држави во која концептот на глобалната иницијатива на партнерството за отворена власт, ја инкорпорира и судската власт.
За време на средбата, се разговараше за состојбата со исполнување на заложбите од Акцискиот план за отворено судство 2024-2026 година кој е подготвен во инклузивен процес со вклученост на претставници од судските институции но и пртставници на невладиниот сектор, за следните чекори и за напорите кои се прават во изнаоѓање и обезбедување на финансиска помош и поддршка за нивна реализација. Претседателот Фидани потенцираше дека активностите на Советот за отворено судство како дел од Партнерството за отворена власт се значајни за подобрување на услугите кон граѓаните чии глас е индикатор за довербата во судството.
На крајот на средбата, присутните заклучија дека ваквата посета претставува значаен чекор во зајакнување на соработката во насока на унапредување на принципите на Партнерството за отворена власт, врз кои принципи треба да функционира секоја власт.