Шаќири: Длабоко убеден сум во трансформативната моќ на Партнерството за отворена власт

Сеул, 14 декември 2021

 

Денес, виртуелно, како говорник, Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, беше дел од Глобалниот самит за Партнерство за отворена власт што се одржува во Република Кореја.

Самитот ќе обезбеди платформа и моментум за размислување за напредокот на ПОВ во првата деценија и претставување на визијата за иднината.

Во однос на достигнувањата на полето на интегритетот и иновативноста кои се резултат од Партнерството за отворена власт, Шаќири рече: “Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во оваа иницијатива во 2011 година преку пет акциски планови,  посветено се следеше потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологијата.

Преку отворање и ставање на нашите ресурси на јавноста, успеавме да го унапредиме дијалогот, иновациите и употребата на технологијата што го прават животот на граѓаните подобар и полесен.

Еден значаен пример кој преставува активен одговор на барањата за интегритет во јавниот и приватниот сектор,  би ја издвоил заложбата за „ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ (BENEFICIAL OWNERSHIP)“, со која се овозможи рамноправен пристап до основните податоци за регистрираните субјекти во Централниот регистар на Република Северна Македонија.”

Гледајќи кон иднината, Шаќири додаде: “Оттука би сакал да споделам дека со новиот петти по ред Акциски план за ПОВ, Владата на Република Северна Македонија  се обврза дека во наредниот период активно ќе работи на јавно објавување на вистинските сопственици на фирмите што склучиле договори за јавни набавки со институциите од јавниот сектор.

Имајќи во предвид дека транспарентноста во јавните набавки се смета за главна алатка за намалување на корупцијата и за овозможување на фер и конкурентен натпревар, јавно достапните информации за целиот циклус на јавните набавки може да обезбедат  одговорни јавни набавки.

Успешната реализација на оваа амбициозна заложба очекувано е позитивно да влијае и врз зголемување на конкуренцијата, квалитетот на набавките и подобрување на јавните услуги”, го заврши својот говор, министерот Шаќири.

Leave a Reply