Одржан состанок на претставници од институциите и граѓанскиот сектор со извршниот директор на Партнерството за отворена власт г-дин Аидан Ејакуза

Скопје, 2 септември 2025 година

Во рамките на тридневната посета на извршниот директор на Партнерството за отворена власт г-дин Аидан Ејакуза на Република Северна Македонија, во просториите на Министерството за јавна администрација се одржа состанок со претставници на институциите и граѓанскиот сектор вклучени во овој процес. На состанокот беа споделени досегашните активности, тековните предизвици како и можностите за понатамошен напредок во областа на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество како темелни принципи на Партнерството за отворена власт.

Националната координаторка за Партнерството за отворена власт во Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Гапиќ Димитровска, истакна дека во срцето на Партнерството за отворена власт не е само ко-креацијата туку тоа е и процес на заедничко одлучување и претставува уникатен пристап што се издвојува од начинот на креирање на останатите владини документи.

„Оваа иницијатива не учи како работите да се прават поразлично од традиционалниот начин на работа во институциите – не само да ги препознаеме предизвиците туку и да најдеме взаемно решение за истите“ – нагласи г-ѓа Димитровска.

Извршниот директор на Партнерството за отворена власт, г-дин Аидан Ејакуза, се осврна на потенцијалот што го нуди оваа иницијатива, нагласувајќи ја важноста на заедничката соработка и споделената одговорност за ко-имплементација на заложбите, со цел да се исполнат очекувањата и потребите на граѓаните. Тој посочи дека сите чинители вклучени во оваа иницијатива го претставуваат тимот кој треба да ја смени културата на работење на Владата совладувајќи ги сите препреки на патот кон отворена власт.

Г-ѓа Сандра Пернар,  виш регионален координатор за Европа за Партнерството за отворена власт, истакна дека Република Северна Македонија е една од ретките земји што процесот на Партнерство за отворена власт го спроведува паралелно во извршната, законодавната, судската и локалната власт, со што се позиционира како лидер не само во регионот туку и во Европа. Таа најави дека токму затоа нашата земја ќе биде домаќин на регионалниот состанок на Западен Балкан во 2026 година, на кој ќе се претстави Република Северна Македонија како позитивен пример што може да ги мотивира другите држави да го следат истиот модел.

Г-ѓа Данче Даниловска Бајдевска од Фондацијата „Метаморфозис“, се осврна на улогата на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, формирана со цел да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество во овој процес. Таа нагласи дека преку Мрежата која брои повеќе од 70 организации членки, се врши транспарентен избор на претставници на невладините организации во Советот за Партнерство за отворена власт, со што се обезбедува независност и заштита од политички влијанија.

Г-дин Стојан Мишев од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените нагласи дека Партнерството за отворена власт обезбедува суштинско учество на сите засегнати страни. Истовремено посочи дека, и покрај постигнатите резултати, процесот се соочува со предизвици, како што се ограничените финансиски ресурси и потребата од понатамошно институционално зајакнување кои се дел  од пошироките системски слабости во државата, за чие надминување е неопходен посилен политички ангажман.

Г-дин Герман Филков од Центар за граѓански комуникации, истакна дека во изминатите години преку Партнерството за отворена власт се реализирани значајни заложби во областа на јавните набавки, пристапот до информации и антикорупцијата. Тој додаде дека токму преку оваа иницијатива беше воведена активната транспарентност, која денес претставува клучен механизам за мерење на отвореноста и отчетноста на институциите.

 

Leave a Reply