
Отпочна процесот на ко-креирање на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028
На 2 април 2026 година, во Скопје се одржа Конференцијата за отпочнување на процесот на ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 (НАП7), во организација на Министерството за јавна администрација во соработка со Фондацијата „Метаморфозис” и Центарот за граѓански комуникации. На настанот учествуваа претставници на институциите и граѓанските организации, обединети од заедничката цел — да изградат поотворена, потранспарентна и поодговорна јавна администрација во служба на граѓаните. Конференцијата го означи формалниот почеток на новиот циклус на ко-креација и отвори простор за широк, инклузивен дијалог за реформските приоритети во периодот што следи.
Гордана Гапиќ-Димитровска, национална координаторка за Партнерство за отворена власт, го означи почетокот на новиот циклус нагласувајќи дека процесот претставува уникатна можност за заедничко утврдување на приоритетите. „Партнерството за отворена власт е повеќе од иницијатива, тоа е платформа каде институциите и граѓанското општество заеднички ги дефинираат реформите. Работевме на отворените податоци, зголемување на процесот на консултации, пристапот до правда, транспарентноста на локално ниво и имаме примери дека процесот прави промени во нашето општество”, рече Гапиќ-Димитровска, нагласувајќи дека резултатите од претходните акциски планови јасно покажуваат дека партнерскиот пристап носи конкретни придобивки за граѓаните.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека Партнерството за отворена власт е важен инструмент за унапредување на транспарентноста, отчетноста и учеството на јавноста во креирањето политики. „Отворената власт не е цел сама по себе. Таа е средство за подобро управување, за поквалитетни политики и за институции кои работат во интерес на граѓаните. Нашата заедничка цел е да изградиме систем во кој транспарентноста, отчетноста и учеството ќе бидат стандард во работењето на институциите, а не исклучок”, рече Минчев. Тој дополнително информираше дека е подготвен нов, унапреден дизајн на онлајн платформата за Партнерство за отворена власт, преку која ќе се овозможи континуиран онлајн придонес, доставување предлози и активно вклучување на сите засегнати страни во текот на целиот процес на ко-креација.
Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, ја нагласи посебната одговорност на Собранието во овој процес. „Нашата улога не е само да донесуваме закони, туку и да обезбедиме ефективен надзор, транспарентност во работењето и вистинско учество на јавноста. Наша должност е информациите кои произлегуваат од работата на Собранието да ги обезбедиме на проактивен, транспарентен и дигитално достапен начин за граѓаните”, истакна Димовска. Таа нагласи дека Собранието е активен партнер во овој процес уште од 2017 година a концептот на отворен парламент останува дел од стратешките приоритети за периодот 2026–2030 година, заедно со дигитализацијата, ефикасноста и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Данче Даниловска-Бајдевска, координаторка на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт при Фондацијата Метаморфозис, ја нагласи суштинската вредност на партнерскиот модел. „Партнерството за отворена власт не е само процес, тоа е модел на работа кој покажува дека кога институциите и граѓанското општество работат заедно, резултатите се подобри, поконкретни и покорисни за граѓаните”, рече Даниловска-Бајдевска. Таа ги посочи конкретните достигнувања — воспоставувањето на Отворен трезор, Регистарот на вистински сопственици и дигитализирањето на финансиското известување на политичките партии — но и примерот со отворените податоци каде поставената цел од 30 општини со минимум пет збирки податоци беше надмината со вклучување на 61 општина и над 300 збирки.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации ги потенцираше конкретните резултати остварени преку соработката во рамки на претходните акциски планови — од платформата data.gov.mk и алатките за консултации при донесување прописи, до Законот за укажувачи, системот за интегритет на институциите, електронското доставување на изјави за имотна состојба и јавното објавување на имињата на вистинските сопственици кои склучуваат договори преку Бирото за јавни набавки.
Процесот на ко-креација продолжува инклузивно, со активно учество на институциите, граѓанските организации и сите засегнати страни. Во текот на наредните месеци ќе се одржуваат тематски консултации, работилници и јавни дебати, а првиот нацрт на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 се очекува во четвртиот квартал од 2026 година.