ОСНОВАН СОВЕТОТ ЗА ОТВОРЕНО СУДСТВО И ПОТПИШАНА ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОТВОРЕНО СУДСТВО

На 30 март, 2022 година во просториите на Врховниот суд на Република Северна Македонија беше основан Советот за отворено судство. Во рамки на настанот беше потпишана и Декларацијата за Отворено судство, од страна на членовите на Советот на отворено судство.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Советот за Отворено судство претставува тело во кое членуваат по еден претставник од сите судски инстанци и претставници на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители како и претставници од шест здруженија на граѓани.

Декларацијата за Отворено судство како дел од програмата Партнерство за отворена власт претставува заложба која има за цел да придонесе кон зголемено граѓанско учество и зголемен пристап од страна на граѓаните во однос на работата на судството во Република Северна Македонија.

 

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во своето обраќање истакна дека отвореното судство е клучно за зголемување на позитивната перцепција, а со тоа и за зголемена доверба на граѓаните во однос на работата на судовите.

„Врховниот суд на РСМ како носител на судската власт ја има и должноста да обезбеди воедначена примена на законите што е предуслов за еднаква правда за сите граѓани заснована на воспоставена судска практика со што ќе се почитува начелото на правна сигурност, но во исто време ќе се обезбеди и отвореност на податоците и работата на судовите како институции кои се надлежни за правораздавање“, нагласи Адеми.

 

На денешниот настан обраќање имаше и програмскиот раководител од Центарот за правни истражувања и анализи, г-дин Жарко Хаџи–Зафиров, кој истакна дека Советот за отворено судство има за цел ја зајакне транспарентноста и отвореноста на судството, но и да даде придонес во кохабитацијата на трите власти, законодавна, извршна и судска.

 

Исто така, на настанот се обрати и г-дин Paul Maassen, претставник од Партнерството за отворена власт, кој посочи дека основањето на Советот е во духот на партнерството за отворена власт и претставува пример за отвореноста на судскиот систем кон граѓаните и кон граѓанскиот сектор.

 

ПОВИК до здруженија на граѓани и фондации за изразување на интерес за членување на нивни претставници во Советот за Отворено судство 2021-2023 година

Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Врховниот суд на Република Северна Македонија, во рамки на иницијативата за Отворено судство-Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија објавува оглас за избор на членки на Советот за Отворено судство од редот на здруженија на граѓани и фондации.

Со цел обезбедување на навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес се објавува повик до граѓанските организации за номинирање на членови во Советот за Отворено судство во чија надлежност ќе биде следење на спроведувањето на Акцискиот план за Отворено судство 2021-2023 година.

Повик треба да овозможи пријавување на 6 (шест) претставници и нивни заменици од заинтересирани граѓански организации кои ги споделуваат вредностите на Партнерството за отворена власт,  се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на судството и ги применуваат тие принципи во своето работење, за нивно учество во Советот следење на спроведувањето на Акцискиот план за Отворено судство 2021-2023 година.

 

Советот за Отворено судство 2021-2023 година е советодавно тело за координација и следење на развојот и спроведувањето на Акцискиот план за Отворено судство и креирање на политики за отвореност на судството. Членувањето во Советот Отворено судство е доброволно и без надомест. Советот за Отворено судство има клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Отворено судство, низ циклусот на планирање, во развојот и во спроведувањето, следењето и известувањето за Акцискиот план за Отворено судство. Совет за Отворено судство се формира за да се поттикне транспарентноста и отвореноста на работата на судовите и да се поттикне учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата Отворено судство во Република Северна Македонија; да се обезбеди соработка и да се воспостават јасни, структурирани и трајни механизми за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество; да се зголеми учеството на граѓанското општество во процесите на Отворено судство и во подготовката на акциските планови за Отворено судство и за поддршка, поттикнување и следење на спроведувањето на тековниот акциски план.

Со овој повик се покануваат сите заинтересирани здруженија на граѓани и фондации согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/10, 135/11 и 55/16) да се пријават преку доставување на приложената пријава  и потребните документи* со кои се докажува исполнувањето на критериумите.

 

Рокот за поднесување на пријавите е 24 март (четврток) 2022 година.

Пријавувањето за членство во Совет за Отворено судство за следење на Акцискиот план за Отворено судство 2021-2023 година се врши по електронски пат, со доставување на пополнета пријава и потребните документи* на следната електронска адреса: contact@cpia.mk

 

По разгледување на пријавите, здруженијата на граѓани и фондациите кои изразиле интерес за членство во Советот за Отворено судство ќе бидат информирани за процесот и избраните членови.

Потребни документи со кои се докажува исполнувањето на критериумите и кои треба да бидат доставени заедно со пријавата за членство во Советот за Отворено судство 2021-2023 година:

  • Годишен извештај за работата на здружението на граѓани/фондацијата од минатата година (2020 година);
  • Тековна состојба на здружението на граѓани/фондацијата (не постара од 6 месеци);
  • Статут на здружението на граѓани/фондацијата;
  • Доказ за најмалку 5 години искуство на здружението на граѓани/фондацијата во реформа на правосудството;
  • Доказ за најмалку 5 години искуство на кандидатот за член и заменик во реформа на правосудството;
  • Кратка биографија на кандидатите за членови и заменици на Советот за Отворено судство;
  • Изјава од кандидатите за членови и заменици на Советот за ПОВ дека не се членови на органи на политичка партија, не се избрани или именувани лица и не се вработени во институциите на државната власт.

Избраните членови и заменици на Советот за Отворено судство ќе бидат известени најдоцна до 26.03.2022 година и поканети на 30.03.2022 година да учествуваат на свечената седница за формирање на Советот за Отворено судство во Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Одржана конститутивна седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена Власт 2021-2023

Скопје, 11 март 2022

На 11 март се одржа конститутивната хибридна седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт 2021-2023. На седницата се официјализираше конституирањето на Советот како советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија (ПОВ), за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови.

Седницата ја отвори министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити преку видео обраќање. Тој се осврна на придобивките од процесот, важноста од вклучувањето на сите засегнати страни, како и на Националниот акциски план за ПОВ 2021-2023 кој се надоврза на претходниот интензитет на работа со преземање обврски за зголемување на учеството на јавноста и испорака на решенија кои прават разлика.

„Во новиот циклус се постигна навистина голем успех, освен заложбите за Отворена Влада и Отворен парламент се креираа и заложби за Отворено судство“, истакна министерот Алити, додавајќи дека воспоставувањето на Советот ќе обезбеди на структуриран начин да се максимизира учеството и соработката помеѓу институциите и граѓанското општество, и тоа во сите фази на процесот на ПОВ.

„Убеден сум дека овој Совет, со воспоставениот состав од 8 членови кои ја претставуваат Владата, Собранието и Врховниот суд на Република Северна Македонија и еднаков  број претставници од граѓанските организации номинирани преку Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, ќе одговори на заеднички поставените цели, рече министерот Алити.“

На седницата се обрати и Сандра Пернар, регионална координаторка на ПОВ за Европа, која потенцираше дека во последните две години е забележан вистински напредок.

,,Видовме дека се преземени дополнителни важни чекори вклучувајќи го и воспоставувањето на форумот на засегнати страни.. Северна Македонија е дефинитивно специфична во однос на регионот со фактот што сега ги има сите три гранки на власт во имплементација на заложби и локален претставник во ПОВ. Ја гледам Северна Македонија како вистински лидер во регионот на Западен Балкан кога зборуваме за отворена влада“, истакна Пернар.

Гордана Гапиќ Димитровска, која е национална координаторка на Република Северна Македонија за ПОВ, укажа дека е огромно задоволството од воспоставувањето на Советот, темелено на искуствата од претходниот циклус но и поради вклучувањето на претставници од Врховниот суд и од Парламентот со што се воспоставува функционален систем на координација и следење на процесот за ПОВ.

Ивона Сталевска, како претставник на Мрежата на граѓански организации истакна дека во овој процес на ко-креација беа активно вклучени и како членови на Советот и како фасилитатори на приоритетните области и со активна поддршка на сите членови од ад-хок работните групи.

Во расправата на седницата се вклучија  и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, Маја Петковска Лесес од Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и Лилјана Јоноски од Рурална коалиција.

На средбата учествуваа 25 претставници од институциите и граѓанските организации, членовите и замениците членови на Советот како и претставници од Националниот демократски институт и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.