Повик до граѓански сектор за пријавување членство во Совет за ПОВ

Партнерство за отворена власт (ПОВ)[1] претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон креирање и спроведување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Граѓанскиот сектор акумулира огромна креативна енергија која треба да се користи п(р)оактивно во јавниот сектор преку подобрување и негување на културата на вклученост и почитување на правата на сите граѓани во процесот на креирање политики и носење одлуки, закони и пристап до информации.

Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт (во натамошниот текст Мрежа за ПОВ) се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ПОВ во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата за ПОВ учествува и придонесува за воспоставување структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година (во натамошнит текст: НАП за ПОВ 2021-2023 година).

 

Оттука, врз основа на член 55 став (1) од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ број 58/00, 44/02, 82/08, 167/10, 51/11 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 6/19 и 110/19), а во врска со Насоките за управување и учество во иницијативата за Партнерство за отворена власт и Стандардите за ко-креирање и дизајнирање на форум со повеќе засегнати страни, Министерот за информатичко општество и администрација донесе Упатство за начинот на формирање и работа на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт број 16-4844/1, 20.12.2021 година врз чија основа Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт објавува:

 

 

 

 

 

 

ОТВОРЕН ПОВИК

за изразување на интерес за членување на претставници од заинтересирани граѓански организации во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година

 

Отворениот повик треба да овозможи пријавување на 8 (осум)[2] претставници од заинтересирани граѓански организации кои ги споделуваат вредностите на Партнерството за отворена власт и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите и ги применуваат тие принципи во своето работење, за нивно учество во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година (во натамошнит текст: Советот за ПОВ) при процесот на спроведување и следење на НАП за ПОВ 2021-2023 година.

 

Советот за ПОВ 2021-2023 година е советодавно тело за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови. Членувањето во Советот за ПОВ е доброволно и без надомест. Советот за ПОВ има клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на ПОВ, низ циклусот на планирање, во развојот на НАП и во спроведувањето, следењето и известувањето за НАП. Совет за ПОВ се формира за да се поттикне транспарентноста и отвореноста на работата на органите на државна управа, како и други институции на државната власт и да се поттикне учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата ПОВ во Република Северна Македонија; да се обезбеди меѓусекторска соработка и да се воспостават јасни, структурирани и трајни механизми за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество; да се зголеми учеството на граѓанското општество во процесите на ПОВ и во подготовката на акциските планови за ПОВ и за поддршка, поттикнување и следење на спроведувањето на тековниот акциски план.

 

Преку членство во Советот за ПОВ пријавените учесници ќе можат да обезбедат свој придонес при спроведување и следење на заложбите во состав на петте приоритетни области од НАП за ПОВ 2021-2023: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност; Спречување на корупција и промовирање на добро владеење; Испорака на јавни услуги, Пристап до правда и Животна средина и климатски промени и да влијаат во процесот за нивна навремена, непречена и успешна реализација, како и на заложбите во состав на Акциските планови на Отворено судство и Отворен парламент 2021-2023 година.

Со овој повик се покануваат сите заинтересирани граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/10, 135/11 и 55/16) да се пријават преку доставување на приложената пријава  и потребните документи* со кои се докажува исполнувањето на критериумите.

Рокот за поднесување на пријавите е 13 јануари (четврток) 2022 година.

 

 

Пријавувањето за членство во Совет за координација и следење на НАП за ПОВ 2021-2023 година се врши по електронски пат, со доставување на пополнета пријава и потребните документи* на следната електронска адреса: POVSovet@fosm.mk

Отворениот повик се објавува на веб страницата www.ovp.gov.mk.

 

Јавниот повик се објавува најдоцна седум дена по усвојување на Упатството за начинот на формирање и работа на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт, а изборот на членовите на Советот за ПОВ кои се претставници на граѓанските организации се врши од страна на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт најдоцна 14 дена од истекувањето на рокот за поднесување на пријавите.

По разгледување на пријавите од страна на Мрежата за ПОВ, организациите кои изразиле интерес за членство во Советот за ПОВ ќе бидат информирани за процесот и избраните членови.

 

 

ПРИЈАВА

за изразување интерес за членство во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година

 

I Основни податоци за организацијата:

 

Назив на организацијата: …………………………………………………………………..

Скратен назив: ………………………………………………

Адреса/општина: ………………………………………………………………………………

Контакт информации (телефон, е-адреса): ………………………………………………………………………

Интернет страница:  …………………………………………

 

II Претставници на вашата организација во Советот за ПОВ

 

Претставник/претставничка на организацијата во Советот за ПОВ

Име и презиме: ……………………………………………………………….

Функција/позиција: ……………………………………………………………….         

Телефон: ……………………………………………………………….

Е-пошта: ……………………………………………………………….

Накратко дадете опис на Вашето искуството во областа (наведете референца или линк од некој документ или веб-страна, референца од конкретен извештај, анализа или слично)

 

Која е вашата мотивација за членство во Советот за ПОВ?

 

Што очекувате дека можете да добиете како член на Советот за ПОВ, а што можете да понудите?

(до 200 збора)

…………………………………………………………………………………….

 

Заменик претставник/претставничка на организацијата во Советот за ПОВ

Име и презиме: ……………………………………………………………….

Функција/позиција: ……………………………………………………………….        

Телефон: ……………………………………………………………….

Е-пошта: ……………………………………………………………….

Накратко дадете опис на Вашето искуството во областа (наведете референца или линк од некој документ или веб-страна, референца од конкретен извештај, анализа или слично)

 

Која е вашата мотивација за членство во Советот за ПОВ?

 

Што очекувате дека можете да добиете како член на Советот за ПОВ, а што можете да понудите?

(до 200 збора)

…………………………………………………………………………………….

 

 

III Критериуми за членство

 

Изјави за интерес и поддршка

Организацијата изразува интерес за учество во Советот за ПОВ;

Организацијата е формален субјект регистриран во земјата согласно Законот за здруженија и фондации, на …………………………………… (датум на регистрација);

Организацијата ја поддржува Декларацијата за Партнерство за отворена власт;

Организацијата ги споделува основните вредности на Партнерство за отворена власт:

  • партиципативност
  • отвореност и
  • отчетност

и истите ги применува во својата работа и се залага да бидат применети од страна на соработниците, партнерите, донаторите, грантистите и институциите на локално и централно ниво.

 

Области

Организацијата активно работи, со фокус на следните области: ……………………………………………… (области на дејствување).

Организацијата изразува интерес за вклученост во активности на Советот во следните области на ОВП, во кои има знаење и искуство:

 

граѓанско учество во креирање на јавните политики;

застапување за транспарентост на властите (на локално или централно ниво);

застапување за отчетност на властите (на локално или централно ниво).

 

 

Кандидатите за членови и заменици на Советот за ПОВ кои ги претставуваат граѓанските организации треба да:

 

се дел од организација која е регистрирана согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16) најмалку пет години, а која делувала најмалку пет години во барем една од областите кои се дел од заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт;

имаат лично искуство од најмалку пет години во барем една од областите (примарна област за кандидатот) кои се дел од заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт;

учествувале во барем еден циклус на креирање на Националниот акциски план за ПОВ преку работните групи за ПОВ;

не се членови на органи на политичка партија;

не се избрани или именувани лица, и

не се вработени во институциите на државната власт.

 

Се смета за предност доколку кандидатот има лично искуство од најмалку три години во повеќе од една од областите кои се дел од заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт за кој се формира Советот за ПОВ, односно доколку кандидатот има најмалку три години искуство во секундарна област опфатена со заложбите.

 

*Потребни документи со кои се докажува исполнувањето на критериумите и кои треба да бидат доставени заедно со пријавата за членство во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година:

  • Годишен извештај за работата на граѓанската организација од минатата година (2020г.);
  • Тековна состојба на граѓанската органзиација (не постара од 6 месеци);
  • Статут на граѓанската организација;
  • Кратка биографија на кандидатите за членови и заменици на Советот за ПОВ;
  • Изјава од кандидатите за членови и заменици на Советот за ПОВ дека не се членови на органи на политичка партија, не се избрани или именувани лица и не се вработени во институциите на државната власт.

 

За спроведениот отворен повик, Координаторот на Мрежата за ПОВ доставува информација, придружена со записник од постапката за избор и кандидирање на членови на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации до Националниот координатор за ПОВ, како и избрани членови на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации. Информација за избраните членови и заменици на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации се објавува на веб страницата www.ovp.gov.mk

Доколку по спроведување на отворениот повик не се пополнат сите 8 (осум) места за членови на Советот за ПОВ, Мрежата за ПОВ повторно распишува повик за избор на членови и за тоа го известува Националниот координатор за ПОВ.

Повторното распишување на повикот не претставува пречка за назначување членови за работа на Советот за ПОВ доколку листата на избрани членови на Советот за ПОВ кои ќе ги претставуваат граѓанските организации има најмалку пет избрани членови.

Фусноти

[1] Со прифаќање на НАП5 2021-2023 г. од страна на Владата на Република Северна Македонија, Отвореното владино партнерство (ОВП) се преименува во Партнерство за отворена власт (ПОВ).

 

[2] Согласно член 5 од Упатството за начинот на формирање и работа на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт број 16-4844/1 од 20.12.2021 година, Советот за ПОВ е составен од 16  члена со еднаков број членови од институциите и од граѓанското општество.

 

Иновативните алатки за потранспарентни општини во земјава меѓу глобалните победници за Партнерство за отворена власт

Сеул, 16 декември, 2021

Иновативните алатки кои овозможија поголема транспарентност и отчетност на општините во земјава се прогласени за едни од глобалните победници на Самитот за Партнерство за отворена власт кој од 15 до 17 декември се одржува во Сеул, Република Кореја.

Во конкуренција на повеќе од 100 апликации, заложбата за потранспарентни општини во Северна Македонија ја освои третата награда на европско ниво за влијание во подобрувањето на животот на луѓето и квалитетот на демократијата. Станува збор за група алатки кои беа креирани и ставени во функција во изминатите три години. Придонесоа за подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво, овозможија следење во живо на седниците на 18 општини, како и директно вклучување на граѓаните во процесот на носење одлуки во 24 општини. Активностите беа спроведени во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“, чиј носител е Министерството за локална самоуправа.

Национален координатор на иницијативата Партнерство за отворена власт, која се спроведува од 2011 година, е Министерството за информатичко општество и администрација.

„Би сакал да споделам дека Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада а добиената награда на Глобалниот самит е вистинска и искрена потврда дека заедничкиот труд и партнерскиот однос на Владата, граѓанскиот сектор и донаторската заедница обезбедува функционални и долгорочни решенија за предизвиците пред кои сме исправени како општество. Од приклучувањето во оваа иницијативата во 2011 година преку пет акциски планови посветено се следи потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија. Со новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2021-2023 година потврдена е заложбата дека и во наредниот период ќе се продолжи со посветена работа на  јавниот сектор, од кој се очекува во партнерски однос со засегнатите страни да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови“,  истакна министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски од своја страна изјави:

„Ова глобално признание е плод на повеќегодишни напори и активности, кои ги спроведовме заедно со нашите партнери, во насока на поголема отвореност на локалните самоуправи, но и подиректна вклученост на граѓаните во процесот на работење и одлучување во општините во кои живеат. Во пракса, активностите придонесоа за брз и лесен пристап до податоците за реализација на општинските буџети, носење одлуки врз основа на релевантни и достапни податоци, како и реализација на проекти од јавен интерес предложени директно од граѓаните“, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Заложбата за транспарентни општини се спроведе во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, а чии главни имплементатори се Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

„Остварувањето на оваа заложба покажа дека кога граѓаните се присутни во процесот на донесување одлуки и финансиско планирање, ефективноста и ефикасноста на јавните услуги се подобрува. Вклученоста на граѓаните во овој процес исто така придонесува за отчетноста и транспарентноста на властите, како и довербата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Честитки за Северна Македонија за ова признание, имено се надевам дека истото ќе поттикне одржлив раст на овие алатки, а со тоа и поголема вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки во иднина“, изјави Вероник Улман Марти, амабасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија

„УНДП посветено работи на развивање на локалната демократија и надградување на капацитетите на општините, бидејќи веруваме дека токму тоа е клучен предуслов за одржлив развој и подобри услови за живот за сите граѓани. Ова признание е „ветер во грб“ да опстоиме на нашата  цел постоечките алатки да бидат прифатени од сите локални самоуправи во државата, но и да креираме нови иновативни решенија за поголема отвореност на општините кон граѓаните“, изјави Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Шаќири: Длабоко убеден сум во трансформативната моќ на Партнерството за отворена власт

Сеул, 14 декември 2021

 

Денес, виртуелно, како говорник, Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, беше дел од Глобалниот самит за Партнерство за отворена власт што се одржува во Република Кореја.

Самитот ќе обезбеди платформа и моментум за размислување за напредокот на ПОВ во првата деценија и претставување на визијата за иднината.

Во однос на достигнувањата на полето на интегритетот и иновативноста кои се резултат од Партнерството за отворена власт, Шаќири рече: “Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во оваа иницијатива во 2011 година преку пет акциски планови,  посветено се следеше потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологијата.

Преку отворање и ставање на нашите ресурси на јавноста, успеавме да го унапредиме дијалогот, иновациите и употребата на технологијата што го прават животот на граѓаните подобар и полесен.

Еден значаен пример кој преставува активен одговор на барањата за интегритет во јавниот и приватниот сектор,  би ја издвоил заложбата за „ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ (BENEFICIAL OWNERSHIP)“, со која се овозможи рамноправен пристап до основните податоци за регистрираните субјекти во Централниот регистар на Република Северна Македонија.”

Гледајќи кон иднината, Шаќири додаде: “Оттука би сакал да споделам дека со новиот петти по ред Акциски план за ПОВ, Владата на Република Северна Македонија  се обврза дека во наредниот период активно ќе работи на јавно објавување на вистинските сопственици на фирмите што склучиле договори за јавни набавки со институциите од јавниот сектор.

Имајќи во предвид дека транспарентноста во јавните набавки се смета за главна алатка за намалување на корупцијата и за овозможување на фер и конкурентен натпревар, јавно достапните информации за целиот циклус на јавните набавки може да обезбедат  одговорни јавни набавки.

Успешната реализација на оваа амбициозна заложба очекувано е позитивно да влијае и врз зголемување на конкуренцијата, квалитетот на набавките и подобрување на јавните услуги”, го заврши својот говор, министерот Шаќири.