Нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2021-2023 година

Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Советот за ОВП, Мрежа на граѓански организации за ОВП а со поддршка од Секретаријатот за Отворено владино партнерство го подготви нацрт Национален Акциски план за отворено владино партнерство 2020-2023 година.

Република Северна Македонија има препознаени резултатите во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во иницијативата за Отворено владино партнерство (ОВП), во 2011 година, Северна Македонија ја следеше посветено потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија за сите граѓани.

Петтиот  национален акционен план (НАП) се надоврзува на претходниот интензитет со преземање обврски за зголемување на учеството на јавноста и испорака на навистина трансформативни решенија. Исто така, ја препознава потребата јавниот сектор да иновира, да развива политики што одговараат на потребите на граѓаните како одговор на современите текови.

Новиот план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година jа потврдува потребата од продлабочување на претходните обврски и подобрување на нивниот квалитетот. Тој е насочен кон заложби  за пристапот до правда, правното зајакнување на граѓаните и унапредување на правната заштита особено на  младите, маргинализирани групи и жени, унапредување на испораката на јавни услуги, продолжување на активностите поврзани со јавно објавување на информација за вистинските сопственици, отворањето на нови податоци како и активностите за спречување на корупцијата и заштита на животната средина и аерозагадувањето.  Се очекува дека по двегодишен период на реализација на заложбите утврдени во овој план ќе се обезбеди вистинско препознавање на резултатите а граѓаните ќе бидат во можност да ја потврдат промената.

Со цел да се обезбеди систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација, кој ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на новиот АП, во 2020 година беше утврден начинот на спроведување на процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година, како и Постапка за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот ОВП со  временска рамка, Јавен повик за пријавување на учество во процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година и Насоки за спроведување на прашалник за оценка на имплементацијата на мерките од НАП за ОВП 2018-2020 и потребата од нивно вклучување во новиот НАП.  Исто така беа подготвени и материјали кои произлегуваат од постапка за спроведување консултации: План за промовирање на јавниот повик, Едукативен материјал и Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП. Сите документи се достапни на порталот за ОВП.

Темелено на предвидлива и соодветно уредена постапка на процесот на ко-креирање во септември 2020 година во еден динамичен и инклузивен амбиент,  отпочна процесот на подготовка на петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година.

Во рамки на процесот на ко-креација, беа одржани 3 онлајн информативни – едукативни средби, 12 он-лајн средби за идентификување на потреби и проблеми, анализа на активностите што моментално се преземаат за решавање на проблемите, вклучени институции, приоретизирање на мерките, работилници за идентификување и развој на заложби како и над 60  индивидуални состаноци за утврдување и усогласување на предлог заложбите,  министерски состанокот за ОВП и две  е-работилници на тема Транспарентност и отчетност во јавниот сектор и Управување темелено на интересите и  потребите на граѓаните, кои обезбедија  финализирање на заложбите кои се дел од новиот акциски план.

МИОА ги повикува сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Националниот Акциски план за отворено владино партнерство. Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 16.08.2021 година на следниов e-mail: ovp@mioa.gov.mk.

Одржано продожение на осмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за ОВП 2018 – 2020

На 23 јули 2021 се одржа продолжение на осмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (Совет) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020.

На седницата присуствуваа 7  членови на Советот: ко-претседателката Маја Петковска Лесес – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија; Ели Чакар – Министерство за локална самоуправа; Миша Поповиќ – Институт за демократија Социетас Цивилис; Горан Мојаноски – Министерство за финансии; Дарко Антиќ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените; Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата како и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство при Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), Адриан Абази и Владимир Серафимовски од МИОА.

На денешното продолжение на седницата, беа донесени следните заклучоци:

  1. Усвоен Записникот од седмата седница на Советот, одржана на 28 декември 2020 година, со 7 гласови ЗА;
  2. Советот ги разгледа предложените заложби и констатира дека се усогласени и прифатени од страна на надлежните институции, а притоа критериумите за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП се запазени уште во раната фаза на подготовка на Акцискиот план за 2021-2023 година;
  3. Нацрт-текстот со предложените заложби да се стави на јавна консултација и да се достави на мислење до органите на државната управа. По усогласување на текстот, Нацрт – Акцискиот план за ОВП да се достави на разгледување до членовите на Советот во првата половина од септември 2021 година.

Одржана осма (информативна) седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Национланиот Акциски план за ОВП 2018 – 2020

На 20 јули 2021 се одржа осмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (Совет) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020.

На седницата учествуваа 9 членови на Советот: Ели Чакар – Министерство за локална самоуправа; Миша Поповиќ – Институт за демократија „Социетас Цивилис“; Снежана Камиловска Трповска – Македонски центар за меѓународна соработка; Теодора Обрадовиќ Грнчаровска – Министерство за животна средина и просторно планирање; Горан Мојаноски – Министерство за финансии; Дарко Антиќ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените; Ивона Сталевска – Фондација Отворено општество – Македонија; Маја Коневска – Државна комисија за спречување на корупцијата и Надица Јосифовски – Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) како и Гордана Гапиќ Димитровска – Национална координаторка за Отворено владино партнерство при МИОА, Владимир Серафимовски од МИОА и Даниел Кипријановски – Интелигента како техничка поддршка на www.ovp.gov.mk

Поради оправдани причини, на веќе закажаната седница не беше во можност да присуствува ко-претседателката на Советот, Маја Петковска Лесес – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија,  па оттука осмата седница на Советот беше одржана како седница од информативен карактер без донесување на одлуки предвидени согласно дневниот ред.

Гордана Гапиќ Димитровска ја презентираше информацијата за резултатите на работните групи за ко-креирање на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023 (НАП за  ОВП 2021-2023) по приоритетни области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност, Спречување на корупција и промовирање на добро владеење, Испорака на јавни услуги и Пристап до правда.

Во продолжение на седницата, четворицата ко-фасилитатори на работните групи за ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 по приоритетни области: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност (Герман Филков, преку снимено видео обраќање), Спречување на корупција и промовирање на добро владеење (Миша Поповиќ), Испорака на јавни услуги (Дарко Антиќ) и Пристап до правда (Ивона Сталевска), пред присутните членови на Советот ги презентираа предлог-заложбите за секоја приоритетна област одделно кои претходно беа одобрени од страна на одговорните институции и подносителите на заложбите. Процесот на ко-креација започна во септември 2020 година со цел да  се обезбеди навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на петтиот НАП за ОВП 2021-2023 година.

Дополнително, Гордана Гапиќ Димитровска ги извести членовите на Советот за Насоките за оценување на релевантноста и поврзаноста на предлог заложбите од процесот на ко-креирање на петтиот НАП за ОВП со начелата на ОВП Иницијативата.

По завршување на седницата, согласно Насоките, членовите на Советот ќе бидат во можност да ги оценат предложените заложби согласно Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП и Бодовникот за заложби во состав на Критериумите.

Гласањето по точките на дневен ред предвиден за осмата седница ќе се реализира на следната видео седница на Советот закажана за 23 јули 2021, кога ќе биде усвоен и Записникот од седмата седница на Советот, одржана на 28 декември 2020 година.

Нацрт Акциски план за Отворено судство 2021- 2023 година

Почитувани,

Пред нас се наоѓа првиот нацрт на Акцискиот план за Отворено судство како дел од Националниот акциски план за Отворено Владино Партнерство на Република Северна Македонија за периодот 2021-2023 година. Акцискиот план претставува спектар на заложби и активности кои правосудниот сектор ќе ги преземе во наредните две години со цел да се зајакнат, продлабочат и прошират напорите за унапредување на транспарентноста и отвореноста на судовите и судските институции во РСМ.

Република Северна Македонија е дел од Отвореното Владино Партнерство од 2011 година и досега успешно усвои и спроведе четири акциони планови (2012, 2014, 2016 и 2018 година). Собранието на Република Северна Македонија се приклучи на Отвореното Владино Партнерство во 2018 година во рамките на Акцискиот план 2018 – 2020 година, додека почнувајќи од годинава, во петтиот Национален акциски план (2021-2023) се наоѓа и судството со свои конкретни заложби за подобрување на транспарентноста и отвореноста на судовите и враќање на довербата на јавноста во судските институции.

Првиот Акциски план за Отворено судството беше развиен во широки дискусии и тркалезни маси помеѓу претседатели на судовите, судии и претставници на судската служба од сите судови во РСМ, претставници од Судскиот совет, Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на граѓанското општество (мониторинг организации) и останати експерти во областа. Консултациите кои беа извршени во периодот јануари-март 2020 година вклучуваа и учество на Националниот координатор за ОВП, Министерството за информатичко општество и администрација како носител на оваа активност. Идеите и потребите на институциите и граѓанскиот сектор темелно дискутирани на тркалезните маси, беа трансформирани во форма на Првиот Акциски план за отворено судство.

Оттука, ги повикуваме сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Акцискиот план за Отворено судство 2021-2022 година.

Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 20.07.2021 година (понеделник) на следните e-mail адреси: contact@ssrm.mk, mja@mja.org.mk,  и contact@cpia.mk .