МИОА ја одбележува глобалната недела на Отворено владино партнерство

Скопје, 12 март 2019 година

Министерството за информатичко општество и администрација ја одбележува глобалната недела на Отворено владино партнерство со јавна расправа на тема: „Каде сме и кои се следните чекори во рамки на отвореното владино партнерство“.

Настанот го отвори министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Како што истакна тој, во изминатата година Владата на Северна Македонија и МИОА, направија голем исчекор во остварување на заложбите кои се дел од ОВП.

„Кога пред една година го дефиниравме новиот Акциски план, кажав дека Владата и МИОА се залагаат за документ со конкретни мерки и активности. Мерки кои ќе придонесат за јакнење на соработката на институциите со граѓанските организации, бизнисите, медиумите, но најважно со граѓаните. Една година подоцна, со задоволство можам да кажам дека во таа намера успеавме. Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики. Тоа е единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани“, подвлече министерот Манчевски.

Основен предуслов за Отвореното владино партнерство да биде успешен процес е враќањето на довербата на граѓаните во институциите. Владата и МИОА тоа го прават преку активна транспарентност и отворање на податоците.

„На крајот на минатата година го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 190 од повеќе од 40 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Свесноста кај институциите за важноста од отворањето на податоците се зголемува. Во секоја институција имаме задолжен офицер за отворени податоци. Бизнис заедницата, медиумите, граѓанските организации и најважно граѓаните, се повеќе ги користат овие податоци, што е и основната цел на нивното објавување“, истакна министерот Манчевски.

Оваа година за првпат, во Северна Македонија имаме висок претставник од Канцеларијата за ОВП од Вашингтон, односно заменик-директорот Џо Пауел. Тој се осврна на соработката со МИОА и успехот што Северна Македонија го постигна по усвојување на новиот Акциски план за ОВП.

„Во однос на вашата земја, гледам заложби за отворен трезор, измени во Законот за спречување на корупција, со фокус на граѓаните, отворање на што поголем број на податоци… Ова е навистина амбициозен и интересен план, и е согласно вашата цел за влез во Европската Унија. ОВП е тука да ви помогне во реализирањето на сите овие цели. Во однос на предизвиците, еден од предизвиците е имплементацијата на овие планови. Тоа не е нешто што се случува во период од една година, за тоа е потребна и храброст и политичка волја. Но, верувам и гледам дека Северна Македонија има потенцијал, мислам најголем во регионот во однос на можноста за функционирање на ОВП. Тоа е место, платформа каде сите вие можете да добиете идеи, алатки и нови иновативни решенија. Ние нема да ви кажуваме што да правите, тоа го оставаме на вас, а ние само можеме да ве поддржиме“, порача Пауел.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Министрите Манчевски и Поповски на средба со Пауел, заменик директор на Отворено владино партнерство: Република Северна Македонија да биде инспирација и за другите земји од регионот

Скопје, 11 март 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска остварија средба со заменик-директорот за Отворено владино партнерство од канцеларијата во Вашингтон, САД, Џо Пауел.

На состанокот министерот Манчевски се осврна на активностите преземени во рамки на отворените податоци како основен предуслов за соработка помеѓу институциите и граѓаните.

„Во моментов имаме 190 отворени податочни сетови од повеќе од 40 институции. Ова е само почеток, и бројот на податоците постојано се зголемува. Институциите стануваат свесни за важноста од отворање на податоците, а бизнисите, граѓанските организации, медиумите се повеќе ги користат овие податоци што им се на располагање“, подвлече министерот Манчевски.

Министерот Поповски ги претстави сетот на мерки што Владата на Северна Македонија ги презема за развој на концептот “Отворена Влада”.

“Најголем предизвик беше да се отворат институциите. Не само што ги направивме достапни за граѓаните информациите за работење на владата, туку и создаваме систем на критериуми за секоја наредна власт. Претставници на граѓанските организации во Република Северна Македонија се вклучени во креирање на стратегии, измени и дополнувања на закони и мониторирање на нивната имплементација, со цел да добиеме поуспешен и посеопфатен процес. “

Како што истакна Пауел, Владата е лидер во регионот од аспект на Отвореното владино партнерство. Според него Акцискиот план усвоен минатата година, има конкретни мерки и поради тоа постои можност за зголемување на соработката и поддршката што ОВП ќе ја обезбеди за Северна Македонија.

„Ова е прва посета на високи претставници на ОВП тука, од формирањето на ОВП во 2011та година. Сакаме успехот што Северна Македонија го постигна да биде инспирација и Вие да бидете лидер за другите земји од регионот“, истакна Пауел.

Заменик-директорот Џо Пауел и неговата делегација се во посета на Северна Македонија во рамки на Глобалната недела за отворено владино партнерство. По тој повод, МИОА организира и јавен настан „Каде сме и следни чекори во рамки на отвореното владино партнерство” кој ќе се одржи на 12-ти март 2019 година во Клуб на пратеници.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација