Скопје, 11 септември 2020
Министерството за информатичко општество и администрација и Фондацијата Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество спроведоа две дводневни онлајн обуки за отворени податоци.
На обуките, кои се одржаа во периодот од 31 август до 03 септември 2020 година, учествуваа офицерите за отворени податоци и лица кои работат во областа на отворени податоци од 22 државни институции.
Обуките за отворени податоци имаат за цел да го унапредат знаењето и вештините на лицата кои работат на отворање на податоците во државните институции.
Во рамките на дводневните обуки, учесниците имаа можност да се стекнат со познавања за концептот и придобивките на отворени податоци и за техничките аспекти, вклучувајќи формати на отворени податоци, платформи за отворени податоци, структура на податочни сетови, димензии на квалитет на податоци и техники за филтрирање и анонимизација на податочни сетови.
Учесниците се здобија со напредни познавања за процесот на идентификација, каталогизација и приоритизација на податочни сетови, како и практично знаење за процесот на објавување на податочни сетови на порталот data.gov.mk
Во рамките на овој проект, до сега се спроведени вкупно три обуки за отворени податоци од овој вид на кои присуствуваа 63 учесници од 28 државни институции.
Министерство за информатичко општество и администрација