МРЕЖА ЗА ОВП

Мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство се формира во пресрет на подготовката на новиот (петти) национален акциски план, со цел за поорганизирано делување и влијание на граѓанските организации на неговото креирање, како и поттикнување и мониторинг на имплементацијата на постојниот и идните акциски планови.
Улогата на мрежата е да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ОВП. Мрежата претставува организиран облик на делување по прашањето на ОВП во граѓанскиот сектор, т.е.

  • мрежа на активни граѓански организации кои посветено ќе ги поттикнуваат властите идругите институции да работат подобро преку зголемена транспарентност, учество и отчетност;
  • организирана граѓанска иницијатива која ќе го предводи, мониторира и промовира процесот, но во исто време ќе оди над редовните активности на Владата и ќе врши иновативен притисок.

По својата форма е неформална мрежа, со јасна организациска структура и координација.

Цели на мрежата
Основна цел на Мрежата е да го координира и зајакне гласот на граѓанските организации кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите. Мрежата ќе се залага за иницирање, поттикнување, поддршка, спроведување и мониторинг на процесот на ОВП и за притисок врз властите и другите институции за зголемување на нивната транспарентност, отчетност и отвореност за учество (партиципативност). Мрежата ќе се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ОВП во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата ќе учествува и придонесе за воспоставување на нова структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на НАП. Новата структура треба да ја надгради постојната практика и ресурси ангажирани за ОВП. Мрежата треба да ја поттикне и зголеми посветеноста на учесниците за развој на НАП преку процес кој ги вклучува сите засегнати страни, со активна вклученост на граѓаните и граѓанското општество.