Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт се формира во пресрет на подготовката на новиот (петти) национален акциски план, со цел за поорганизирано делување и влијание на граѓанските организации на неговото креирање, како и поттикнување и мониторинг на имплементацијата на постојниот и идните акциски планови.
Улогата на мрежата е да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ПОВ. Мрежата претставува организиран облик на делување по прашањето на ПОВ во граѓанскиот сектор, т.е.
- мрежа на активни граѓански организации кои посветено ќе ги поттикнуваат властите идругите институции да работат подобро преку зголемена транспарентност, учество и отчетност;
- организирана граѓанска иницијатива која ќе го предводи, мониторира и промовира процесот, но во исто време ќе оди над редовните активности на Владата и ќе врши иновативен притисок.
По својата форма е неформална мрежа, со јасна организациска структура и координација.
Цели на мрежата
Основна цел на Мрежата е да го координира и зајакне гласот на граѓанските организации кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите. Мрежата ќе се залага за иницирање, поттикнување, поддршка, спроведување и мониторинг на процесот на ПОВ и за притисок врз властите и другите институции за зголемување на нивната транспарентност, отчетност и отвореност за учество (партиципативност). Мрежата ќе се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ПОВ во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата ќе учествува и придонесе за воспоставување на нова структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на НАП. Новата структура треба да ја надгради постојната практика и ресурси ангажирани за ПОВ. Мрежата треба да ја поттикне и зголеми посветеноста на учесниците за развој на НАП преку процес кој ги вклучува сите засегнати страни, со активна вклученост на граѓаните и граѓанското општество.