1.1 Јавно објавување на вистинските сопственици на фирмите што склучиле договори за јавни набавки

Unaccepted
Кој јавен проблем се адресира со заложбата?

На 27 јануари 2021 година и во Северна Македонија се воспостави Регистар на вистински сопственици за да се зголеми транспарентноста во сопственичката структура на правните лица во земјата и да се исполнат меѓународните и стандардите на ЕУ за борба со перење пари и финансирање тероризам. Правните лица имаа рок до 27 април 2021 година, без надомест, да ги пријават податоците за вистинските сопственици.

Како дел од засилените мерки за отчетност и одговорност за кризната помош што им ја доделуваат на земјите за справување со последиците од пандемијата со КОВИД-19, ММФ побара од земјите на кои им доделува помош (меѓу кои и РСМ) да спроведат неколку заштитни механизми, меѓу кои и јавни информации за вистинските сопственици на фирмите кои добиле тендери од државата. Иако барањето за овие информации дојде како резултат на одговор на корона-кризата и зголемените ризици од корупција, сепак, станува стандард во јавните набавки на многу земји во светот.

Досега, воспоставување на ваков механизам во Северна Македонија не беше можен, поради непостоењето на Регистарот на вистински сопственици. Од друга страна, јавните набавки во земјата постојано се поврзуваат со широкораспространета корупција и  злоупотреби, сомнежи за договарање на фирмите и создавање вештачка конкуренција со што не може да се гарантира дека се добива најдобра вредност за потрошените пари. И во последниот извештај на Стејт департментот за Климата за инвестирање во Северна Македонија се наведува корупцијата (и непотизмот) во јавните набавки како проблем за инвеститорите.

Транспарентноста на податоците од овој регистар овозможува поврзување на податоците за тоа кој го поседува правното лице, кој го контролира и кој има крајна корист од него. Ова помага да се сузбие корупцијата, да се намалат инвестициските ризици и да се зголеми доброто управување.

Главна цел на заложбата

Заложбата вклучува јавно објавување на информација за вистинските сопственици на фирмите што склучиле договори за јавни набавки, на Електронскиот систем за јавни набавки, во делот каде што се објавуваат Известувањето за склучен договор и Договорот за јавна набавка.

На овој начин дополнително ќе се спречи корупцијата, односно јавни пари да завршуваат во приватни џебови на државни службеници; ќе се открие и спречи незаконско договарање на фирмите во јавните набавки и ќе се спречи привидна конкуренција на тендерите од фирми на исти вистински сопственици. Од друга страна ќе ѝ се овозможи на јавноста да ја следи рационалноста во трошењето на јавни пари; детектирање на т.н. црвени светла за корупција и ќе се поддржи одговорноста во трошењето јавни пари.

Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?

Транспарентноста во јавните набавки се смета за главна алатка за намалување на корупцијата и за овозможување на фер и конкурентен натпревар меѓу фирмите. Транспарентноста значи јавно достапни информации за целиот циклус на јавните набавки за да ги направи набавките одговорни. Меѓу овие информации спаѓаат и информациите за тоа кој стои зад компаниите што добиваат државни тендери. Притоа, не се мисли само на директорите и одговорните лица, туку на вистинските сопственици кои се крајни корисници и кои ја контролираат фирмата. Овие информации досега не беа познати, ниту расположливи. Со креирањето на Регистарот на вистински сопственици и со јавното објавување на имињата на вистинските сопственици на фирмите, односно економските оператори кои добиле тендери, односно склучиле договори за јавни набавки ќе се делува превентивно во спречувањето на корупцијата, но исто така ќе може да се откријат и спречат коруптивни зделки во јавните набавки. Се очекува ова да влијае позитивно врз зголемување на конкуренцијата, односно влез и на други фирми во јавните набавки, зголемување на квалитетот на набавките и подобрување на јавните услуги. Истовремено, на овој начин ќе се поддржуваат отчетноста и доброто владеење.

Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации

За спроведување на оваа заложба не е потребен дополнителен буџет бидејќи станува збор за автоматски преземање на постојни информации од ЦРРСМ и нивно објавување на владиниот сајт за јавни набавки, ЕСЈН каде што веќе постои таква техничка можност.

Unaccepted