Манчевски: Обврска на институциите е да ги отворат податоците за новинарите да можат да ја исполнат својата задача и да ги информираат граѓаните

Скопје, 24 јануари 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, учествуваше во дебатата: „Перспективите на истражувачкото новинарство“.

Министерот Манчевски имаше обраќање во панел сесијата на тема: „Дали базите на отворени податоци придонесуваат кон подобрување на истражувачкото новинарство?“, осврнувајќи се на новиот портал за отворени податоци.

„Пред точно еден месец го промовиравме порталот за отворени податоци и денеска можеме да кажеме дека во контиунитет на дневна база се зголемува бројот на објавени податочни сетови и во моментов брои 148 од 42 организации. Овој број секако не е доволен за да кажеме дека сме ја завршиле работата, но тоа нема никогаш ни да се случи. Како институциите создаваат нови податоци, така тие ќе треба да се објавуваат на порталот, со што и неговата употреба ќе се зголемува“, истакна министерот Манчевски, зборувајќи за предизвиците со кои се соочува Владата при менување на културата на работа во сите јавни институции. Функционерите мора да сфатат дека тие информации и тие податоци кои ги имаат институциите им припаѓаат на граѓаните. Како што истакна тој, притисокот од новинарите во овој процес имаат поголем ефект од стратегиите или останатите документи кои ги усвојува Владата.

Во контекст на можностите што отворените податоци ги нудат за подобрување на истражувачкото новинарство, министерот рече:

„Едни од корисниците на порталот секако се и новинарите кои ќе имаат голема придобивка во работата особено во делот на истражувачкото новинарство. Улогата на новинарите во градење на демократските капацитети на една земја, преку процесот на информирање на граѓаните е од суштинско значење. Лесниот пристап до сите податоци кои институциите ги создаваат, преку порталот за отворени податоци ја олеснува нивната работа. Ова понатаму придонесува, граѓаните како крајни корисници да бидат навремено и целосно информирани за сите случувања во државата. За тоа како се трошат нивните пари, кои се цените на земјоделските производи и кои се откупувачи и извозници, увид во катастарски планови, регистри за лекови и лекари, извештаи за проток на патници, сообраќајни незгоди и фактори, самоубиства, финансиски извештаи, потпишани договори за ИПАРД, број на регистрирани возила… и уште многу податоци од кои можат понатаму да се прават дополнителни анализи“.

На национално и на локално ниво, различните државни институции обезбедуваат многу услуги, кои често се игнорирани, потценети или несоодветно претставени. Со зголемување на видливоста и транспарентноста, граѓаните подобро ќе ги разберат и препознаат вредноста и квалитетот на податоците што институциите ги произведуваат.

„Порталот за отворени податоци е жива материја и постојано ќе се зголемува бројот на институции и бројот на податоци. Во тој дел, сакам да потенцирам дека и секој од вас само со едноставна регистрација може да дава забелешки, коментари, и што е најважно може да бара да се објават податоци кои до тогаш нема да се објавени. Тоа значи дека секој граѓанин, секој новинар, може да побара определен податок да биде објавен на порталот. Оваа можност за интеракција овозможува сите да бидат дел од овој процес и заедно да го правиме овој портал алатка од која секој ќе може да има корист“, заклучи министерот Манчевски.

Дебатата е организирана од Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентар.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Mинистерство за информатичко општество и администрација

Напишете коментар