ТРАНСПАРЕНТНИ ИНСТИТУЦИИ, ИНФОРМИРАНИ ГРАЃАНИ

 

Оливер Серафимовски, советник во АСПИ | 03 мај 2022

 

ТРАНСПАРЕНТНИ ИНСТИТУЦИИ, ИНФОРМИРАНИ ГРАЃАНИ

 

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Центарот за граѓански комуникации во петтиот Национален Акциски план за Партнерство за Отворена Власт 2021-2023 година, ја имплементираат заложбата: „Проактивно објавување на информациите од јавен карактер на веб-страниците на институциите“.

Активностите од оваа заложба се однесуваат на т.н. активна транспарентност на институциите што подразбира објавување на информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.

Заложбата треба да им овозможи на граѓаните, фирмите и на сите други заинтересирани групи брз, лесен и континуиран пристап до основните информации за работењето на државните институции.

Со новиот Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер, објавувањето на овие информации на веб-страниците на институциите е задолжително, согласно членот 10, односно 22-те категории информации кои имателите на информации се обврзани да ги објавуваат.

Заложбата вклучува засилени напори од Агенцијата за подобрување на активната транспарентност кај имателите на информации.

Според последниот Индекс на активна транспарентност, министерствата и Владата објавуваат просечно 79%од овие информации, додека општини само 60%. Истото мерење кај јавните претпријатија покажува дека објавуваат 41 % од овие информации.

Од вкупно 1445 регистрирани иматели на информации од јавен карактер до кои беше доставен образец за Годишен извештај за 2021 година, во кој имателите требаа да ги достават линковите согласно членот 10, односно 22-те категории, 322 или 22,28% од имателите ја исполнуваат својата проактивна транспарентност, 934 или 64,63% не се активно транспарентни, додека 78 или 5,39 % се делумно транспарентни

Годишен извештај до Агенцијата доставија 1334, односно 92,32% иматели, а 111 или 7,68% не ја исполнија законската обврска.

Од страна на државните институции, обврската ја исполнија 91 имател, 44 недоставија известување за нивната проактивност, 5 делумно се транспарентни, додека за 6 иматели нема податок од причини што имателите не доставија извештај за нивната имплементација на законската обврска.

Од здравствените институции 5 иматели доставија извештај за оваа обврска, 5 иматели делумно се транспарентни, а 92 иматели не доставија линкови за да се мониторира нивната транспарентност. 8 иматели не доставија извештаи до Агенцијата во законскиот рок.

Кај јавните претпријатија проактивна транспарентност прикажаа 52 иматела, 17 се делумно транспарентни, а 233 иматели не ја испочитуваа оваа обврска во своите извештаи. 23 иматели не доставија годишни извештаи.

Од образовните институции 441 иматели не се проактивно транспарентни, делумно се 33 иматели, а само 67 известуваат за својата транспарентност кон барателите на информации. Службените лица кај 38 иматели не доставија извештаи за имплементација на Законот.

Службените лица кај 52 единици на локалната самоуправа и Центрите за развој на планските региони известуваат за својата проактивна транспарентност, додека 30 иматели не доставија линкови за почитување на членот 10. Делумно транспарентни се 5 иматели, додека 1 имател не достави извештај.

За проактивна транспарентност известуваат само 5 политички партии, 5 се делумно, додека 29 не известија за имплементација на членот 10 од Законот.  Извештај за својата работа по однос на слободниот пристап не доставија 18 иматели.

Службените лица кај 24 иматели од правните и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес известуваат за својата транспарентност, 6 се делумно отчетни, додека 29 не известија за нивната проактивност во работата. 14 иматели не доставија Годишни извештаи.

Судската власт е прокативна кај 26 иматели, 2 иматели се делумно транспарентни, а 36 не прикажуваат податоци за проактивното објавување на информации од јавен карактер. Агенцијата за 3 иматели не може да ја прикаже транспарентноста од причини што истите не доставија извештај во законски предвидениот рок.

Бенефитот од активностите во оваа заложба ќе можат да се видат по завршувањето на Акцискиот план, а со тоа ќе се зголеми достапноста на информациите кои се важни за животот и работењето на луѓето и ќе се намали притисокот за добивање информации преку барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

 

 

 

 

Напишете коментар