Република Северна Македонија направи чекор напред во транспарентноста на буџетот и отворените податоци

Во ноември 2019 година, Владата на Република Северна Македонија, со поддршка на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД), го промовираше порталот „Отворени финансии“ кој ги објавува сите трансакции од државниот буџет. Електронскиот портал, кој е отворен за јавноста, претставува пресвртница во користењето на отворени податоци и буџетска транспарентност во Република Северна Македонија, што дополнително го зајакнува демократскиот развој на земјата.

Во минатото, за да стигнат до податоци за државните трошоци, граѓаните на Република Северна Македонија требаше да поднесат формални барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Пристапот до информациите беше повеќемесечен процес што честопати резултираше со целосно отфрлање на барањата. Министерството за финансии се сметаше за едно од најзатворените министерства во земјата. Редовно ги одбиваше барањата за информации на граѓанските организации и медиумите со што им ја одземаше можноста да служат како контролори на власта, како и нивното право на фискална транспарентност.

Денес, следењето на сите плаќања на институциите кон приватни компании е лесно во Република Северна Македонија и подразбира посета на само една веб-страница. Само со еден клик се проверува дали една компанија е претпочитан добавувач на повеќе јавни субјекти и колку пари заработува од секој од нив.

Иако сè уште демократијата е во развој, со објавувањето на  порталот „Отворени финансии“ Република Северна Македонија стана регионален лидер во буџетската транспарентност. Порталот обезбедува досега невидено ниво на транспарентност на трошењето и распределбата на јавните пари од државната каса – и овие информации ги прави достапни за сите граѓани, новинари и претставници на граѓанското општество.

ИРИ беше клучен партнер во двегодишните напори да се воспостави порталот „Отворени финансии“ – важно достигнување на нашите програми за зајакнување на демократското управување во Република Северна Македонија. Во декември 2017 година, тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски им се обрати на УСАИД и ИРИ за помош во развојот на порталот. Неговата одлука означи крај на долгогодишното молчење на Министерството за финансии и неговото нетранспарентно трошење на јавните пари, што се гледаше и во нискиот ранг на земјата на листата на Индексот на отворен буџет.

ИРИ соработуваше со софтверски инженери и државни службеници од Министерството за финансии за програмирање, дизајнирање и тестирање на порталот. Претставниците на граѓанското општество и новинарите активно беа вклучени во процесот на развивање за да се идентификуваат нивните потреби и да се вклучат во раната фаза на дизајнирање. Тие имаа активна улога и во тестирањето на порталот – осигурувајќи дека тој е развиен на инклузивен и партиципативен начин.

За воспоставување на порталот беа потребни промени во законите, како и да се запазат правата на граѓаните и да се заштитат нивните лични податоци, а истовремено трошењето на институциите да се направи што е можно потранспарентно. За да се усогласат овие две можеби спротивставени цели, парламентот усвои измени и дополнувања на постојната регулатива со кои се дозволува објавување на ваков вид на податоци. ИРИ  помогна во овој процес обезбедувајќи поддршка од  политичари со цел да се забрза усвојувањето на  амандманите.

На настанот за промоција на порталот, Нина Ангеловска, првата жена на чело на Министерството за финансии, ја истакна важноста на порталот во зајакнувањето на демократијата во Република Северна Македонија:

„Транспарентноста е основна алатка на демократијата. Taa ja ограничува манифестацијата на моќ и поттикнува поправедно и поодговорно трошење на буџетските средства, на парите на граѓаните поради стравот од фаќање на нелегална активност.… Можноста со само неколку клика на компјутерот да дознаете какви исплати врши некој министер или директор му ги врзува рацете за злоупотреба на државните пари во која било форма.“

Со порталот „Отворени финансии“, Владата на Република Северна Македонија направи важен чекор за транспарентноста на буџетот и отворените податоци, а неговото влијание стана очигледно за помалку од 24 часа од воспоставувањето. Истражувачките новинари веќе открија дискрециони плаќања што специјалната јавна обвинителка си ги исплатила на себеси, а кои претходно ги прикриваше како класифицирани информации. Ова ветува дека нововоспоставениот надзор треба да придонесе ваквите практики во иднина да не се случуваат. ИРИ е горд што е дел од оваа значајна реформа и ќе продолжи да му помага на Министерството за финансии во подобрувањето на финансиската транспарентност со што јавните функционери ќе бидат отчетни пред граѓаните на Република Северна Македонија.

Извор  

https://www.democracyspeaks.org/blog/north-macedonia-takes-step-forward-open-data-and-budget-transparency

Напишете коментар