Одржана четврта седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година

Скопје, 20 април 2023

На 20 април 2023 се одржа четвртата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година. На седницата беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања за функционирањето на Советот, како номинација и избор на ко-претседател на советот од редот на граѓанските организации, разгледување на Извештајот за само-оценка за статусот на имплементација на национален акциски план за Партнерство за отворена власт (2021-2023 година), за периодот октомври 2021 – октомври 2022 година и активности во пресрет на новиот циклус на ко-креирање на шестиот акциски план за ПОВ.

На седницата активно учество земаа 11 членови и 4 заменици членови на Советот (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации) и преставник од Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт. Гордана Гапиќ Димитровска, национален координатор на Република Северна Македонија за ПОВ имаше улога на организатор и претседавач на оваа седница.

Пред пристапување на дневниот ред за работа, на седницата на Советот се обрати министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу кој ја поздрави работата на Советот и ја потенцираше врската на активностите кои се спроведуваат во рамките на министерството со концептот на отворена власт. Министерот упати на придобивките од отворена и инклузивна соработка и посочи дека во наредниот период и во процесот на ко-креирање на новиот план да се имаат во предвид потребите и активностите во делот на дигиталната трансформација, промоцијата на електронските услуги за граѓаните и администрацијата, обезбедувањето на едношалтерски систем за сите граѓани, сајбер безбедноста и медиумите.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

По усвојувањето на предлог-дневниот ред и усвојувањето на записникот од третата седница на Советот одржана на 7.10.2022, членовите на Советот го разгледаа и усвоија Извештајот за само-оценка за статусот на имплементација на национален акциски план за Партнерство за отворена власт (2021-2023 година), за периодот октомври 2021 – октомври 2022 година. Во однос на активностите во пресрет на новиот циклус на ко-креирање на шестиот акциски план за ПОВ, врз основа на дискусијата а темелено на претходните искуства, Советот формираше работна група во состав: Маја Петковска Лесес – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија; Герман Филков – Центар за граѓански комуникации; Марија Саздевски Вангеловски – Меѓународен републикански институт; Лилјана Јоноски – Рурална Коалиција и Данче Даниловска Бајдевска – Мрежа на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, која има за задача да изврши увид и ажурирање на сетот документи кои се однесуваат на постапката за спроведување на консултации, утврдување на приоритети и критериуми за оценка на заложби како и да дефинира предлог временска рамка за подготовка на новиот акциски план. Резултатите од работната група ќе бидат разгледани на тематска седница на Советот посветена на новиот акциски план.

Членовите на Советот, по пат на електронско гласање извршија избор на ко-претседател на Советот од членовите кои ги претставуваат граѓанските организации. Од номинираните двајца претставници од граѓанските организации, Советот го изгласа Дарко Антиќ од Здружението за еманципација, еднаквост и солидарност на жените.

Членовите на Советот беа информирани за престојната OGP GOV недела која ќе се одржи од 8 до 12 мај 2023 година и се заложија заедно со Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, да организираат и спроведат настан на кој ќе бидат преставени нашите достигнувања, предизвици и следни чекори во процесот на ПОВ.

 

* * *

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.

 

Напишете коментар