ОСНОВАН СОВЕТОТ ЗА ОТВОРЕНО СУДСТВО И ПОТПИШАНА ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОТВОРЕНО СУДСТВО

На 30 март, 2022 година во просториите на Врховниот суд на Република Северна Македонија беше основан Советот за отворено судство. Во рамки на настанот беше потпишана и Декларацијата за Отворено судство, од страна на членовите на Советот на отворено судство.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Советот за Отворено судство претставува тело во кое членуваат по еден претставник од сите судски инстанци и претставници на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители како и претставници од шест здруженија на граѓани.

Декларацијата за Отворено судство како дел од програмата Партнерство за отворена власт претставува заложба која има за цел да придонесе кон зголемено граѓанско учество и зголемен пристап од страна на граѓаните во однос на работата на судството во Република Северна Македонија.

 

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во своето обраќање истакна дека отвореното судство е клучно за зголемување на позитивната перцепција, а со тоа и за зголемена доверба на граѓаните во однос на работата на судовите.

„Врховниот суд на РСМ како носител на судската власт ја има и должноста да обезбеди воедначена примена на законите што е предуслов за еднаква правда за сите граѓани заснована на воспоставена судска практика со што ќе се почитува начелото на правна сигурност, но во исто време ќе се обезбеди и отвореност на податоците и работата на судовите како институции кои се надлежни за правораздавање“, нагласи Адеми.

 

На денешниот настан обраќање имаше и програмскиот раководител од Центарот за правни истражувања и анализи, г-дин Жарко Хаџи–Зафиров, кој истакна дека Советот за отворено судство има за цел ја зајакне транспарентноста и отвореноста на судството, но и да даде придонес во кохабитацијата на трите власти, законодавна, извршна и судска.

 

Исто така, на настанот се обрати и г-дин Paul Maassen, претставник од Партнерството за отворена власт, кој посочи дека основањето на Советот е во духот на партнерството за отворена власт и претставува пример за отвореноста на судскиот систем кон граѓаните и кон граѓанскиот сектор.

 

Напишете коментар