Одржана втора седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година

Скопје, 5 јуни2024

На 5 јуни 2024 година се одржа втората седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година. На седницата беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања за функционирањето на Советот, како усвојување на Деловникот за работа на Советот и избор на ко-претседатели на Советот. Членовите на Советот беа информирани за тековните состојби за Партнерството за отворена власт (ПОВ) на национално и глобално ниво.

На седницата активно учество земаа 14 членови и  1 заменик член на Советот – претставник на органите на државната власт. Гордана Гапиќ Димитровска, национален координатор за ПОВ на Република Северна Македонија имаше улога на организатор и претседавач на оваа седница.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред и усвојувањето на записникот од Конститутивната седница на Советот одржана на 17.05.2024 година, членовите на Советот го разгледаа и усвоија и Деловникот за работа на Советот.

Членовите на Советот во текот на седницата ги избраа и двајцата ко-претседатели на Советот – еден од членовите кои ги претставуваат органите на државната власт и еден од членовите кои ги претставуваат граѓанските организации. Од номинираните претставници од институциите и од граѓанските организации, Советот едногласно ги изгласа своите ко-претседатели: Гордана Гапиќ Димитровска од Министерство за информатичко општество и администрација и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

* * *

Советот за  координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026  е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16  члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени шест национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.