Азир Алиу: Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, денеска говори на конференцијата „ Партнерство за отворена власт – дијалог за Националниот акциски план  2024-2026“, која што се одржа во свечена сала на Влада на Република Северна Македонија.

Министерот Алиу посочи дека Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада.

“ Република Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во оваа иницијативата во 2011 година досега, преку пет акциски планови, посветено се следеше потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија.

Отворените финансии и достапноста на информациите за плаќањата на државните институции кон фирми, други институции и физички лица; Граѓанскиот буџет; зголемувањето на рокот за консултација на предлог законите на ЕНЕР; достапноста на повеќе од 300 податочни сетови на порталот за отворени податоци; пристапот до правда, воспоставувањето на регистарот за вистински сопственици, се само дел од постигнатите резултати. Со отворањето и ставање на располагање на нашите ресурси на јавноста, успеавме да го унапредиме дијалогот, иновациите и употребата на технологијата што го прават животот на нашите граѓани подобар и полесен.” , посочи министерот Алиу.

Министерот Алиу додаде дека МИОА е надлежно министерство за ова иницијатива и дека во месец јули отпочнаа активностите за подготовка за шестиот Акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година

“ Министерството за информатичко општество и администрација е надлежно министерство за координација на оваа иницијатива, која во срцето на своето делување ја промовира и поттикнува идејата за транспарентност на Владата, учество на јавноста во процесите на креирање на јавните политики и отчетност на Владата за испорачаните услуги.

Оваа година е особено значајна за нас.  Во јули месец во слична атмосфера официјално отпочнаа активностите за подготовка за шестиот Акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година. Во изминатите месеци во веќе препознатливиот динамичен и инклузивен процес се подготвуваа придонесите за  шестиот акциски план  и тоа со вклученост на околу стотина претставници од граѓанскиот и јавниот сектор, Советот и Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт.”, заклучи министерот Азир Алиу.

Одржана осма седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година

На 19 декември 2023 година се одржа осмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година.

На седницата активно учество земаа 9 членови и 2 заменици членови на Советот (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации). Гордана Гапиќ Димитровска, ко-претседател на Советот од членовите кои ги претставуваат институциите имаше улога на претседавач на оваа седница.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред, беше презентиран Нацрт Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година. Координаторите на работните групи Герман Филков, Дарко Антиќ и Марија Саздевски пред членовите на Советот за ПОВ ги преставија нацрт заложбите подготвени во процесот на ко-креирање. Во оваа фаза на подготовка на акцискиот план беа подготвени вкупно 18 заложби кои се однесуваат на партиципативно донесување на одлуки и граѓанско учество, борбата против корупцијата, правното зајакнување и пристапот до правда, развојот и користење на дигитални технологии и унапредување на активностите за климатските промени. Членовите на Советот за ПОВ имаа можност врз основа на претходно утврдена постапка и согласно Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста на заложбите од процесот на  ко-креирање на акциски план за Партнерство за отворена власт со начелата на Партнерство за отворена власт да дадат своја оценка поединечно за секоја заложба.

На седницата беше одлучено нацрт Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година да биде јавно објавен на веб страницата на Министерството за информатичко општество и администрација, порталот за ПОВ и ЕНЕР, се со цел да се даде можност пошироката јавност да се информира и да даде свој придонес во вид на мислење и коментари.

 

* * *

 

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

 

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

 

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.