Прв состанок на работната група „Унапредување на активностите за климатските промени“ за ко-креација на шестиот АП за ПОВ 2024 – 2026 година

На 12.07.2023 година се одржа првиот состанок во рамките на работната група за унапредување на активностите за климатските промени, како еден од утврдените приоритети за ко-креирање на шестиот по ред Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година.

На состанокот беше објаснет процесот на ко-креација на НАП за ПОВ 2024-2026, начинот на креирање на заложби, беше посочена и страницата за ПОВ каде што претставниците на граѓанските организации може да добијат подетални информации за креирањето на ваквите планови и за процесите на зголемување на отвореноста и транспарентноста на властите, а беше презентирана и временската рамка во која што треба да се реализира овој процес.

Учесниците во работната група ги споделија нивното искуство и познавања на темата како и проблемите и предизвиците со кои што се соочува секторот животна средина и климатски промени идентификувани од страна на претставниците на граѓанските организации. Средбата и процесот на ко-креација се фацилитирани од Лилјана Јоноски, Рурална Коалиција.

 

Прв состанок на работната група “Партиципативно донесување на одлуки и граѓанско учество” за ко-креација на шестиот АП за ПОВ 2024 – 2026 година

На 11 јули 2023 година од 11:30 до 13:00 часот се одржа првата средба на работната група која во наредниот период ќе работи на развивање на заложби/мерки за унапредување на партиципативноста во донесувањето на одлуки и граѓанско учество кои би биле дел од шестиот АП за ПОВ 2024 – 2026 година. Средбата имаше за цел информирање на членовите на групата за временската рамка на процесот на ко-креација, начинот на работа на групата, запознавање со материјалите кои ќе се користат, критериумите по кои ќе се селектираат предлог заложбите, итн. Дополнително, на средбата беше дискутирано за идентификувани проблеми преку работата на присутните кон чие надминување треба да се насочат мерките од шестиот АП. Средбата и процесот на ко-креација се фацилитирани од Дарко Антиќ, Здружение ЕСЕ.

 

 

Прв состанок на работната група “Правно зајакнување и пристапот до правда” за ко-креација на шестиот АП за ПОВ 2024 – 2026 година

На 11 јули 2023 година од 13:00 до 14:30 часот се одржа првата средба на работната група која во наредниот период ќе работи на развивање на заложби/мерки за правно зајакнување и пристапот до правда кои би биле дел од шестиот АП за ПОВ 2024 – 2026 година. Средбата имаше за цел информирање на членовите на групата за временската рамка на процесот на ко-креација, начинот на работа на групата, запознавање со материјалите кои ќе се користат, критериумите по кои ќе се селектираат предлог заложбите, итн. Дополнително, на средбата беше дискутирано за идентификувани проблеми преку работата на присутните кон чие надминување треба да се насочат мерките од шестиот АП. Средбата и процесот на ко-креација се фацилитирани од Стојан Мишев, Здружение ЕСЕ.

 

Одржан Јавен настан „Партнерство за отворена власт – Дијалог за Националниот акциски план 2024-2026“

 

Скопје, 7 јули 2023 година

Денес во организација на Министерството за информатичко општество и администрација се одржа Јавен настан „Партнерство за отворена власт – Дијалог за Националниот акциски план 2024-2026“. Со јавниот настан се одбележа официјалното отпочнување на новиот процес на ко-создавање на шестиот по ред Национален акциски план за партнертво за отворена власт 2024-2026.

Јавниот настан се одржа како дел од утврдените активности во Постапката за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот „Партнерство за отворена власт” од страна на Советот за партнерство за отворена власт.

На овој настан свое обраќање имаа: Министерот за информатичко општество и администрација – Др. Азир Алиу; Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија – Беса Адеми и Заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија- Бојан Василевски.

Министерот за информатичко општество и администрација Др. Азир Алиу се осврна на придобивките кои произлегуваат од Партнерството за отворена власт:  „Оваа иницијатива ни  овозможува меѓусебно да се информираме, да разговараме и да изградиме нови коалиции, да предложиме нови алатки се со цел да се унапреди соработката и ангажираноста меѓу јавните институции и граѓаните, на начин што администрацијата и јавните институции ќе бидат  поотворени за нови иницијативи за секој чинител кој би сакал да придонесе со иновација со која би се подобриле  перформансите од работењето и би се овозможило разбирање на постапките на оние кои добиле мандат од народот да донесуваат одлуки“, истакна министерот.

Тој потенцираше дека целта на денешниот настан е да ја промовира иницијативата Партнерство за отворена власт и да се отпочне со отворена дебата и разработка на предизвиците во областите на борба против корупција, развој и користење на дигитални технологии, климатските промени, правно зајакнување и пристапот до правда, партиципативно донесување на одлуки и граѓанско учество, Отворено Судство и Отворен Парламент. На самиот крај порача ,,како и досега, така и во наредниот период, Партнерството за отворенa власт нека биде поттик и инспирација во партнерски однос со сите чинители во општеството да се идентификуваат, пресретнуваат и надминуваат современите но и непредвидливите предизвици,,.

Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија Беса Адеми во своето обраќање упати дека Врховниот суд на Република Северна Македонија беше првата институција во правосудството која изрази спремност, ја препозна и прифати понудената иницијатива за Партнерство за отворена власт, согледувајќи ја потребата за обезбедување на рамнотежа помеѓу трите власти со цел обезбедување и достапност на информациите до граѓаните во постигнување на ефикасна и ефективна правда. Поддршката на Врховниот суд и посветеноста на Советот за отворено судство со конзистентна соработка во креирање на новите приоритети и заложби во рамките на процесот на Партнерство на отворена власт е неопходна за обезбедување на уставната темелна вредност, а тоа е владеењето на правото. ,,Сметам дека Отвореното судство како дел од Партнерството за отворена власт ќе послужи како механизам за подобрување на статусот на судството утврден во Уставот и законите, во обезбедување на услови за целосно почитување на начелото за независност во сите облици, институционална, функционална и финансиска и ќе претставува основа за целосна отвореност на судовите кое е клучно за зголемување на позитивното мислење на граѓаните,, истакна Претседателот на Врховниот суд.

 Заменик генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија Бојан Василевски, во своето обраќање истакна дека Собранието ја препознава важноста на отвореноста и транспарентноста на законодавната власт. Парламентарните информации и припаѓаат на јавноста и разбирањето на законодавниот дом е да обезбеди отвореност на податоци, на проактивен начин, во дигитален формат колку што е тоа возможно. „Ние сме едни од првите парламенти што развија сопствен акциски план во 2018 година, со искуството што го имаме, Собранието планира во следниот период уште поабициозен, но и конкретен акциски план, со видливи и достапни резултати, информации и алатки.„

Работниот дел од јавниот настан продолжи со сесии на кои панелистите преку своите обраќања обезбедија детален осврт на придобивките и идните активности на Партнерството за отворена власт во Република Северна Македонија.

На сесијата ,,Кои се придобивките од процесот на ПОВ и зошто е важна вклученоста во овој процес?,, свое обраќање имаа: Гордана Гапиќ Димитровска  Национална координаторка за Партнерство за отворена власт, Министерство за информатичко општество и администрација; Златко Атанасов Парламентарен институт Собрание на РСМ – Отворен парламент, Жарко Хаџи-Зафиров Центар за правни истражувања и анализа-Oтворено судство и Данче Даниловска Бајдевска Фондација Метаморфозис, Мрежа на граѓански организации за ПОВ, кои се осврнаа на придобивките од процесот на Партнерство за отворена власт и важноста на вклучување на сите заинтересирани страни во овој процес, вклученоста, улогата, формирањето и структурата на Советот за ПОВ и Мрежата на граѓански организации за ПОВ.

На втората сесија ,,Кои се чекорите за подготовка на АП за ПОВ 2024-2026 и на кои приоритетни области ќе се работи?,, свое обраќање имаа: Дарко Антиќ  Ко-претседател на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт 2021-2023 година и Сандра Пернар Висока регионална координаторка за Европа од Партнерство за отворена власт кои се осврнаа на постапката за ко-креација на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 која обезбедува систематизиран начин на работење кој ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-реирање на новиот  акциски план како и на  препораките и насоките од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт.

Во завршниот дел од настанот Гордана Гапиќ Димитровска- Национална координаторка за Партнерство за отворена власт, Министерство за информатичко општество и администрација се осврна на идните активности на иницијативата ПОВ во РСМ, со фокус на временската рамка со активности за ко-креирање на Националниот акциски план 2024-2026, поттикнувајќи ја вклученоста на сите засегнати страни во овој процес.

Исто така, на настанот присутните се согласија дека истиот треба да се препознае како место на кое претставниците на јавните институции и невладиниот сектор ќе имаат можност да ги идентификуваат идните предизвици кои со заеднички напори ќе бидат пресретнати и утврдени во новиот план кој се очекува да биде финализиран на крајот на оваа година.

Галерија слики од настанот: на овој линк.

 

ТРАНСПАРЕНТНИ ИНСТИТУЦИИ, ИНФОРМИРАНИ ГРАЃАНИ

Оливер Серафимовски, советник во АСПИ | јули 2023 

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Центарот за граѓански комуникации во петтиот Национален Акциски план за Партнерство за Отворена Власт 2021-2023 година, ја имплементираа заложбата: „Проактивно објавување на информациите од јавен карактер на веб-страниците на институциите“.

Активностите од оваа заложба се однесуваат на т.н. активна транспарентност на институциите што подразбира објавување на информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.

Заложбата придонесува да им овозможи на граѓаните, фирмите и на сите други заинтересирани групи брз, лесен и континуиран пристап до основните информации за работењето на државните институции.

Со новиот Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер, објавувањето на овие информации на веб-страниците на институциите е задолжително, согласно членот 10, односно 22-те категории информации кои имателите на информации се обврзани да ги објавуваат.

Заложбата вклучува засилени напори од Агенцијата за подобрување на активната транспарентност кај имателите на информации. Во изминатиов две годишен период Агенцијата изготви Прирачник за проактивно објавување на информации, Насоки за проактивна транспарентност, Насоки за проактивно објавување на информации од јавен карактер за функционери или раководни лица и Методологија за спроведување на мониторинг за проактивно објавување на информации од јавен карактер со што на имателите на информации им го олесни проактивното објавување на информациите од јавен карактер на нивните веб страници. Исто така, изготви и Извештаи од мониторинг на државни институции  и судската власт за 2022 година, како и Извештаи од мониторинг на јавните претпријатија и установи под надлежност на општините,  на Општините, ЗЕЛС и Центрите за развој на планските региони и државните институции за 2021 година.

Според последниот Индекс на активна транспарентност, министерствата и Владата објавуваат просечно 85% од овие информации, додека општини 70%. Истото мерење кај јавните претпријатија покажува дека објавуваат само 48% од овие информации.

Од вкупно 1449 иматели регистрирани како иматели на информации од јавен карактер до кои беше доставен образец за Годишен извештај за 2022 година, во кој имателите требаа да ги достават линковите согласно членот 10, односно 22-те категории, 334 или 23,05% од имателите ја исполнуваат својата проактивна транспарентност, 966 или 66.67% не се активно транспарентни, додека 104 или 7.18% се делумно транспарентни

Годишен извештај до Агенцијата доставија 1404, односно 96,86% иматели, а 45 или 3,11% не ја исполнија законската обврска.

Од страна на државните институции, обврската ја исполнија 119 имател, 17 недоставија известување за нивната проактивност, 7 делумно се транспарентни, додека за 3 иматели нема податок од причини што имателите не доставија извештај за нивната имплементација на законската обврска.

Од здравствените институции 7 иматели доставија извештај за оваа обврска, 8 иматели делумно се транспарентни, а 92 иматели не доставија линкови за да се мониторира нивната транспарентност. 3 иматели не доставија извештаи до Агенцијата во законскиот рок.

Кај јавните претпријатија проактивна транспарентност прикажаа 47 иматела, 31 се делумно транспарентни, а 238 иматели не ја испочитуваа оваа обврска во своите извештаи. 9 иматели не доставија годишни извештаи.

Од образовните институции 484 иматели не се проактивно транспарентни, делумно се 37 иматели, а само 46 известуваат за својата транспарентност кон барателите на информации. Службените лица кај 15 иматели не доставија извештаи за имплементација на Законот.

Службените лица кај 60 единици на локалната самоуправа и Центрите за развој на планските региони известуваат за својата проактивна транспарентност, додека 23 иматели не доставија линкови за почитување на членот 10. Делумно транспарентни се 5 иматели.

За проактивна транспарентност известуваат само 6 политички партии, 4 се делумно, додека 35 не известија за имплементација на членот 10 од Законот.  Извештај за својата работа по однос на слободниот пристап не доставија 12 иматели.

Службените лица кај 24 иматели од правните и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес известуваат за својата транспарентност, 9 се делумно отчетни, додека 39 не известија за нивната проактивност во работата. 2 имателa не доставија Годишни извештаи.

Судската власт е прокативна кај 25 иматели, 3 иматели се делумно транспарентни, а 38 не прикажуваат податоци за проактивното објавување на информации од јавен карактер. Агенцијата за 1 имател не може да ја прикаже транспарентноста од причини што истите не доставија извештај во законски предвидениот рок.

Во двегодишниот период на имплементација на Акцискиот план имателите на информации од јавен карактер, во однос на државните институции и Општините во РСМ, ја зголемија својата транспарентност и достапноста до информациите од јавен карактер кои се важни за животот и работењето на луѓето и се намали притисокот за добивање информации преку барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер (во извештајната 2022 година до овие иматели се поднесени 2.458 барања, што е за 160 барања помалку во однос на претходниот извештаен период).