Трета седница на Советот за Отворено судство

Советот за Отворено судство денеска во Врховниот суд на Република Северна Македонија ја одржа третата седница.

На денешната седница беа назначени членови на Секретаријатот на Советот за Отворено судство и беше презентирана новата динамика за спроведување на Акцискиот план за Отворено судство 2021-2023 година.

 На почетокот на седницата беа поздравени позитивните оценки на Европската унија за работата на Советот и неговите заложби за унапредување на транспарентноста на судството.

 Претседателката Беса Адеми истакна дека ваквите оценки на Европската комисија се големо охрабрување за работата на Советот и претставува дополнителен мотив за остварување на неговите цели.

 Жарко Хаџи Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи како копретседател на Советот, говореше за начинот и интензитетот на спроведувањето на Акцискиот план и за активностите на Советот кои треба да ги реализира во следниот период.

 

 Во таа насока, на денешната седница се разменија повеќе мислења и предлози за спроведувањето на Акцискиот план во контекст на презентираната динамика и усогласеноста со Акцискиот план за Отворено владино партнерство.

 

Одржана Работилница за градење капацитети на новите членови и заменици на членови на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023  

 

На 7 октомври 2022 се спроведе Работилница за градење капацитети на новите членови и заменици на членови на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023.

Во текот на работилницата членовите и заменици-членови на Советот за ПОВ поблиску се запознаа со суштината и принципите на Партнерството за отворена власт, досегашните постигнувања во рамките на Партнерството, како и идните предизвици, процесот на креирање на Националните акциски планови за Партнерство за отворена власт, спроведувањето, следењето на реализацијата, индикаторите за остварување и известувањето од следењето.

Работилницата се спроведе во рамките на проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023“, поддржан од Секретаријатот на ПОВ, спроведуван од Фондација Отворено општество – Македонија во партнерство со Центар за граѓански комуникации и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во соработка со Министерство за информатичко општество и администрација.

 

Одржана трета седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година

Скопје, 7 октомври 2022

На 7 октомври 2022 се одржа третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година. На седницата беа разгледани и  дискутирани имплементацијата на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и тековните активности од проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“.

На седницата активно учество земаа 11 членови и 6 заменици членови на Советот,  претставници на органите на државната власт и граѓанските организации. Ивона Сталевска од Фондацијата Отворено општество – Македонија, ко-претседател на Советот за ПОВ имаше улога на претседавач на оваа седница.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред и усвојувањето на записникот од втората седница на  Советот одржана на 29.04.2022, членовите на Советот беа детално информирани во однос на активностите и предизвиците во текот на имплементацијата на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 со поединечен осврт на Отворена влада, Отворен парламент и Отворено судство и тековните активности од проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“ и процесот на подготовка на Извештајот за само-оценка со статусот на имплементација на Национален акциски план за Партнерство за отворена власт (2021-2023 година), за периодот октомври 2021 – октомври 2022 година. Во однос на активностите од проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“, членовите на Советот беа информирани дека преку проектот се спроведени низа на активности кои се однесуваат на градење на капацитетите на членките на Мрежата на граѓански организации кои работат на ПОВ, вклучување на ГО во процесот на следење на имплементацијата и оценување на постигнувањата од спроведувањето на АП, како и градење на систем кој на МИОА и Советот ќе му дадат информации за степенот на спроведување на планот и клучните предизвици.

По завршување на работниот дел од третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година беше спроведена Работилница за градење капацитети на новите членови и заменици на членови на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023.

 

Советот за  координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023  е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16  члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена  власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација .