Одржана Конференцијата на високо ниво за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023

[Скопје, 23 февруари 2022] Денес во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Центарот за граѓански комуникации и Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, се одржа Конференција на високо ниво за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023. Со конференцијата беше одбележана и 10-годишнината од приклучувањето на Северна Македонија во меѓународната иницијатива Партнерство за отворена власт.

Конференцијата се одржа како дел од активностите на проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“, кој е финансиран од Секретаријатот на Партнерството за отворена власт.

На конференцијата свое обраќање имаа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски; Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити; Главниот извршен директор на Партнерство за отворена власт Санџај Прадхан; и Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска.

Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити се осврна на придобивките кои произлегуваат од концептот на ПОВ (Партнерство за отворена власт): „Отворените финансии и достапноста на информациите за плаќањата на државните институции кон фирми, други институции и физички лица; Граѓанскиот буџет; зголемувањето на рокот за консултација на предлог законите на ЕНЕР; достапноста на повеќе од 300 податочни сетови на порталот за отворени податоци; воспоставувањето на регистарот за вистински сопственици се само дел од постигнатите резултати. Дополнително, иновативните алатки кои преку оваа иницијатива овозможија поголема транспарентност и отчетност на општините во земјава, минатата година беа прогласени за едни од глобалните победници на Самитот за Партнерство за отворена власт кој се одржа во Сеул, Република Кореја“, истакна министерот.

Тој потенцираше дека со отворањето и ставањето на располагање на нашите ресурси на јавноста, успеавме да го унапредиме дијалогот, иновациите и употребата на технологијата што го прават животот на нашите граѓани подобар и полесен.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека Владата во тесна и продуктивна соработка со граѓанскиот и бизнис секторот останува максимално посветена на имплементација на принципите за отворена власт. „Таа вклученост на сите засегнати страни како партнери и како контролни механизми, ја направија оваа Влада потранспарентна и поодговорна. Процесот создаде основа за партиципација, за ефикасно управување со јавните ресурси, за градење на систем на интегритет, и за создавање на средина за пристап до информации и отворени податоци.“, потенцираше тој. Исто така, истакна дека овој концепт во Северна Македонија го прифатија и сега веќе го практикуваат и општините, и Собранието, како и судската власт, што претставува Владин сеопфатен придонес во владеењето на правото.

Главниот извршен директор на Партнерство за отворена власт, Санџај Прадхан, во своето видео обраќање се заблагодари на реформаторите и лидерите на отворена власт од Северна Македонија за активното, динамично и посветено учество во Партнерство за отворена власт. „Партнерство за отворена власт остварува три цели; Прво, ја зголемува довербата на граѓаните, второ ја зајакнува сигурноста на инвеститорите, и трето, ја унапредува агендата за пристапување во ЕУ.“, заклучи тој.

Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, во своето обраќање истакна дека Фондацијата секогаш е насочена кон унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество и затоа од особено значење е вклучувањето на граѓанските организации во сите процеси на креирање на јавните политики. „Затоа Фондацијата го иницираше процесот за воспоставување Мрежа на граѓански организации за Партнерство за отворена власт и за воспоставување национален Совет за Партнерство за отворена власт.“, рече Каранфилова-Пановска.

Работниот дел од конференцијата продолжи со сесии на кои панелистите преку своите обраќања обезбедија детален осврт на процесот на ко-креација на Националниот акциски план и придобивките и идните активности на Партнерството за отворена власт во Република Северна Македонија.

На панелот ,,Кои се придобивките од процесот на ПОВ и зошто е важна вклученоста во овој процес?,, свое обраќање имаа: Гордана Гапиќ Димитровска,  Национална координаторка за Партнерство за отворена власт,  Министерство за информатичко општество и администрација; Ели Чакар, Министерство за локална самоуправа; Ивона Сталевска, Фондација Отворено Општество – Македонија и Герман Филков, Центар за граѓански комуникации, кои се осврнаа на придобивките од процесот на Партнерство за отворена власт и важноста на вклучување на сите заинтересирани страни во овој процес со акцент на 10 години Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија, вклученоста, улогата, формирањето и структурата на Советот за ПОВ, Мрежа на граѓански организации со приказ на успешни иницијативи од ПОВ – Отворен трезор.

На вториот панел ,,Како ги утврдивме приоритетните области при ко-креација на НАП за ПОВ 2021 – 2023 за спроведување и следење на заложбите,, свое обраќање имаа: Маја Петковска Лесес, Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија; Ивона Сталевска,  Фондација Отворено Општество – Македонија;  Миша Поповиќ, Институт за Демократија/ИДСЦС; Златко Атанасов, Парламентарен институт Собрание на РСМ – Отворен парламент; Жарко Хаџи-Зафиров, Центар за правни истражувања и анализа – Отворено судство и Ирина Поцкова, Граѓанска иницијатива на жени, општина Св. Николе – ПОВ на Локално ниво кои се осврнаа на ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 (НАП за ПОВ 2021-2023) и на искуствата од создавањето на вториот акциски план Отворен парламент и проширувањето на оваа иницијатива со креирање на заложби за Отворено судство и посебен Акциски план на локално ниво за Општина Св. Николе.

На завршниот панел Сандра Пернар, Висока регионална координаторка за Европа од Партнерство за отворена власт  и Гордана Гапиќ Димитровска,  Национална координаторка за  Отворено владино партнерство,  Министерство за информатичко општество и администрација се осврнаа на идните активности на иницијативата ПОВ во РСМ, формирањето на Советот за ПОВ 2021-2023, можностите за поддршка на Секретаријатот за ПОВ во спроведувањето на НАП како и претстојните меѓународни активности како што е Отворената недела на ПОВ планирана за месец мај 2022 година.

Исто така, на конференцијата присутните се согласија дека со посветена работа на иницијативата за Партнерство за отворена власт и употребата на технологијата за унапредување на отвореноста на институциите се влијае врз подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Конференцијата на Високо ниво за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и одбележувањето на десет години Партнерство за отворена власт во Северна Македонија

Ни претставува задоволство да Ве поканиме во име на Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), Фондацијата Отворено oпштество – Македонија (ФООМ), Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), кои партнерски го спроведуваат проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“, да присуствувате на Конференцијата на Високо ниво за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и одбележувањето на десет години Партнерство за отворена власт во Северна Македонија.

Конференцијата ќе се одржи на 23 февруари (среда) 2022 година, со почеток во 10.30 часот во х. Александар Палас – Скопје.

На Конференцијата присутните ќе се осврнат на придобивките од процесот на Партнерство за отворена власт и важноста на вклучување на сите заинтересирани страни во овој процес; ќе дадат преглед на процесот во кој беа утврдени приоритетните области при ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 (НАП за ПОВ 2021-2023); ќе ги споделат плановите за спроведување и следење на заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и секако ќе се осврнат на одбележување на десетгодишнината на процесот на Партнерство за отворена власт во Северна Македонија. Се надеваме дека на Конференцијата ќе биде поттикната и дебата и соработка меѓу сите заинтересирани страни кои се вклучени во процесот на ко-креирање, спроведување и следење на НАП за ПОВ 2021-2023.

Работен јазик на конференцијата е македонскиот јазик, а ќе биде обезбеден симултан превод на албански и англиски јазик и обратно. На конференцијата која ја организираме во живо ќе бидат запазени сите ковид протоколи. Потребно е присутните при регистрацијата да приложат сертификат за завршена вакцинација.

 

Програма за работа на конференцијата.

Ве замолуваме Вашето присуство да го регистрирате на следниов линк https://forms.office.com/r/PAQ2JasK7t