ТРАНСПАРЕНТНИ ИНСТИТУЦИИ, ИНФОРМИРАНИ ГРАЃАНИ

Оливер Серафимовски, советник во АСПИ | јули 2023 

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Центарот за граѓански комуникации во петтиот Национален Акциски план за Партнерство за Отворена Власт 2021-2023 година, ја имплементираа заложбата: „Проактивно објавување на информациите од јавен карактер на веб-страниците на институциите“.

Активностите од оваа заложба се однесуваат на т.н. активна транспарентност на институциите што подразбира објавување на информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.

Заложбата придонесува да им овозможи на граѓаните, фирмите и на сите други заинтересирани групи брз, лесен и континуиран пристап до основните информации за работењето на државните институции.

Со новиот Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер, објавувањето на овие информации на веб-страниците на институциите е задолжително, согласно членот 10, односно 22-те категории информации кои имателите на информации се обврзани да ги објавуваат.

Заложбата вклучува засилени напори од Агенцијата за подобрување на активната транспарентност кај имателите на информации. Во изминатиов две годишен период Агенцијата изготви Прирачник за проактивно објавување на информации, Насоки за проактивна транспарентност, Насоки за проактивно објавување на информации од јавен карактер за функционери или раководни лица и Методологија за спроведување на мониторинг за проактивно објавување на информации од јавен карактер со што на имателите на информации им го олесни проактивното објавување на информациите од јавен карактер на нивните веб страници. Исто така, изготви и Извештаи од мониторинг на државни институции  и судската власт за 2022 година, како и Извештаи од мониторинг на јавните претпријатија и установи под надлежност на општините,  на Општините, ЗЕЛС и Центрите за развој на планските региони и државните институции за 2021 година.

Според последниот Индекс на активна транспарентност, министерствата и Владата објавуваат просечно 85% од овие информации, додека општини 70%. Истото мерење кај јавните претпријатија покажува дека објавуваат само 48% од овие информации.

Од вкупно 1449 иматели регистрирани како иматели на информации од јавен карактер до кои беше доставен образец за Годишен извештај за 2022 година, во кој имателите требаа да ги достават линковите согласно членот 10, односно 22-те категории, 334 или 23,05% од имателите ја исполнуваат својата проактивна транспарентност, 966 или 66.67% не се активно транспарентни, додека 104 или 7.18% се делумно транспарентни

Годишен извештај до Агенцијата доставија 1404, односно 96,86% иматели, а 45 или 3,11% не ја исполнија законската обврска.

Од страна на државните институции, обврската ја исполнија 119 имател, 17 недоставија известување за нивната проактивност, 7 делумно се транспарентни, додека за 3 иматели нема податок од причини што имателите не доставија извештај за нивната имплементација на законската обврска.

Од здравствените институции 7 иматели доставија извештај за оваа обврска, 8 иматели делумно се транспарентни, а 92 иматели не доставија линкови за да се мониторира нивната транспарентност. 3 иматели не доставија извештаи до Агенцијата во законскиот рок.

Кај јавните претпријатија проактивна транспарентност прикажаа 47 иматела, 31 се делумно транспарентни, а 238 иматели не ја испочитуваа оваа обврска во своите извештаи. 9 иматели не доставија годишни извештаи.

Од образовните институции 484 иматели не се проактивно транспарентни, делумно се 37 иматели, а само 46 известуваат за својата транспарентност кон барателите на информации. Службените лица кај 15 иматели не доставија извештаи за имплементација на Законот.

Службените лица кај 60 единици на локалната самоуправа и Центрите за развој на планските региони известуваат за својата проактивна транспарентност, додека 23 иматели не доставија линкови за почитување на членот 10. Делумно транспарентни се 5 иматели.

За проактивна транспарентност известуваат само 6 политички партии, 4 се делумно, додека 35 не известија за имплементација на членот 10 од Законот.  Извештај за својата работа по однос на слободниот пристап не доставија 12 иматели.

Службените лица кај 24 иматели од правните и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес известуваат за својата транспарентност, 9 се делумно отчетни, додека 39 не известија за нивната проактивност во работата. 2 имателa не доставија Годишни извештаи.

Судската власт е прокативна кај 25 иматели, 3 иматели се делумно транспарентни, а 38 не прикажуваат податоци за проактивното објавување на информации од јавен карактер. Агенцијата за 1 имател не може да ја прикаже транспарентноста од причини што истите не доставија извештај во законски предвидениот рок.

Во двегодишниот период на имплементација на Акцискиот план имателите на информации од јавен карактер, во однос на државните институции и Општините во РСМ, ја зголемија својата транспарентност и достапноста до информациите од јавен карактер кои се важни за животот и работењето на луѓето и се намали притисокот за добивање информации преку барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер (во извештајната 2022 година до овие иматели се поднесени 2.458 барања, што е за 160 барања помалку во однос на претходниот извештаен период).

 

Напишете коментар