Скопје, 06 јули 2020
Во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Фондацијата Метаморфозис во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, спроведе дводневна онлајн обука за отворени податоци. Обуката се одржа на 29 и 30 јуни 2020 година.
На обуката учествуваа членовите на тимовите за отворање на податоците од Министерството за локална самоуправа, Државната комисија за спречување на корупција, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности и Државниот пазарен инспекторат.
Обуката за отворени податоци имаше за цел да го унапреди знаењето и вештините на лицата кои ќе работат на отворање на податоците во нивните институции.
Во рамките на дводневната обука учесниците имаа можност да се стекнат со напредни познавања за концептот и придобивките на отворени податоци и за техничките аспекти за отворени податоци, вклучувајќи формати на отворени податоци, платформи за отворени податоци, структура на податочни сетови, димензии на квалитет на податоци и техники за филтрирање и анонимизација на податочни сетови. Во текот на обуката членовите на тимовите за отворање на податоците од државните институции се здобија со напредни познавања за процесот на идентификација, каталогизација и приорeтизација на податочни сетови, како и практично знаење за процесот на објавување на податочни сетови на порталот data.gov.mk.
Обуката за отворени податоци е дел од активностите кои се спроведуваат за обезбедување на техничка поддршка на определени институции во процесот на отворање на нивните податоци.
Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петгодишна иницијатива, со буџет од 9.4 милиони долари, и претставува водечка програма на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија за зајакнување на дијалогот помеѓу граѓаните и власта во однос на значајни прашања од јавен интерес.
Министерство за информатичко општество и адмиистрација