На 19 декември 2023 година се одржа осмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година.
На седницата активно учество земаа 9 членови и 2 заменици членови на Советот (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации). Гордана Гапиќ Димитровска, ко-претседател на Советот од членовите кои ги претставуваат институциите имаше улога на претседавач на оваа седница.
По усвојувањето на предлог-дневниот ред, беше презентиран Нацрт Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година. Координаторите на работните групи Герман Филков, Дарко Антиќ и Марија Саздевски пред членовите на Советот за ПОВ ги преставија нацрт заложбите подготвени во процесот на ко-креирање. Во оваа фаза на подготовка на акцискиот план беа подготвени вкупно 18 заложби кои се однесуваат на партиципативно донесување на одлуки и граѓанско учество, борбата против корупцијата, правното зајакнување и пристапот до правда, развојот и користење на дигитални технологии и унапредување на активностите за климатските промени. Членовите на Советот за ПОВ имаа можност врз основа на претходно утврдена постапка и согласно Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста на заложбите од процесот на ко-креирање на акциски план за Партнерство за отворена власт со начелата на Партнерство за отворена власт да дадат своја оценка поединечно за секоја заложба.
На седницата беше одлучено нацрт Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година да биде јавно објавен на веб страницата на Министерството за информатичко општество и администрација, порталот за ПОВ и ЕНЕР, се со цел да се даде можност пошироката јавност да се информира и да даде свој придонес во вид на мислење и коментари.
* * *
Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.
Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.
Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.
Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.
Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.